Достапни линкови

Предметот „Тортура“ повторно ќе се отвори, Судот денеска не донесе пресуда


Љубе Бошковски на завршните зборови во Основниот суд Скопје 1 за предметот Тортура
Љубе Бошковски на завршните зборови во Основниот суд Скопје 1 за предметот Тортура

По десет години по скандалозното приведување на политичарот Љубе Бошковски, за Судечкиот совет не се разјаснети сите работи и повторно ќе го отвори предметот. Судот денеска не донесе пресуда за предметот „Тортура“.

Повторно ќе се следат рочишта за да се дадат одговори на прашањата кои го „мачат“ судот за тоа дали поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков е вионовен во предметот „Тортура“. Во Судот денеска се очекуваше пресуда за мачење и нечовечко постапување при приведување на политичарот Љубе Бошковски веднаш по парламентарните избори во 2011 година. Судијката Александра Ристеска во својот говор во судницата посочи дека Судечкиот совет едногласно донел одлука„постапката да се преотвори“, односно да се разјаснат некои прашања кои во досегашното повторно судење не биле објаснети доволно добро.

„Остана неодговорено прашањето по видот, карактерот и обемот на употребената сила, закана и отпор. Имено, овие поими кои се дејствија на извршување на кривичното дело и кои претставуваат предмет на поднесеното обвинение останаа неразјаснети во целост, поради што во моментов постои фактичка пречка за донесување на мериторна одлука од овој Судечки совет“ изјави Ристеска.

Обвинителството затекнато од одлуката на Судот

Обвинителот Љубомир Лапе истакна дека е затекнат од денешната одлука на судот, бидејќи реши да не донесе пресуда за случајот „Тортура“, туку одлучи да го преотвори случајот.

„Очекував осудителна пресуда и сум затечен од оваа одлука. Јас се консултирав со колеги, по новиот ЗКП, еве и тие не наведоа ваква судска пракса. Судот не не задолжи со насоки, но очекувам дека тоа ќе биде сторено во писменото образложение. За мене е јасно што се случило, затоа и сум останал на обвинението, но да го почекаме решението на судот“ изјави обвинителот Лапе по завршувањето на денешното рочиште.

Првообвинет за тој предмет е поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков. Станува збор за предметот Тортура на поранешното Специјално обвинителство.

До сега Мијалков е осуден на 12 години казна затвор за предметот Таргет Тврдина, односно за незаконското масовно прислушување, потоа 8 години затвор за набавка на британска опрема за следење на електронската комуникација за УБК и 3 години затвор за предметот на СЈО „Титаник 2“, кој се однесува на изборни измами.

На обвинителна клупа во изминативе 50-тина рочишта седеа Мијалков и шест припадници на сега поранешната полициска единица „Алфа“ поради начинот на кој е изведено апсењето пред ресторанот „Воденица“ . Првото рочиште за Тортура беше закажано во март 2018 година. Мијалков е обвинет дека апсењето на лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Бошковски е спроведено под негова наредба со цел политичко понижување на неговиот противник.

please wait

No media source currently available

0:00 0:08:15 0:00
Директен линк

Бошковски e уапсен по изборите во 2011 година за нелегално финансирање на кампањата и беше осуден на пет години затвор. Пред изборите Бошковски во кампањата жестоко го напаѓаше тогашниот директор на УБК Мијалков. Во тогашното обвинителство под капата на Марко Зврлевски достави пакети со документација за имотот и бизнисите на Мијалков во Прага.

„ Наши сознанија говорат дека јахтата е купена преку сомнителни панамски фирми за малиот диктатор и неизбежниот Искендер Мијалков. Ние знаеме колку често летал до Чешка, а сега очигледно сакаат да се скријат во меѓународните води. Нема да ви дозволиме со пари украдени од македонскиот народ да се луксузирате низ светот бандо криминална, Летај Саша!!“ изјави од партиска говорница Бошковски на последниот митинг пред изборите на 5 јуни 2011 година.

„Кампања“,се врати на повторно судење, 10 години по апсењето пред ресторанот „Воденица“, под сомнение за нелегално финансирање на изборната кампања. Причина за тоа беше барањето на Бошковски, а еден од аргументите на адвокатскиот тим на Бошковски е пресудата на судот од Стразбур донесена на 4 јуни лани со која беше констатирано дека на Бошковски му биле прекршени правата на фер судење во однос на повикувањето и испитувањето сведоци. Во време на владеењето на сега опозициската ВМРО-ДПМНЕ на Бошковски му се судеше и за случајот „Ровер“ кој неколку пати беше враќан на повторно судење.

Што тврдеше обвинителството и како се бранеа обвинетите

Обвинителот Љубомир Лапе во завршните зборови на предметот „Тортура“ во судницата истакна дека припадниците на Алфите, делувајќи под команда на Мијалков извршиле кривично дело мачење и нечовечко или понижувачко казнување за што според ЗКП бара да им се додели казна затвор од три до осум години.

„За првообвинетиот Сашо Мијалков како особено отежнителна околност дека истиот е веќе осудуван“, рече обвинителот Лапе во завршен збор.

Тој во завршните зборови укажа и на дел од незаконски снимените прислушувани разговори во кои, како што вели, се гледаат сите елементи на кривичното дело и доколку се вкрстат со исказите да сведоците на апсењето и одбраната на обвинетите, се доаѓа до како што рече „несоборлив заклучок“ кој е нарачателот и кои се мотивите за ваквото апсење на Љубе Бошковски и кој фактички раководел со самата акција.

„ Комплексноста на кривично правниот настан во својата суштина опфаќа повеќе дејствија – од првичната непотребна употреба на прекумерна сила, легнување на земја, малтретирање, понижување и омаловажување пред камера, но и свесното и интензивно прикажување на оваа постапка пред широк аудиториум, а со јасна и директна намера на комплетно и апсолутно лично и политичко уништување на политичкиот противник, жртвата во јавност“, рече Лапе.

„Тортура“ - нов случај на СЈО
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:48 0:00

Од друга страна пак, адвокатскиот тим на Мијалков својата одбрана во завршните зборови ја темелеше на ставот дека БЈБ, а не УБК ја водело акцијата за лишување од слобода на Љубе Бошковски. Нема ниту еден доказ дека поранешниот шеф на УБК поттикнал нечовечко апсење на Бошковски во 2011 година, рекоа во судницата адвокатите на Мијалков.

„Според доказите на адвокатите, БЈБ како дел од МВР, а не УБК единствено можела и била овластена да ја планира, организира и врши акцијата за лишување од слобода на Љубе Бошковски онака како што е преземена. Според нив за тоа доказ е и утврдената хиерархија на делот од МВР во која припаѓа единицата Алфа“, изјави адвокатот Петар Василев.

Одбраната смета дека обвинението за случајот се темели на претпоставки и бараше Судечкиот Совет добро да ги разгледа доказите пред носењето на конечната одлука. Адвокатскиот тим побара од Судот ослободителни пресуди за поранешниот шеф на УБК и шестмината обвинети од единицата „Алфа“.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG