Вести
Протест на вработените во Финансии, си ги бараат ветените повисоки плати

Вработени во Министерството за финансии на 1 февруари, излегоа на протест за време на паузата пред зградата на Министерството. Тие протестираат оти министерот за финансии Фатмир Бесими ја поништи одлуката да им се зголемат јануарските плати за 30 отсто.
Реагираше и Синдикатот на УПОЗ. Од Синдикатот велат дека министерот ги повлекол решенијата за повисоки плати што работниците веќе ги добиле. Според синдикатот тој направиле кривични дело иго прекршил законот.
Министерството за финансии претходно ја правдаше одлуката за повисоки плати со стравувањето дека ќе останат без вработени, бидејќи си давале откази, оти зимале најниски плати. Но одлуката во ова Министерство платите да се зголемат за 30 отсто предизвика револт кај другите министерства.
Од Министерството за финансии потоа прецизираа дека сепак ќе има зголемување на платите за „стручните и професионални кадри, да останат во институцијата и да се спречи одливот на кадар, кој се случува изминатите години“.
„Примената ќе ја регулираме со допрецизирање на одредбата од Законот за Буџети или со самиот Закон за систем на плати во јавниот секторот, кој е во завршна фаза на подготовка како системско решение ва рамки на јавниот сектор“, соопшти Министерството.
види ги сите денешни вести
Олимпискиот комитет препорача враќање на руските и белоруските спортисти, но под неутрално знаме

Раководството на Меѓународниот олимписки комитет препорача враќање на руските и белоруските спортисти на натпреварите како поединци, под неутрално знаме кое нема врска со вооружените сили.
Претседателот на комитетот, Томас Бах, рече дека комитетот им препорачува на меѓународните федерации и организаторите на меѓународни спортски натпревари дека „спортистите со руски или белоруски пасош мора да се натпреваруваат само како индивидуални неутрални спортисти“.
Сепак, говорејќи по првиот ден од состанокот на Извршниот одбор на комитетот во Швајцарија, Бах истакна дека комитетот дополнително ќе одлучи дали Русите и Белорусите ќе можат да учествуваат на Летните олимписки игри 2024 година во Париз и на Зимските олимписки игри во Италија „во соодветно време и без да биде врзан за резултатите од претходните квалификации“.
Исклучени ќе бидат „спортистите кои активно ја поддржуваат војната“, како и оние кои се „под договор со руската или белоруската војска или агенциите за национална безбедност“.
Бах истакна дека санкциите против „одговорните за војната, руските и белоруските власти“, мора да останат во сила – што значи дека овие земји не можат да организираат меѓународни спортски натпревари на нивна територија.
Дополнително, „никакви знамиња, химни, бои или какви било други средства за идентификација на овие земји не смеат да бидат истакнати на кој било спортски настан, а тоа се однесува на целата локација“.
Се додава дека „ниту еден руски или белоруски државен функционер не може да биде поканет или акредитиран на кој било меѓународен спортски натпревар“.
Тој исто така рече дека целото олимписко движење стои зад напорите „да им се помогне на украинските спортисти што е можно повеќе, за да можат да испратат силен тим“ на претстојните Олимписки игри.
Спортистите од Русија и Белорусија беа исклучени од меѓународни спортски натпревари по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Сепак, олимпискиот самит на 9 декември ја остави отворена вратата за нивно учество на натпреварите и покрај војната.
Украина тогаш се закани дека ќе ги бојкотира игрите, додека министрите за спорт на повеќе од 30 земји се противат на враќањето на спортистите од овие две земји на натпреварите.
Претседателот на комитетот во своето обраќање беше категоричен во отфрлањето на можноста за политичко влијание во автономијата на спортските организации при одлучувањето кој ќе учествува на натпреварите што ги организираат.
Комисијата даде негативно мислење за употреба на името „Цар Борис III“ во називот на бугарскиот клуб во Охрид

Комисијата за употреба на имиња на личности даде негативно мислење за употреба на името Цар Борис III во називот на Здружението за афирмација на културните вредности на македонските бугари Цар Борис III Охрид.
На денешната седница Комисијата, како што информираат од Министерство за правда, даде негативно мислење за употреба на името Цар Борис III во називот на Здружението за афирмација на културните вредности на македонските бугари Цар Борис III Охрид.
„Заклучокот од седницата ќе се проследи до министерот за правда кој ќе треба да донесе решение по претходно добиеното негативно мислење од Комисијата“, се вели во соопштението.
Комисијата, како што се додава во соопштението, смета дека евентуалното именување на здружението со таков назив предизвикува тензии и нетолеранција во целото македонско општество.
„Се наведе дека тој е одговорен за злосторства извршени за време на бугарската окупација на Македонија во Втората светска војна, при што се ликвидирани стотици граѓани. Посебно беше потенцирано мислењето дека неговата соработка и сојузништво со Третиот рахј и нагласената антисемитска политика се најдиректно одговорни и за депортацијата и екстерминацијата на илјадници Евреи од Македонија во логорот на смртта Треблинка“.
Законот за здруженија и фондации забранува граѓански здруженија, фондации и политички партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, Третиот рајх и сл. Има ретроактивно дејство и се однесува на веќе регистрираните здруженија и фондации и предвидува оние што нема да постапат според наведените измени, да се бришат од регистарот откако одлука ќе донесе министерот за правда.
Гир: Важно е да се зграпчи моментумот и да се оди напред кон евроинтеграцијата

Прашањето на уставните измени е суверено право на Северна Македонија и таа треба да одлучи. Во однос на Уставот, важно е да видиме какви се точно предлозите и откако ќе бидат подготвени во нацрт верзија, да следи дебата за тие предлози. Обврската е да се внесат луѓето кои се самоидентификуваат како Бугари во Уставот. Тоа е нешто што дополнително ќе ја консолидира земјата која веќе има добро досие во однос на меѓуетничките односи. Ова го истакна евроамбасадорот Дејвид Гир запрашан за уставните измени.
„Она што го гледаме во моментов е моментум, не само тука во Северна Македонија, туку исто така и во регионот и пошироко. Минатата година видовме дека беше понуден кандидатски статус на Украина, Грузија, Молдавија и на БиХ, како и отворање на пристапните преговори со вас и со Албанија. Значи постои моментум, а патот е напред. Затоа е важно да се зграпчи тој моментум и да се оди напред заедно со другите земји во тој процес. На земјата е да одлучи, се надеваме дека ќе напредувате. Никој друг не стои на патот, нема вето, нема блокади, следниот чекор е во рацете на земјава. Во однос на скирнинг процесот веќе кажав дека одлично напредувате“, рече Гир.
Внесувањето на Бугарите во Уставот е услов да може земјата да почне да ги отвора поглавјата во преговорите со Европската унија. За да се направат измени на Уставот е потребна поддршка од две-третини од пратениците во македонското Собрание, кое брои 120 членови. Македонија 19 години е во чекалната на ЕУ. На 22 март 2004 земјата поднесе барање за членство во Европската унија.
Најмалку 39 мигранти загинаа во пожар во близина на границата меѓу Мексико и САД

Во пожарот што го запалија мигрантите во знак на протест против очекуваната депортација, загинаа најмалку 39 лица во мексикански имиграциски центар во близина на границата со Соединетите држави, соопштија тамошните власти.
Пожарот избувна пред полноќ во објектот на Националниот институт за миграција (ИНМ) во Сиудад Хуарез, по што беа мобилизирани пожарникари и амбулантни возила. Според ИНМ, најмалку 39 имигранти загинале, а 29 се повредени во центарот, во кој биле сместени 68 возрасни мажи од Централна и Јужна Америка.
Мигрантите сами го подметнале пожарот за време на демонстрациите откако дознале дека ќе бидат депортирани, изјави мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор.
„Тие ставија душеци на вратите од засолништето и ги запалија во знак на протест, но не ни помислуваа дека тоа може да ја предизвика оваа страшна трагедија“, изјави тој за новинарите.
Претходните денови во овој објект беа приведени голем број мигранти откако локалните власти уапсија улични продавачи, од кои дел беа странци.
Сиудад Хуарез, соседен град Ел Пасо, Тексас, е еден од пограничните градови каде се заглавени многу мигранти без документи кои бараат азил во САД.
Новите мерки на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, воведени во февруари, значат дека мигрантите прво мора да аплицираат за азил во една од земјите низ кои минуваат на пат кон САД, или да аплицираат онлајн преку апликација на американската влада .
Околу 200.000 луѓе се обидуваат да преминат од Мексико во САД секој месец. Повеќето се од Латинска Америка и наведуваат дека сиромаштијата и насилството во нивните земји се причината поради која бараат азил.
Бугарските власти се сомневаат дека Русија стои зад дојавите за бомби

Бугарските власти велат дека истражуваат потенцијални терористички акции поврзани со Русија, кои треба да ги попречат претстојните предвремени парламентарни избори закажани за 2 април, откако денеска втор ден по ред десетици училишта во Бугарија беа затворени поради дојави за бомби.
Министерство за внатрешни работи на Бугарија соопшти дека се сомнева дека Русија можеби стои зад дојавите за бомби со цел да го попречи гласањето во април, бидејќи повеќето избирачки места низ Бугарија ќе бидат сместени со училишта, а вршителот на должноста министер за внатрешни работи Иван Демерџиев рече дека слични формулирани закани биле испратени и до училишта во други земји претходно.
„Она што ни се случува во последно време се случува во многу европски земји“, изјави вршителот на должноста министер за внатрешни работи, Иван Демерџиев, додавајќи дека истрагата на министерството го зема предвид можниот хибриден напад со потекло од Русија.
Демерџиев рече дека партнерските агенции на ЕУ и САД и помагаат на Бугарија во нејзините напори да го лоцира изворот на заканите.
Членката на ЕУ и НАТО, Бугарија е меѓу земјите кои воведоа санкции против Русија по нејзината неиспровоцирана инвазија на Украина, и оттогаш Кремљ ја смета за непријателска земја.
Запрашан за тоа како властите ќе постапат ако продолжат заканите со бомби за време на изборниот ден на 2 април, Демерџиев рече дека „изборниот процес ќе биде прекинат само ако има веродостојна закана“. Демерџиев рече дека властите планираат да ги разгледаат процедурите со кои се оценува сериозноста на заканата пред да ги евакуираат јавните институции.
„Во рок од неколку дена ќе биде подготвена промена на протоколот за дејствување во вакви ситуации. Во оваа фаза немаме потврдени информации за изворниот извор на заканите со бомби кон бугарските училишта“, рече Демерџиев.
Манолева: Во тек е стручен надзор за смртта на шестгодишната Јана

Во тек е стручен надзор, а во меѓувреме се очекува извештајот од обдукцијата за смртта на шестгодишното девојче во битолската болница, по што може да се каже која била причината за смртта на девојчето, изјави денеска на собраниска седница заменик-министерката за здравство Маја Манолева.
Манолева одговараше на прашање на пратеникот Петар Ристески од ВМРО-ДПМНЕ, кој рече дека некој мора да сноси одговорност доколку ја има за смртта на девојчето.
„Завршен е вонредниот инспекциски надозр на Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ), во тек е стручен надзор кој го иницираше Министерството за здравство, а во меѓувреме се очекува и обдукциониот наод којшто треба да ја даде точната причина за смртниот исход на шестгодишното девојче. Согласно сите овие информации и по доставување на институциите дури тогаш можеме да кажеме за каква причина за смрт за шестгодишното девојче се работи“, рече заменик-министерката за здравство, Манолева.
Шестгодишната Јана од битолското село Кравари почина на 22 март на детското одделение во битолската болница, откако била донесена на преглед со симптоми на настинка. Според изјавите на нејзините блиски, детето во болницата дошло поради покачена температура и дијареја, при што му била дадена инфузија.
Родителите на девојчето се сомневаат дека детето не било соодветно третирано и велат дека и покрај покачениот шеќер во крвта, девојчето примало инфузија со гликоза по што шеќерот се покачил на 19.
По смртта на девојчето, ДСЗИ направи вонреден инспекциски надзор во болницата, по што информираше дека во лекувањето на Јана не биле констатирани неправилности во рамки на нивните надлежности.
Под слоганот „Правда за Јана“, утре од 19 часот на плоштадот „Магнолија“ во Битола ќе се одржи протест поради смртта на шестгодишната Јана која почина пред една недела на Детското одделение во битолската клиничка болница.
Република Српска со нов закон ќе бара финансиски извештаи од непрофитни организации

Владата на Република Српска предложи нов закон со кој наметнува обврска за непрофитните организации да поднесуваат финансиски извештаи и им дава право на властите на БиХ да испратат инспекции до тие организации. Ова го потврди министерот за правда Милош Букејловиќ во видео порака од 28 март.
Нацртот на овој закон беше одобрен од Владата на седницата на 23 март.
Според електронскиот регистар на здруженија и фондации, околу 25.600 невладини организации во моментов работат во Босна и Херцеговина. Од нив, повеќе од 7.500 се регистрирани во Република Српска. Нема информации колку од нив се финансирани од странство.
Министерот за правда изјави дека Предлог-законот за посебен регистар и јавност на работата на непрофитните организации во РС предвидува обврска овие организации да ги проследат своите финансиски текови до Министерството за правда. Тој појасни дека извештајот за финансиските текови треба да го содржи износот префрлен на непрофитните организации, назначувањето на исплатувачот, како и начинот на кој овие средства се трошеле полугодишно и годишно.
„Министерството за правда ќе продолжи да го проследува за да се изврши еден вид надзор над законитоста на работата“, рече Букејловиќ.
Тој најави и дека со законот „ќе се воведе еден вид инспекциски надзор кој се врши еднаш годишно“. Како што рече, целта е „спречување на злоупотреба на непрофитни организации“.
„Тоа се организации кои преку нелегални парични текови ги користат овие средства за еден вид социјално уништување, дестабилизација и евентуално финансирање на терористички организации“, рече Букејловиќ.
Усвојувањето на предлог законот наиде на низа реакции. Канцеларијата на ЕУ во Босна и Херцеговина очекува властите во Република Српска да ги повлечат предложените закони за воведување кривични санкции за клевета и контрола на невладините организации.
Исто така, се вели дека одлуката на Владата на РС да го усвои Предлог-законот за посебен регистар и јавност на работата на непрофитните организации е „подеднакво жалење, бидејќи дополнително ја ограничува работата на граѓанските организации и со тоа и остварување на слободата на здружување и собирање“.
Предлог-законот следеше откако претседателот на Република Српска, Милорад Додиќ најави воведување на терминот „странски агент“ во законот.
Најавата на Додик доаѓа откако на 7 март Транспаренси Интернешнл Босна и Херцеговина оцени дека не добиле одговор на жалбата дека претседателот на РС е во конфликт на интереси веќе една година.
Во оваа организација тоа го поврзуваат со „фактот дека членовите на семејството на Милорад Додик, кој врши јавна функција, добиваат значителни субвенции од буџетот на ентитетот“. Пријавата беше испратена до Комисијата за одлучување за судирот на интереси на Босна и Херцеговина во март минатата година, додека Додиќ беше член на Претседателството на Босна и Херцеговина.
Обвинителството отвори предемет за надзорот врз коридорите 8 и 10д

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција соопшти дека по новинарските извештаи за изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д, со цел да ги провери наводите што се изнесуваат во јавноста, отворило предмет по допрен глас.
„Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, кој презема дејствија и ќе изврши проверки, по што ќе донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката“, велат од ОЈОГОК.
По објавите во медиумите во однос на компаниите вклучени во конзорциумот ИРД што беше избран за надзор, Антикорупциската комисија веќе најави дека ќе ги провери наводите.
Автопатите што треба да ги гради Бехтел и Енка, уште не почнати, се соочуваат со скандали. Прво се заобиколија закони и се донесе нов закон „во четири очи“ за таа цел. Имаше проблеми и со изборот на надзор. Првиот обид пропадна поради руска врска, а и вториот се поврзува со скандали. Премиерот Димитар Ковачевски, денеска повтори дека што и да утврдат надлежните за коридорите 8 и 10д Владата ќе постапи согласно со наодите.
Убиени две лица во исмаилистички центар во Лисабон

Најмалку две лица се убиени во напад со нож во исмаилистички центар во Лисабон, соопшти полицијата. Напаѓачот кој бил вооружен со голем нож, бил застрелан и приведен од полицијата. Пренесен е во болница.
Полицијата му наредила да се предаде, но тој тргнал кон нив и бил „неутрализиран“, се вели во полициското соопштение.
Премиерот Антонио Коста изјави дека полицијата пукала во осомничениот и дека нападот бил „криминален чин“.
„Сè укажува на тоа дека ова е изолиран инцидент“, рече Коста, без да даде детали.
Нема информации за идентитетот на убиените. Премиерот додаде дека полицијата го истражува нападот и дека е премногу рано да се шпекулира за мотивот.
Шиитските Исмаили муслимани, попознати како Исмаили, припаѓаат на шиитската гранка на исламот, според нивната веб-страница. Исмаили муслиманите се културно разновидна заедница која живее во повеќе од 25 земји ширум светот, се вели во извештајот.
Португалија нема регистрирано никакви значајни терористички напади во последните децении, а религиозното насилство е речиси нечуено.
Главните преговарачи на Србија и Косово следната недела во Брисел

Главните преговарачи на Србија и Косово следната недела ќе се сретнат во Брисел, потврди портпаролот на Европската унија (ЕУ) Петер Стано.
Како што рече Стано, Бесник Бислими од Приштина и Петар Петковиќ од Белград доаѓаат на покана на европскиот олеснувач „да го презентираат сето она што е договорено во Охрид и да ги започнат следните чекори кон имплементација“.
Средбата на главните преговарачи е прва по средбата во Охрид, на која претседателoт на Србија, Александaр Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти се договорија за спроведување на Договорот за нормализација на односите.
Двајцата претходно на крајот на февруари во Брисел го прифатија европскиот предлог за нормализација на односите.
Дека средбата на главните преговарачи ќе биде првиот чекор кон процесот на спроведување на сето она што беше договорено во Охрид, потврди и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, во минатонеделното интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Стано истакна дека Европската унија веќе го започна својот дел од работата поврзана со вклучувањето на Охридскиот договор во поглавјето 35 во пристапните преговори меѓу Србија и ЕУ.
Тој потврди и дека во иднина ќе има средби на највисоко политичко ниво, но дека Брисел ќе го најави одржувањето на тие средби кога ќе има потреба.
Ковачевски: Директорот на МТВ треба да каже зошто нема сигнал во Бугарија

Премиерот Димитар Ковачевски планира да закаже состанок со директорот на Македонската телевизија за да се види каков договор е потпишан, како оди сигналот надвор и каква услуга добива нашиот национален сервис во делот на емитувањето на програмата во други држави.
„Ова е прашање што мора да му се постави на директорот на Македонската телевизија и раководството, бил раскинат договорот за сервисот преку кој можат да го преземат сигналот други држави од Македонската телевизија. Тие склучиле некаков договор кој технички треба да се објасни, давателот на услуги не овозможува бесплатно симнување на сигналот од страна на оператори во други држави. Проблемот е креиран од порано“, рече Ковачевски.
Тој најави дека за ова прашање планира да свика состанок со директорот на МРТ на кој ќе присуствуваат и други институции за да се види каков договор потпишале, како оди сигналот надвор и каква услуга добива нашиот национален сервис во делот на емитување на програмата во други држави.
„Да провериме дали и во други држави има можност да се симне сигналот на Македонската телевизија и таму да биде гледан од страна на нашите граѓани“, рече Ковачевски.
Според Договорот за пријателство со Бугарија, националните телевизиски канали треба да емитуваат програма како во Македонија, така и во Бугарија. Тоа засега не е случај, бидејќи МТВ не се емитува во Бугарија.
За проблемот уште пред една година пишуваше РСЕ, откако во заклучок на Програмскиот совет на МРТВ, слабиот интернет сигнал се наведува меѓу причините за неемитувањето на македонската телевизија во бугарскиот етер.
Османи: Механизмите за санкции на САД се важни во нашата борба со корупцијата

Министерот за надворешни работи Бујар Османи не знае кои личности ќе се најдат на црната листа на САД, но вели дека сака Соединетите држави да помогнат во справувањето со корупцијата и организираниот кримнал.
„САД ја имаат целата наша поддршка и барање да ни помогнат во справувањето со корупцијата и организираниот криминал, како еден од најглавните ризици за стандардот на граѓаните, но и за стабилноста на земјата“, истакна Османи на денешната прес-конференција за време на министерскиот состанок на Иницијативата „САД-Јадранска Повелба“
Османи додаде дека право на Владата на САД, која има повеќе различни механизми за санкционирање, е да презема мерки кон оние што ги загрозуваат мирот и стабилноста во регионот, не ги почитуваат Охридскиот и Преспанскиот договор и кои се вклучени во организиран криминал и корупција.
Кон крајот на минатата година американски тим на санкции беше во посета на земјава, но за тоа повеќе детали не излегоа во јавност. Во исто време државниот врв потврди дека не се исклучува актуелни функционери да се најдат на листата со санкции на Соединетите Американски Држави (САД).
Кремљ: Русија ќе продолжи да бара истрага за „Северен тек“

Кремљ соопшти дека ќе продолжи да бара меѓународна истрага за експлозиите што ги оштетија гасоводите „Северен тек“ под Балтичкото Море минатата година, откако не доби поддршка за истрага во Обединетите нации.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков рече дека сите треба да бидат заинтересирани за непристрасна истрага за да се откријат виновниците.
Русија денеска не успеа да го натера Советот за безбедност на ОН да побара независна истрага за експлозиите во септември кои ги пукнаа гасоводите „Северен тек“ што ги поврзуваа Русија и Германија и исфрлија гас во Балтичкото Море.
Северен тек 1 носеше руски гас во Германија додека Москва не ги прекина испораките на крајот на август 2022 година. Северен тек 2 никогаш не стапи во употреба бидејќи Германија го суспендираше својот процес на сертификација непосредно пред Русија да ја нападне Украина, на 24 февруари 2022 година.
Експлозиите на Северниот тек Гасоводите 1 и 2 се случија на 26 септември. Русија тврди дека САД стојат зад нападот. САД го негираат тврдењето.
Маричиќ: Не е разговарано за друга интервенција во Уставот

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ изјави дека нема никаков договор ниту е разговарано за каква било друга интервенција во Уставот, освен за впишување на Бугарите, Црногорците, Хрватите и другите етнички заедници кои тоа го бараат.
Вицепремиерот во изјава за Дојче Веле, вели дека фокусот мора да е ставен на уставните измени кои произлегуваат од Преговарачката рамка со ЕУ.
„Некои прашања може да се решат и со идни процеси на уставни промени“, посочува Маричиќ.
Според Маричиќ, отворањето на нови прашања и други теми надвор од првичната цел за промена на Уставот донекаде биле и очекувани.
„Не е првпат да слушнеме предлози, барања или пакет измени кои би биле предложени во случај на отворање на Уставот. За секоја тема која има значење за граѓаните може да се отвори општествена дебата, но, фокусот мора да е ставен на обврската која сме ја презеле во Францускиот предлог, кој е преточен во нашата преговарачка рамка и сите треба да сме насочени кон тоа“, нагласува Маричиќ.
Ако сакаме да успееме со уставните измени, подвлекува тој, процесот мора да биде фокусиран на оние теми важни за брза интеграција во ЕУ.
Македонија и Бугарија водат долгогодишен идентитетски, јазичен и историски спор, поради кој се блокирани и македонските евроинтеграции.
Дојави за бомби во училишта во Сараево

Неколку училишта во Сараево се евакуирани откако добиле дојави за псотавени бомби, потврдија за баканскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) од Министерството за внатрешни работи на кантонот Сараево.
Поради дојавите за поставени бомби во неколку училишта во кантонот Сараево, наредена е превентивна евакуација на училиштата, а се вршат проверки од страна на полицијата, соопшти Министерството.
„Полицијата работи по наредба на обвинителството и во моментов не можеме да зборуваме за точниот број училишта кои се загрозени, ниту за бројот на училишта кои се евакуирани“, рече Мерсиха Новалиќ, раководителка на Одделението за односи со јавноста на Управата за полиција за РСЕ.
Таа додаде дека меѓу првите биле евакуирани училиштата во општина Центар во Сараево.
„Ние сме на терен и собираме информации. Ги преземаме сите неопходни мерки и дејствија што се предвидени за вакви случаи. Известен е и дежурниот обвинител“, рече Новалиќ.
Повеќе информации ќе имаат по собраните податоци.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете