Достапни линкови

Поголемо мнозинство или раситнета ДУИ, што ќе ѝ донесе Таравари на власта


Со најавата за влез на Алијанса за Албанците во власта не се согласуваат дел од помалите партии од владејачката коалиција како и тројката пратеници од Огнената група на ДУИ. Засега само Павле Трајанов јавно истакна дека нема да поддржи реконструкција на, како што вели, непринципелна Влада.

Забрзан пат кон Европа со проширување на владината коалиција со Алијанса на Албанците или ситнење на пратеничката група на ДУИ во Собранието. Што ќе донесе најавениот влез на Алијансата за Албанците во владината коалиција е прашањето што се поставува. Премиерот Димитар Ковачевски потврди дека Алијасна има изразено политичка волја за европски концепт на државата.

„Дали ќе влезе во Владата постојат шанси за тоа, како што кажаа и другите политички лидери. Дали ќе се случи тоа зависи од политички договор од два аспекта- едниот е програмски а другиот кадровски. Додека не се случи такво нешто, не може да зборуваме со сигурност дека ќе има уште еден владин партнер“, изјави денеска Ковачевски.

Додека се чека на детали од преговорите за влез на Алијанса во владината коалицијата, помалите партии се бунат, тврдејќи дека таква одлука може да го разниша пратеничкото мнозинство.

Пратеникот од владејачкото мнозинство Павле Трајанов вели дека ако предлогот за владина реконструкција со нови министерски позиции за Алијанса за Албанците се стави на маса во Собранието, тој нема да поддржи таква, како што вели, непринципиелна влада.

„Тоа е неодговорна стратегија што се конципира. Не ни треба проширување на парламентарното мнозинство, или ова ќе профункционира или ќе се оди на избори. Не може сега за кои било случувања во партијата алтернатива да биде вклучување на Алијанса на власта, тоа ќе донесе незадоволство кај граѓаните, затоа што нема да биде одраз на соодветна и правична застапеност во составот на Владата. Одговорноста е на ДУИ пред се, да си ги консолидира редовите“, вели Трајанов.

Поддршка за проширување на владината коалиција не даваат нити тројцата пратеници од таканречената „Огнена група“ од ДУИ Изет Меџити, Кастриот Реџепи и Мерита Колчи Коџаџику. Меџити смета дека ако одлучат да влезат ќе бидат патерица на вицепремиерот Артан Груби, и додава дека конечна одлука за тоа дали тие ќе гласаат за избор на министри во владата од партијата на Арбен Таравари ќе ја соопштат кога неговото влегување во владината коалиција ќе биде официјално објавено.

„Прво ќе чекаме на одлуката, долго време зборуваат дека ќе влезат во Влада, па нема да влезат. Прво чекаме јасен став од нивна страна, па после ние ќе се изјасниме околу тоа. И да влезат не се работи за стратешки цели, не се доаѓа ни со нив до бројка од 81, мнозинството и сега функционира со 64 пратеници, пратениците Албанци без разлика од која позиција се ќе гласат за уставните промени и стратешки прашања. Не се работи за стратешки интерес на државата, туку за дневна политика и обид да се спаси Груби и владиниот состав сегашен“, вели Меџити.

Според последната изјава на лидерот на ДУИ Али Ахмети, парламентарното мнозинство е стабилно, иако постои тенденција за „да се прошири тоа мнозинство и да се создаде една алијанса за Европа“. Но, политичкиот бунт на таканаречената Огнена група од ДУИ во која се и тројца актуелни пратеници Изет Меџити, Кастриот Реџепи и Мерита Колчи Коџаџику, укажува на можни промени во политичките математики.

Алијанса за Албанците има осум пратеници, тројца пратеници од ДУИ се против нивниот влез во Собранието, додека Трајанов додава и дека незадоволство од таквата најава тивко пројавуваат и други негови колеги, чии имиња нема да ги спомне. Собранието е исправено пред предизвикот да донесе уставни измени за да почнат преговорите за интеграцијата во Европската унија, за што се потребни се 81 пратеници, а владејачката коалиција во мометов брои само 64. Уставните промени се потребни за влез на Бугарите во Уставот на С.Македонија со цел Бугарија да дозволи почеток на преговорите со Брисел.

Меџити вели дека засега парламентарното мнозинство е стабилно и функционира со 64 пратеници. Но, пратеникот Трајанов не се согласува со таквото тврдење затоа што, како што вели, Собранието е блокирано, седници не се закажуваат затоа што одредени негови колеги од мнозинството го опструираат.

Според потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, седници на собраниската агенда во изминативе две недели нема, затоа што голем дел од пратениците се болни од вирус, дел од пратениците се на службени патувања надвор од земјава и дека тоа е клучната причина поради која досега не се закажани седници.

„Двајца од пратениците од Огнените се присутни во Собранието, еве на последната и Кастриот присуствуваше, колку што јас знам, немаме проблем со кворум од политички причини. Едноставно некои пратеници се болни, некои се во странство. Се надевам дека следната недела ќе имаме седница“, вели тој.

За Трајанов, тоа не е реалната причина.

„ Не може да се обезбеди мнозинство во овој период, еден бил болен, друг во странство, некој за зимување со децата. Тоа не се реални оправдувања, реалната состојба е дека не може да се обезбеди мнозинство, постојано се одложуваат“ објаснува Трајанов кој стравува дека внатрепартиските битки во ДУИ може да се прелеат во Парламентот.

Во меѓувреме, партиската битка во владејачката партија не застанува. И двата табора се растрачани на терен на средби со граѓани, ама и разменуваат по некој „отровен збор“ едни за други.

Огнената група не се откажува од барањата од лидерот на ДУИ Али Ахмети да ги смени министрите затоа што не си ги исполниле ветувањата. А за Ахмети дебатата за отчетот на министрите на ДУИ е завршена, дециден е дека нема да им го исполни барањето за смена на Груби, но и дека нема да бара ни „Огнените “ поради жестоките судири да си заминат од партијата.

Меџити најави и делумен бојкот на Собранието од страна на тројцата пратеници, тоа значи дека ќе гласаат само државните интереси, како што се уставните измени, но нема да гласаат за како што вели, кој било друг закон.

Од почетокот на годинава во Собранието се оддржаа само неколку шест комисиски расправи и една 15 минутна седница. До крајот на месецот на агендата е запишана уште една седница. Пратенички прашања како што е вообичаено да се одржат во последниот четврток од месецот, за јануари не се предвидени засега во собраниската агенда.

Изминатава година Собранието функционираше со делумна блокада од опозицијата. Заглави изборот на уставни судии, па од планираните три, беа избрани двајца. И по 17 месеци од изготвувањето на законските измени со кои нападот врз новинарите треба да се гони како напад врз службено лице се заглавени во Собрание, а пратениците не дадоа образложение зошто не ги гласаат, иако јавно дадоа поддршка.Законот од даночната реформа како и дел од законоте предвидени со Отворен Балкан се уште се заглавени.

Пред два месеца Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ги повлекла 100-те милиони евра што, како кредит, требало да ги добие македонската Влада за справување со енергетската криза. Според министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, причина за таквиот потег на банката е предолгото чекање да се усвои законот за одобрување на кредитот.

Статистиката на Собранието покажува дека пратениците во изминатата година работеле само 88 дена, во кои одржале 39 нови седници и 50 продолженија на седници од претходната година.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG