Достапни линкови

Медиумите никако да им се погодат на властите


Прес-конференција на премиерот Димитар Ковачевски.
Прес-конференција на премиерот Димитар Ковачевски.

Политичарите етикетираат медиуми, фелата осудува, а опозицијата вели дека власта им објавила војна на медиумите. И претходниците на сегашниот премиер Димитар Ковачевски „оценуваа“ работа на медиуми, а тоа жестоко го правеше некогашниот премиер Никола Груевски.

Со оценки и етикетирање за уредувачката политика на одредени медиуми во рок од два дена излегоа и премиерот Димитар Ковачевски и најголемиот коалиционен партнер во Владата, Али Ахмети. Тоа пак, наиде на осуди од медиумските здруженија и организации, а опозицијата, пак, оцени дека Ковачевски и Ахмети им објавиле војна на медиумите.

И Дејан Георгиевски, претседател на Центарот за развој на медиуми го осудува таквото однесување. Тој вели дека политичарите сакаат да го диктираат јавниот дискурс и да избегнат критика, но дека некакви граници треба да постојат, а овие изјави ги надминуваат тие граници.

„Треба да се надеваме дека ситуацијата нема да ескалира и да се врати во времињата на владеењето на Груевски и на неговата групација, фамилија, и на тоа како ги третираа медиумите“, вели Георгиевски.

Ковачевски на прес-конференција на 16 јануари запрашан за коментар за изјавата на Али Ахмети за етикетирање на медиумите, рече дека Ахмети сигурно таа изјава ја дал врз основа на факти, но дека за тоа објаснување треба да се побара од него. Но, како што рече и тој има свое мислење за однесувањето на одредени медиуми.

„Во државата има медиум чијашто уредувачка политика повеќе наликува на компанија која што тргува со енергенси, а има и медиум чијашто уредувачка политика повеќе личи на уредувачка политика на партиски сектор за комуникација“, изјави Ковачевски.

Тој дополни дека транспарентноста на државата во изминатата година откако е на власт била зголемена и дека тој не спомнат конкретни медиуми, а ако некој се препознал тоа е друга работа.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети на 15 јануари, на партиска дебата во Гостивар рече:

„Кому му вршиме услуга со овие движења што се прават? Сигурно дека на непријателите на Албанците. Ракоплескаат, Алфа, Телма, мелма…што се тие. Што, што добија Албанците што се делеа во минатото. Ништо не добија“, коментираше Ахмети. Потоа на 17 јануари, Ахмети рече дека не ги обвинил Алфа и Телма, туку ја изразува загриженоста на повеќето луѓе со кои се среќава.

Политичарите етикетираат медиуми, вели Георгиевски, оти сметаат дека можат да ги истрпат последиците од таквото однесување.

„Производството на непријатели кај нас, но и на други места, е најбрз начин да се одврати вниманието од постоечките проблеми, затоа што им е поважно да ги убедат гласачите, кои им се поважни од медиумите, и зошто одговорноста од политичарите, освен ако не се работи за сериозна корупција или други сериозни дела, нивната одговорност се бара само на избори, а до изборите сметаат ова ќе биде лански снег“, вели Георгиевски.

Друга причина зошто го прават тоа, додава тој, е оти медиумите се во економска криза, а и зошто повеќе ја немаат водечката улога во пристапување до публиката и до гласачите.


Реакции од фелата

На изјавите на политичарите реагираа од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), од новинарското здружение МАН, од синдикатот на новинари, од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Со изјавите се врши притисок кон новинарите и медиумите, тие да е дискредитираат, тоа може да резултира со цензура или пак да не се бават со теми од јавен интерес, велат од ЗНМ.

Премиерот да се воздржи од лични ставови за медиуми побара и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Осуда за изјавите на Ковачевски и Ахмети насочени кон медиумите дојде и од Македонската асоцијација на новинари (МАН), кои сметаат дека се врши притисоци против сите независни професионални новинари и медиуми кои не се под контрола на власта.

Опозицијата критикува, а во минатото со иста пракса

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека Ковачевски и Ахмети етикетираат медиуми само затоа што професионално информираат за реалните состојби во земјата.

„Но, Ковачевски и Ахмети исплашени од поразот кој ги чека на следните избори ја користат и последната алатка за дискредитирање на медиумите чија цел е заплашување и замолчување на јавноста“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Жесток во обраќањето кон медиумите што не му беа по волја беше и долгогодишниот премиер Никола Груевска кој ја предводеше владата на ВМРО-ДПМНЕ, од 2006 до 2016. Во негово време власта беше отворена само за медиуми кои ги сметаше за блиски, многу пари од владини реклами се слеваа само во одредени медиуми, прислушуваните разговори потоа покажаа дека политичари им се јавувале на уредници и „уредувале“ вести, се затвораа медиуми, се делеа медиуми на „ваши„ и „наши“, новинарите протестираа.

И претходникот на Ковачевски, Зоран Заев, дури беше премиер знаеше да етикетира медиуми и новинари. Заев велеше дека „како што некои медиуми имаат демократско право да се наклонети кон некоја политичка опција, така и тој има право да ја нотира нивната политичка ориентација“. А една од изјавите која предизвика сериозни реакции на Зоран Заев како премиер беше поврзана со случајот „Рекет“. Тој во 2019 година одговорајќи на прашања рече дека нема да дозволел „неколку криминалци, еден суетен новинар и да ми извини ЛГБТ заедницата, еден педер, да ја симнат оваа Влада од власт“.

Граѓаните немаат висока доверба во медиумите. Последната анкета на американскиот Меѓународен републикански институт (ИРИ), објавена во декември 2022 покажа дека 7 проценти од испитаниците во голема мера им веруваат на медиумите, додека 20 отсто во голема мера не им веруваат на медиумите.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG