Достапни линкови

ДУИ не може да се победи од надвор – Алијанса за Албанците во Влада?


Илустрација: Лидерот на ДУИ Али Ахмети, премиерот Димитар Ковачевски и в.д. претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари

Со влезот во владата, Алијанса за Албанците може да изгуби дел од опозициските настроените гласачи, но од друга страна ќе добие контрола врз дел од јавниот сектор, можност за тендери, вработување на свои приврзаници и подобро позиционирање во пресрет на наредните парламентарни избори во 2024 година

Алијанса за Албанците ќе се консолидира, владата на СДСМ и ДУИ ќе се стабилизира, ВМРО-ДПМНЕ ќе се изолира, а Беса нема многу да профитира. Ова, според аналитичарите Петар Арсовски и Сефер Селими, би бил епилогот од евентуалниот влез на опозициската Алијанса за Албанците (АА) во Владата.

Со влезот во владата, Алијанса за Албанците може да го изгуби „ореолот“ на најжесток противник на ДУИ во албанскиот политички блок, и да изгуби дел од опозициски настроените гласачи, но од друга страна ќе добие контрола врз дел од јавниот сектор, можност за тендери, вработување на свои приврзаници и подобро позиционирање во пресрет на наредните парламентарни избори, кои треба да се одржат во 2024 година.

Премиерот Димитар Ковачевски пред неколку дена се сретна со в.д. лидерот на АА Арбен Таравари. Двајцата не ја отфрлија идејата за влез на партијата во владината коалиција, а лидерот на ДУИ Али Ахмети директно потврди дека се разговара за влез на опозициската партија во владата.

Владината коалиција сега има скромно мнозинство од 64 пратеници во 120-членото Собрание. Осумтемина пратеници на АА би можеле да го стабилизираат владејачкото мнозинство во Парламентот, но тоа нема да го обезбеди потребното двотретинско мнозинство од 80 пратеници за уставни измени и внесување на Бугарите во Уставот, што е главниот услов за продолжување на македонските евроинтеграции.

Таравари добива шанса внатрешно да ја консолидира партијата

Со евентуален влез во Владата, Алијанса за Албанците внатрешно ќе се консолидира, имајќи предвид дека партијата е во криза по изборите за општински советници во Тетово во август, на кои не освоија ниту едно советничко место. По изборниот пораз, партискиот лидер Зијадин Села поднесе оставка, а до изборот на нов, партијата ја води в.д. претседателот Арбен Таравари, кој е и градоначалник на Гостивар. Тој е и фаворит за нов лидер.

Аналитичарот Сефер Селими вели дека од позиција на власт АА најмногу би се фокусирала на Тетово, најголемата и најважна општина за Албанците, за подобро да се позиционира.

„Се покажа дека партиите [на Албанците], што подолго останат во опозиција, толку полесно ѝ е на ДУИ да ги совлада и да ги победи на избори. Тоа се случуваше и со ДПА низ годиниве“, вели Селими.

Во интервју за Фронтлајн од 18 ноември, Таравари вели дека во власта би влегле само ако нема избори до редовните во 2024, инаку не би влегле за само неколку месеци.

СДСМ добива стабилно мнозинство

Со проширување на парламентарното мнозинство СДСМ се ослободува од притисокот затоа што со тенкото мнозинство што го има тешко ги протуркува законите што сака да ги донесе во Собранието.

По средбата со Таравари во саботата, премиерот Димитар Ковачевски рече дека разговарале за европската иднина и за сите одлуки кои треба да се носат во Парламентот со широк политички и општествен консензус.

„Во Собранието има над 130 закони, одлуки, регулативи, кои се блокирани од неодговорното однесување пред се на Левица и на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Ковачевски.

Ахмети се ослободува од притисокот од „огнената група“

Со проширување на владејачкото мнозинство, лидерот на ДУИ Али Ахмети се ослободува од притисокот од таканаречената „огнена група“ во партијата, која се заканува дека може да ја повлече поддршката за одредени законски и кадровски решенија. Пратениците Изет Меџити и Мерита Колчи Коџаџику се дел од „огнената група“, но со нив се и поранешни високи функционери на партијата. Тие се незадоволни од работата на вицепремиерот Артан Груби против кого и јавно реагираа. Алсат ТВ вчера објави дека „огнената група“ се противи на влезот на АА во владата.

Според шпекулациите во медиумите, ДУИ е подготвена да им го отстапи министерството за животна средина на Алијанса. Во партијата веројатно процениле дека губењето на едно министерско место, како и позиции во вториот и третиот ешалон е цената што вреди да се плати заради намалување на притисокот.

Беса не може многу да профитира

На краток рок, опозициската Беса, која има само двајца пратеници во Собранието, но и многу важното градоначалничко место во Тетово, може да профитира, со оглед на тоа што ќе остане единствена партија од албанскиот политички блок во опозиција. Сепак, нивниот ќар нема да биде многу голем, со оглед на тоа што партијата има кадровски и организациски проблеми. Тие имаат моќ во Полошкиот регион, но многу слабо стојат на ниво на целата земја. Може да ја искористат ситуацијата за подобрување на позициите на други места, но неизвесно е колку тоа може да ги зајакне.

ВМРО-ДПМНЕ останува без сојузник во албанскиот блок

Со евентуалниот влез на АА во владата, ВМРО-ДПМНЕ останува без најмоќниот потенцијален сојузник од албанскиот блок во опозицијата. Ќе отапи моќта на партијата за инсистирањето на предвремени избори, и врз нив ќе се засили притисокот за поддршка на уставните измени, под ризик за намалување на коалицискиот потенцијал на партијата и останувањето без можен албански коалициски партнер.

„Во моментов, поради тврдите ставови на ВМРО-ДПМНЕ за евроатлантските интеграции, малку од албанските партии имаат опција за приклонување кон таа партија“, вели аналитичарот Петар Арсовски.

Сепак, и покрај евентуалниот влез на АА, владата го нема потребното двотретинско мнозинство за уставните измени. Доколку сите пратеници од владејачкото мнозинство и сите партии на Албанците гласаат за влез на Бугарите во Уставот, повторно ќе фалат шестмина пратеници од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за неопходното мнозинство од 80 пратеници.

Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ има 44 пратеници, од кои 39 се членови на ВМРО-ДПМНЕ, двајца пратеници се од Социјалистичката партија – Стојан Миланов и Љупчо Димовски, Љупчо Пренџов од ГРОМ, Иван Стоиљковиќ од Демократската партија на Србите и независната пратеничка Гордана Сиљановска Давкова.

Дополнително Левица има двајца пратеници кои се противат на внесувањето на Бугарите во Уставот.

Најсериозниот обид на ВМРО-ДПМНЕ за соборување на владата беше пред точно една година. По излегувањето на Беса од владината коалиција во ноември 2021, ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците, Алтернатива, Беса и Левица заедно собраа 61 пратеници за да изгласаат недоверба на владата. Во последен момент, пратеникот Кастриот Реџепи од Беса ја повлече поддршката за нив и не успеаја да ја соборат тогашната владата на Зоран Заев.

Потоа, на местото на Беса во владата влезе Алтернатива, а Кастриот Реџепи се приклучи на владејачкото мнозинство.

Владејачката Алтернатива евентуално може да остане без министерството за здравство при евентуален влез на АА во владата. Тие не се среќни со тоа, но засега се резервирани во јавните настапи.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG