Достапни линкови

Повеќе пари за општините од даноци, но и поголема одговорност за трошењето


Илустрација: Асфалтирање на улица во Битола

Со измените на Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа се предвидува општините да добиваат повеќе пари од собраниот ДДВ и од данокот на доход. Сега има општини коишто речиси целосно се финансираат од владата и воопшто немаат капитални инвестиции.

Општините во Македонија едвај преживуваат, над 70 отсто од парите ги добиваат од владата, а за капитални инвестиции трошат помалку од 20 отсто од буџетите. Има општини коишто речиси целосно преживуваат од владини донации и немаат ниту денар за капитални инвестиции.

Од оваа година, општините треба да почнат да добиваат повеќе пари од приходите собрани од данокот на личен доход и од данокот на додадена вредност, предвидуваат измените во Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа, кои се во собраниска процедура.

Општините досега добиваа 3 отсто од данокот на личен доход. Според измените, годинава ќе почнат да добиваат 4 отсто, догодина 5 отсто, а во 2024 година 6 отсто од парите кои ќе се соберат по основ на овој данок.

Приходите од данокот на додадена вредност се зголемуваат од досегашните 4,5 отсто, на 5 отсто годинава, на 5,5 отсто во 2023 година, и ќе достигнат 6 отсто во 2024 година.

Проценките на владата се дека парите што општините ги добиваат по овие два основи речиси ќе се удвојат до 2024 година, од сегашните 2,8 милијарди денари на 5 милијарди денари.

Буџети на општините и капитални инвестиции
Буџети на општините и капитални инвестиции


Душица Перишиќ од Заедницата на единиците на локална самоуправа вели дека општините треба да добиваат уште повеќе пари за граѓаните да може да добиваат подобри услуги. Таа вели дека се уште не ги видела формулите за пресметки, па не може да коментира што ќе значи тоа.

„Бараме од ДДВ-то да добиваме најмалку 10 проценти, додека од персоналниот данок, согласно искуствата од некои земји од регионот, па и пошироко, мислиме дека треба да добиваме минимум 50 проценти, но владата не убедуваше дека нема можност за сега да се направи толку голем исчекор, ние се сложивме со предложените вредности“, вели таа.

Истражувањата на организацијата Фајнанс тинк покажуваат дека просечно, дури 76 отсто од приходите на општините доаѓа од трансфери и донации од централниот буџет. Најлошо стојат Арачиново, Центар Жупа и Студеничани, чиишто буџети над 90 отсто зависат од донациите од владата, додека најдобро стојат Пехчево, Центар и Чучер Сандево коишто зависат од владата помалку од 50 проценти.

Во просек, 6 отсто од буџетите на општините се полнат од данок на имот, но и тука има големи разлики меѓу различни општини. Буџетите на Центар Жупа, Арачиново, Пехчево и Македонска Каменица зависат од овој данок помалку од 1 отсто, додека во Центар и Карпош над 20 отсто од буџетот се полни од данокот на имот.

Истражувањето на Фајнанс тинк покажува дека само 19 отсто од општинските буџети одат на капитални инвестиции. Најдобра е Пласница со 70 отсто, па Чучер Сандево и Лозово. Најлошо стои Арачиново со нула капитални инвестиции, па Боговиње и Ранковце, коишто трошат еден, односно 2 проценти од парите за капитални инвестиции.

Уделот на данок на имот во општинските буџети
Уделот на данок на имот во општинските буџети


Перишиќ вели дека ако владата навистина реши да им ги предаде надлежностите на општините, тогаш општините може да станат финансиски независни.

„Како пример ќе ви ја посочам Данска, каде што 54 проценти оди кај општините, а остатокот се дели меѓу регионите и централната власт и тоа е нешто за што јас сонувам сите овие години, но навистина сме многу далеку од тоа“, вели таа.

Министерот за финансии Фатмир Бесими рече дека освен повеќе пари, општините ќе добијат и поголема одговорност. Предвидени се активности за реално планирање на приходите и расходите, редовно враќање на долговите, поголема финансиска дисциплина, како и прогласување финансиска нестабилност на општините по сила на закон. Предвидена е и поголема транспарентност.

„Со оваа реформа значително се засилува нивниот фискален капацитет, но и истовремено се задолжуваат на поголема фискална дисциплина, отчетно и транспарентно работење. Односно, како и секаде, со поголема моќ, доаѓа и поголема одговорност“, посочи Бесими.

Планирано е формирање два фонда – Фонд за перформанси и Фонд за воедначување. Општините коишто покажуваат позитивни резултати и имаат повисока реализација на сопствените приходи ќе добијат средства од Фондот за перформанси, а од Фондот за воедначување ќе се обезбедат средства за општините коишто имаат пониски приходи, но имаат добри резултати во прибирањето на сопствените приходи.

Владата во два наврати во изминативе години им префрли 100 милиони евра. Минатото лето им префрли 50 милиони евра од таканаречената „програма ТАВ“. Во 2018 година, владата им даде на општините 50 милиони евра да вратат половина од долговите. Сепак, сè уште има општини кои се презадолжени.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG