Достапни линкови

Владата се фали со капитални инвестиции, опозицијата критикува проекти нема


Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за транспорт Благој Бочварски на увид во градежни активности на тунелот Фариш на експресниот пат кон Прилеп, 28 11.2022
Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за транспорт Благој Бочварски на увид во градежни активности на тунелот Фариш на експресниот пат кон Прилеп, 28 11.2022

Владата се пофали дека лани имало рекордни капитални инвестиции. Тоа е така во апсолутна вредност, но тука треба да се има предвид и рекордната инфлација, односно истите пари сега вредат помалку. Опозицијата, пак, обвинува дека владата повеќе се задолжува отколку што инвестира.

Премиерот Димитар Ковачевски се пофали дека 2022 година била рекордна година според реализација на капиталните инвестиции, и оти оваа година ќе биде уште подобра. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагира дека владата троши пари, а инфраструктурни проекти нема. За опозицијата, поразително е што нивото на капитални инвестиции е помало од буџетскиот дефицит, односно владата повеќе се задолжува отколку што инвестира во инфраструктура.

Премиерот Ковачевски рече дека минатата година за капитални трошоци биле потрошени околу 465 милиони евра, односно реализација од скоро 90 проценти од планираното. Тоа навистина е рекордна сума во апсолутна вредност, но тука треба да се има предвид и рекордната стапка на инфлација во изминатата година, која во декември достигна скоро 19 проценти, што е една од причините за зголемувањето на сумата за инвестиции. Истите пари сега вредат помалку од лани.

На почетокот на 2022 година беа планирани 620 милиони евра, со ребалансот се скратија на 530 милиони евра, и на крај беа реализирани 465 милиони, што е помалку од 75 проценти од првично планираното. Претходната 2021 беше подобра во таа смисла, затоа што беа реализирани 380 милиони евра, но тоа беше над 97 проценти од првично планираното.

Владата со години на почетокот на годината планира високо ниво на капитални инвестиции, и се фали со развоен буџет, но со ребалансите тие пари ги пренаменува за други трошоци, па на крај реализира околу две третини од скратеното. Капиталните инвестиции од 2017 до 2021 година се движеле од 200 до 380 милиони евра годишно, а реализацијата била 50 до 74 проценти од првично планираното. Исклучок е 2021 кога реализацијата надмината 97 проценти.

Анализата на институтот за економски истражувања и политики Фајнанс тинк од почетокот на годинава покажува дека „без оглед на почетната проекција, моменталниот капацитет за реализација на капиталните расходи се движи до 450 милиони евра годишно“.

Премиерот Ковачевски вели дека може и подобро од тоа.

„Ако се има фокус, ако се работи посветено и ако се има волја, тогаш нема недостижна цел, и тоа е за сè во животот, па така и во реализацијата на капитални инвестиции“, рече Ковачевски.

За оваа година се предвидени рекордни 790 милиони евра за капитални трошоци. Меѓу главните проекти предвидени за годинава се изградбата на пругата кон Бугарија, автопатот Тетово – Гостивар, почнување на работи на автопатот Гостивар – Кичево, автопат од Струга до границата со Албанија, патот Прилеп – Битола, а до крајот на годинава треба да заврши изградбата на автопатот Кичево – Охрид, а се прави и првата фаза од 2 километри од автопатот од Скопје кон Косово.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека Ковачевски постојано ги најавува истите капитални инвестиции како „автопатот Кичево – Охрид, автопатот од два километри кон Косово, железнички пруги и слично“. Оваа година ги нема ветувањата за нов Клинички центар во Скопје кој претходно се најавуваше, велат во ВМРО-ДПМНЕ.

„Владата на Ковачевски ниту има капацитет ниту знаење да реализира капитални проекти во државата. Тие единствено што знаат е да ги трошат народните пари“, реагира ВМРО-ДПМНЕ.

Изградба на мост на автопатот Кичево - Охрид
Изградба на мост на автопатот Кичево - Охрид

Автопатот Кичево – Охрид почна да се гради во 2014, а требаше да биде готов во 2018 година. Потоа беше потпишувани анекси со кој цената му се зголеми за над 200 милиони долари и достигна 772 милиони долари, а рокот за изградба се продолжува. Автопатот од 2 километри од Блаце до границата со Косово се гради веќе три години, а според првичните најави требаше да биде готов во 2021 година. Изградбата чини над 14 милиони евра. Владата најавува дека годинава ќе се распише тендер за останатите 10 километри до Скопје, кои се покомплицирани за изградба. Пругата кон Бугарија почна да се гради уште во 90-тите години од минатиот век, но беше прекината.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG