Достапни линкови

Обединета албанска опозиција има шанси да му се спротивстави на ДУИ


Последните изборни битки за Тетово може да се идникатор за политички промени, но само ако албанската опозицијата се обедини на следните парламентарни избори, велат политичките аналитичари.

Само обединета албанска опозиција може да го загрози тронот на владејачката партија ДУИ, која веќе две децении е дел од власта, велат политичките аналитичари. Последните случувања во Тетово и обвинувањата на градоначалникот Билал Касами од БЕСА дека вицепремиерот од ДУИ Артан Груби спроведува политички реваншизам укажуваат за вжештена политичка битка во албанскиот партиски блок.

Локалните избори за советници во општината Тетово не можат да бидат силен индикатор дека е можно пресликување од локално на централно ниво, но е знак дека се можни некакви промени заклучуваат тие. Според професорот на правниот факултет на Тетовскиот универзитет Башким Селмани ДУИ може да замине во опозиција ако на евентуални предвремени избори се обединат опозициските албански партии и доколку добијат и поддршка од македонска голема партија која ќе сака да и се спротивстави на ДУИ.

„Дел од гласачите на ДУИ не се задоволни, бидејќи тие се група луѓе кои така постапуваа, дел со сила, дел со присила, дел со материјални бенефити и на тој начин знаат како да победат на изборите. Доколку се обединат албанските партии сметам дека можат без проблем да ги победат ДУИ за еден до два пратеника повеќе“, вели Селмани.

Тој додава дека со промената на претседателот на Алијанса за Албанците може да се подобри соработката со другите албански партии, затоа што сами на избори не можат ни да понудат повеќе од тоа што го нуди ДУИ, нити да повлечат дел од гласачкиот „колач“ на нивниот опонент. Причина за тоа е нивното помало политичко искуство како и помалата политичка вмреженост и влијание на микро ниво.

Калајџиев - ДУИ се недопирливи, како заштитени бели мечки
please wait

No media source currently available

0:00 0:12:28 0:00

Дали ДУИ ќе биде детронизирана и на наредните парламентарни избори по две децении да замине во опозиција е можно само со обединување на БЕСА, Алтернатива и Алијанса за Албанците со заеднички пратенички листи, вели политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.

„Не смееме да ја заборавиме Алијанса, иако таа потфрли сега во Тетово, се уште е втора партија по големина кај етничките Албанци. Она што може да го загрози ДУИ е коалиција меѓу БЕСА и Алтернатива, затоа што БЕСА е сега да кажеме силна во Тетово, додека Алијанса има градоначалник Гостивар. Така што, ДУИ може да биде загрозено само ако опозициските партии се здружат и направат заеднички политички опозициски фронт“ вели Божиновски.

Тој додава дека Алтернатива се дел од владата и постапуваат посебно, па за можна коалиција ќе зависи и нивното делување во предизборната кампања.
„ Иако е тешко да се направи Коалиција од Алтернатива и БЕСА затоа што произлегуваат од една партија. Но доколку успеат да ги надминат разликите и доколку имаат заеднички опозициски фронт против ДУИ тогаш ќе може да говориме за реална можност да се загрози позицијата на ДУИ, но доколку одат посебно, не верувам дека ќе успеат“, објаснува тој.

Според Селмани, една од причините поради која Беса доби мнозинство во Советот во Тетово е незадоволство на граѓаните од ДУИ во однос на недостигот на одговорност и правна разрешница за двете најголеми несреќи во земјава изминатава година, пожарот во тетовската модуларна болница, и сообраќајната несреќа во Бугарија со автобус на „Беса Транс“.

Дополнително во игра на наредните парламентарни избори е и прашањето за почитување на таканаречениот „мајски договор“. Станува збор за договор од 2007- ма година, според кој владата ја сочинуваат партиите-победнички во двата етнички кампуса. За Божиносвки овој договор „умре“ со коалицијата на ДУИ и СДСМ во 2017 година, што значи дека и остава простор на партијата која ќе освои повеќе пратенички места да го избере својот партнер во владината коалиција.Па, како што вели, ако на изборите вкупниот број на пратенички места од албанскиот опозициски блок е барем приближно близок до бројот на пратеници на ДУИ, можни е и таа опција.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG