Достапни линкови

Повеќе пари за достоинствен живот, бараат лицата со попреченост


илустрација, лице во инвалидска количка

Лицата со попреченост бараат зголемување на додатокот за попреченост за 35 проценти согласно просечната плата во земјата. Тие се разочарани што и по една година откако протестираа за своите права, оваа парична помош не се зголеми, додека во меѓувреме трошоците за живот драстично пораснаа

Цела година откако лицата со попреченост излегоа на улица и гласно ги кажаа своите барања за подобар живот, дел од барањата сè уште не се исполнети. Додатокот на попреченост остана ист како и пред една година, а во меѓувреме трошоците за живот се зголемија.

Затоа сега од Коалицијата „Менуваме“ бараат покачување на додатокот на попреченост и посебниот детски додаток за 35 проценти согласно просечната плата, како и симнување на старосната граница за деца со попреченост и посебни потреби од 26 на 18 години за остварување на права од социјална и здравствена заштита.

Моника Томчевска е мајка на дете со аутизам. Од државата добива додаток за попреченост од 6200 денари, а личниот асистент за детето во летните три месеци е на товар на домашниот буџет. Таа раскажува дека е речиси невозможно да се помине месецот со толку мали примања.

„Додатокот воопшто не ни стигнува за дел од третманите коишто треба тоа дете да ги посетува, односно покрива само два пати неделно тоа дете да има можност да посетува логопетски и рехабилитациски третман. Но, каде е регулирањето на делот со исхраната? Моето дете јаде безглутенска храна, а таа чини многу повеќе. Потрошувачката кошничка за него изнесува 250 евра, а кога ќе ги собереме и суплементите од странство бидејќи кај нас имаме само мал дел ставени на позитивна листа, трошоците се од 20 до 30 000 месечно“, раскажува Томчевска.

Токму затоа до Министерството за труд и социјална политика, до Владата, но и до Канцеларијата на ЕУ во Скопје, од коалицијата „Менуваме“ упатија барање за средба на која повторно ќе бидат презентирани нивните барања.

Засега средба остварија само со министерот за здравство Беким Сали на која им било ветено дека ортопедските помагала за деца и лица со попречен вид како што се белото стапче, мерач за притисок, мерач за шеќер и топломери за деца и возрасни ќе бидат на товар на Фондот на Министерството за здравство во следните две години. Со оваа одлука се опфатени околу 3.000 лица со попречен вид кои ќе може да ги користат овие права. Меѓудругото им било ветено дека ќе биде создаден и електронски регистар за деца и лица со попреченост кој ќе помогне во делот на користењето на правата на овие лица.

Координаторот на Коалицијата, Суарет Алишан вели дека ова е големо олеснување, но оти сепак не ги решава сите проблеми со кои се соочува оваа категорија на граѓани.

Тој додава дека со нивните барања ќе бидат запознаени и Комитетот за човекови права во Женева за имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп, а до среда писмено ќе се обратат и до Европската Комисија во Брисел, ОБСЕ и до сите меѓународни организации кои се занимаваат со подобрување на правата на лицата со попреченост.

„Ние велиме: дајте да седнеме да се договориме. Ние бараме додатокот за попреченост и посебниот детски додаток да биде 35 проценти од просечната плата. Тоа значи како расте просечната плата, така да расте и додатокот за попреченост. Еве уште еден податок. Во град Скопје има околу 8000 лица корисници на нега од трето лице. Од 2019 година до денеска нема направено порамнување само за корисниците на град Скопје, додека во другите градови ваквото порамнување си го имаат добиено лицата со попреченост“, вели Алишан.

Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска пак, во интервју за Ал Џезеира деновиве изјави дека порастот на минималната плата не треба да го врзуваме со правата за социјална заштита. Таа истакна дека пасивните мерки се важни но, поважно е обезбедувањето на достапност и поголемиот обем на услуги затоа што тоа директно го менува квалитетот на живот на лицата со попреченост.

Од коалцијата „Менуваме“ предлагаат и формирање на Национална агенција за лица со попреченост, преку што ќе се знае какви лица со попречености има во земјава, и кои се нивните вистински потреби. Оттаму најавуваат радикализација на протестите доколку не им бидат исполнети сите барања.

„Од први септември ќе започнеме со дигитална кампања преку која сакаме да го привлечеме вниманието на целиот свет, а потоа и ќе ги радикализираме протестите, излегуваме на улица со шатори и ќе спиеме пред Владата и Министерството за труд и социјална политика. Не може веќе, недозволиво е една држава која претендира за влез во ЕУ да манипулира со 15 000 лица со попреченост кои треба да обезбедат зголемување на некаков вид на додатоци кои ни следуваат,“ вели Алишан.

Минатото лето обидот на овие луѓе да постават шатори пред Собранието и симболично преку кампување да го изразат својот револт, заврши неуспешно откако Град Скопје не им ја издаде потребната дозвола за поставување на урбана опрема. Од Градот тогаш соопштија дека имаат одлична соработка со ваквите здруженија, но дека е нелогично дозволата да биде издадена во истиот ден кога е добиено барањето. За тоа како се одвиваше ланскиот протест погледнете во видеото подолу.

Шатори пред Собрание за помош на децата со посебни потреби
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:45 0:00

МТПС: Обезбедени се средства за покачување на правото на посебен додаток од 15 проценти

Од Министерството за труд и социјална политика соопштуваат дека согласно Програмата за работа на Владата на РСМ за 2022, предвидено е зголемување на правото на посебен додаток за 15 % за сите три категории на корисници на ова право, а измените и дополнувањата на Законот за заштита на децата е влезен во собраниска процедура и дека се обезбедени средства за ова покачување со ребалансот на буџетот.

„Доставена е измена и дополнување на Законот за социјална заштита со која се дополнуваат критериумите за користење на личната асистенција, односно дополнување со комбинираната попреченост, како и намалување на возрасната граница кај правото за траен надоместок за родители кои до 26-тата година се грижеле за дете со попреченост без да биде згрижено во институција, односно намалувањето е од 62 на 60 години за жени и од 64 на 62 години за мажи,“ се вели во соопштението од МТСП.

Од ресорното министерство велат дека е во тек изработка на Регистар за лицата со попреченост на кој се работи во МТСП, воведување на единствен систем на проценка на попреченост и реформа на системот за вработување на лицата со попреченост.

„Државата вреди онолку колку што се грижи за најбеспомошните“
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:46 0:00

Уверуваат дека се обезбедени средства за вработување на 500 образовни асистенти во наставата (218 милиони денари), а со ребалансот се обезбедени средства за дополнителни 225 асистенти, кои им се потребни како поддршка на наставниците во работата со учениците со попреченост.

Оттаму додаваат дека во соработка со други министерства, фондови, здруженија на граѓани се договорени нови права и услуги за оваа година, меѓу кои и: ослободувањето од здравствената партиципација за лицата со попреченост над 26 години во вкупна висина од 16 000 000 денари, измена на правилникот за утврдувањето на список на поправки на ортопедските помагала за покривање на трошоците за сервис и поправка на говорниот процесор, намалување на времето за доделување на ортопедски помагала – чевли од 9 на 6 месеци, промена на критериумите за користење на личната асистенција, односно дополнување со комбинирана попреченост каде доминантна е телесната (која со оваа измена ќе може да ја користат и лицата со церебрална парализа), проверка на усогласувањето на висината на правата со трошоците за живот и други.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG