Достапни линкови

Плаќачите ќе плаќаат уште поголеми даноци


Илустрација
Илустрација

Државата нема пари, оти се задолжуваше за да справи прво со корона , а потоа и со енергетската криза. Кредитите стануваат се поскапи, па затоа сега ќе бараат пари, односно даноци од граѓаните и фирмите, но според економистите, во услови на криза ќе значи нов товар за оние кои веќе плаќаат даноци.

Најголемите даноци се воведувале за време или по секоја голема криза, како после големите војни или за време на „Големата депресија“, вели Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски истражувања, откако власта најави нови даноци за граѓаните и за фирмите од стартот на 2023.

Во време на кризи, парите може да се обезбедат со задолжување, кое ќе оди сè потешко, оти кредитите на светските пазари се сè поскапи, или преку зголемување на даноци, вели тој. Во колумната на министерот за финансии Фатмир Бесими се наведува дека нема да се зголемат даночните стапки, туку ќе се зголеми даночната основа, што практично значи дека нема да има прогресивен данок, вели Јовановиќ.

Јовановиќ - Оданочувањето на хонорарците е тешка катастрофа
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:39 0:00


„Не е спорно што владата конечно сака да направи даночна реформа, проблемот е начинот на кој ја прави оваа даночна реформа. Најголемата грешка е што нема да се воведе прогресивниот данок, односно со тоа што нема да се даночат богатите, тоа значи дека ќе се даночат сиромашните, односно сите останати. Наместо тие пари што ѝ требаат на државата, да ги земат од богатите и големите фирми и од сите оние што имаат, тие ќе ги земаат парите повторно од обичните луѓе, од сиромашните и од малите фирми. Тоа е главниот проблем со оваа даночна реформа“, вели Јовановиќ за РСЕ.

Прогресивниот данок беше еден од столбовите во предизборната програма на СДСМ пред да дојдат на власт, но кратко по воведување на реформата кога дојдоа на власт, ја повлекоа.

Даночни реформи со многу непознати

Со реформата што ја најави Бесими во колумна изминатиот викенд, ќе бидат опфатени данокот на добивка, на личен доход, ДДВ-то, зелени даноци, потоа граѓаните и фирмите ќе треба да плаќаат данок на штедни влогови, ќе се оданочуваат капиталните добивки, се предвидува данок на реинвеститрана добивка, оданочување на хонорарците. Досега власта ги преставила своите идеи пред бизнисмените, а колку и какви ќе бидат даночните реформи допрва треба да се прецизира, за некои даноци ќе треба да се менува и закон.

Но, даночниот експерт Павле Гацов вели дека и со оваа даночна реформа, иако за него сепак тоа е пресилен збор за најавеното усогласување на даночните политики, се избира најлесниот начин, да се зголеми даночниот товар врз оние кои плаќаат данок, а не да намалат сивата економија.

„За жал и овој пат не се прави обид да се зафати неформалната економија која е најголем потенцијален извор на даночни приходи по кој државата не посегнува на системски начин. Работењето на црно со работници кои добиваат некаква форма на државна помош, неиздавањето на фискални сметки, плаќањето во готовина без оданочување, се само некои од формите на неформална економија по која и овој пат државата не посега на системски начин“, вели тој за РСЕ.

Даноците дополнителен товар во услови на криза

Економијата, која беше силно погодена од последиците на коронавирусот, дополнително се влоши со енергетската криза и војната во Украина, кои придонесоа до тоа да има повисоки цени на енергенсите и на храната. Владата во меѓувреме во неколку наврати даваше пакети помош за граѓаните и за стопанството, ја субвенционира струјата и парното, што пак се одрази на јавниот долг, кој го надмина прагот од 60 отсто од Бруто домашниот производ, со што земјата стана високо задолжена.

Гацов вели дека даночните обврзници тешко ќе прифатат повисоки даноци.

„Се чини дека ажурирањето на даночните политики со поголемо зафаќање од даночните обврзници во време на силен ценовен удар врз домашната економија, реален пад на платите и животниот стандард заради високата инфлација, како и високата економска неизвесност предизвикана од нестабилната политичка, енергетска и здравствена ситуација не оди во прилог на подигање на степенот на прифатливоста на најавените даночни политики од страна на даночните обврзници“, вели тој.

Светлечки знак дека треба да се преземат мерки

Бесими во колумната наведува дека во изминатите петнаесетина година, земјава постојано собирала помалку давачки и во однос на регионот и во однос на ЕУ.

„Ова не е сигнал, туку светлечки знак дека треба да се преземат мерки, ако сакаме, прво да се консолидираме, а по долгата и истоштувачка криза и да обезбедиме подобар живот за нашите граѓани“, пишува Бесими.

СДСМ се противеше на оданочување на хонорарци, а сега ќе воведува

Јовановиќ има забелешки за дел од реформите кои се предвидуваат, како што е најавата за повторно воведување на придонеси за хонорарците.


„Такво нешто сакаше да направи и Груевски, односно Ставрески во 2014 и тогаш сегашната влада протестираше против тоа и сега истата таа влада што протестираше против даночењето на хонорарците, вели дека повторно ќе почне да ги даночи хонорарците, тоа е свртување за 180 степени за оваа влада, тоа е тешка катастрофа и од политичка и од економска гледна точка“, вели Јовановиќ.

Со најавите за зголемени даночни трошоци, компаниите ќе имаат сè помали шанси да излезат од кризата, вели Гацов.

„Даночните политики ќе предизвикаат отежнување на работењето, особено на микро бизнисите кои од една страна заради лимитираните маржи за некои производи не можат да остварат доволно додадена вредност, малите и средни компании ќе добијат дополнителен трошок во и така дебелото трошковно портфолио, единствено оние што ќе можат даночниот трошок да го превалат на купувачите/клиентите нема да бидат засегнати“, вели тој.

Во Европа се даночат екстра профитите

Во Европа голема тема е даночењето на екстра профитите, односно оние кои профитирале во кризата, како енергетските и нафтените компании, супер-маркетите.

На пример Велика Британија воведе еднократен данок од 25 отсто за нафтените и гасни компании, за од тие пари да им даде по 650 фунти на најсиромашните граѓани за да може да си ги платат сè повисоките сметки за струја.

Минатиот месец во Будимпешта граѓаните со денови протестираа против новите даночни реформи на Владата на премиерот Виктор Орбан. Се укинуваа различни даночни ослободувања, односно сите ќе плаќаат исти даноци, што, според демонстрантите, ќе ги погоди малите трговци.

А во Чешка за време на кризата, пак, се зголемени даночните олеснувања за одредени категории граѓани, како семејства со повеќе деца, кои сега плаќаат помали даноци.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG