Достапни линкови

Детали од „бомбите“ во случајот „Тортура“


Љубе Бошкоски пред Суд за случајот „Тортура.“

Со слушање на 35 дополнителни аудио снимки, судењето по предметот на СЈО „Тортура“ ќе продолжи на 20 септември, на кое по барање на обвинителката Лиле Стефановска јавноста ќе биде исклучена поради можна повреда на приватноста.

Денеска во судот се слушнаа прислушувани разговори како докази на СЈО, во кои се слушаше гласот на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков како на соговорниците им кажува дека е уапсен Љубе Бошковски, а во дел од нив бара да се пуштат снимките од апсењето без цензура на лицето.

Во раговороте се слушнаа и гласовите на новинарката Оливера Трајковска и бизнисменот Јордан Камчев каде првично Трајковска не го одобрува апсењето, но подоцна во разговорите се слуша дека таа вели дека тоа е во ред бидејќи Бошковски извршил кривично дело.

Мијалков од сопственикот на телевизија Канал 5, Емил Стојменов, и од уредникот на ТВ Сител, Драган Павловиќ-Латас бара веста за апсењето да се врти на телевизиите, а тие му ветуваат дека тоа ќе биде актуелно повеќе дена.

Сашо Мијалков во разговор со брат му Влатко му кажува дека Љубе за ова дело ќе добие минимум осум години и дека вечерта во „Шутка“ ќе му пушти некој „надарен“.

Во еден од разговорите меѓу поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и тогашниот портпарол на МВР Иво Котевски се слуша како Јанкуловска му кажува на Иво да не ги пуштаат снимките каде се гледа насилното приведување на Бошковски, оти Котевски ја информираше дека постоела снимка каде обвинетиот Ивица Антевски-Пуки му ставил пиштол во уста на Љубе.

Одбраната на обвинетите на почетокот на судењето побара да се исклучи јавноста за овие разговори, но Судскиот совет по паузата одлучи да се слушнат сите разговорите освен четвртата сника, којашто на следното рочиште ќе се слуша без јавност.

Во предметот на СЈО „Тортура“ обвинети се поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот командант на единицата „Алфи“ Ивица Антевски и петмина припадници на единицата, за апсењето на лидерот на Обединети за Македонија Љубе Бошкоски. Според обвинението, прво обвинетиот Сашо Мијалков ги навел останатите обвинети при апсењето на Бошкоски во 2011 година душевно да страда поради политичка одмазда за упатени пораки на изборна кампања.

XS
SM
MD
LG