Достапни линкови

Недела да биде вистински неработен, а не злоупотребен ден


Продавници, каси и намалување во Скопје
Продавници, каси и намалување во Скопје

Секоја недела илјадници луѓе вработени во трговијата, текстилната индустрија, градежништвото се на своите работни места. Синдикатите наведуваат дека работата во недела, иако е регулирана со закон, се злоупотребува.

Многу граѓани купувањето, особено во трговските центри го оставаат за викенд затоа што за нив тоа е неработен ден кога имаат повеќе слободно време.

Не можам да замислам ден без продавница, рече една скопјанка на прашањето на Радио Слободна Европа што мисли за инцијативата на вицепремиерката Мила Царовска неделата да биде неработен ден. Но, таа вели дека нормално е да им се плати двојно повисока дневница на тие што работат во недела.

„Кој што сака може да работи, јас мислам дека треба, ако сакаме туризам, да бидат отворени продавници и да се плаќа од час. Тогаш се слободни тие што не работат во сабота и во недела и може да ги посетуваат трговските центри и да купуваат. Но, се знае за работа во недела треба да се плаќа како за работа на празник", вели таа.

За неа неделата е неработен ден, но на илјадници вработени во трговијата ретко им се случува да бидат слободни и често овој ден го поминуваат на работните места.

Од тие причини на повеќето им се допаѓа предлогот неделата да стане неработен ден и се надеваат дека државата ќе се обиде да ги смени и потрошувачките навики. Ова со години го бараа синдикатите, но досега немаше расправа на таа тема која најмногу ги засега и вработените во текстилната и градежната индустрија и други гранки поради злупотреби во исплаќањето на дневниците.

Вработена во продавница за облека во еден од трговските центри во Скопје за РСЕ вели дека оваа иницијатива значајно го менува квалитетот на животот.

Со законот за работни односи е пропишано дека работниците мора да имаат еден слободен ден во текот на неделата и дополнителни додатоци за работа во недела. Но, оваа вработена вели дека би сакала со закон да се воведе и спроведе забрана за работа во недела.

„Предлогот е супер, понекогаш и пари не ни требаат, ни требаат слободни денови, ни треба неделата. Речиси секоја недела во месецот работиме, потоа имаме слободен ден во текот на неделата, но неделата ни треба како ден. Како што е за јавна администрација така и за нас да биде“, ни изјави оваа вработена која не сакаше да ни го каже името.

Вработена во продавница за козметика, исто така, ни рече дека сака неделата да биде неработен ден и на вработените да им се овозможи овој ден да му го посветат, како и другите, на семејството.

„Не се работи секоја недела, туку на секои две недели, но така како што се предлага би било поубаво и поприфатливо. Неделите ни се дополнително платени со малку поинакви дневници отколку другите денови во неделата, но верувам дека не е така во голем дел од продавниците. Треба да се подигне свесноста дека и ние имаме семејство и дека на прво место треба да ни е семејството, иако парите се важни за егзистенција. Но, и времето ни е многу потребно“, вели таа.

Сепак, освен што ќе имаат одмор во недела оваа инцијатива кај некои вработени поттикна размислувања колку тоа ќе влијае врз нивната заработувачка. Една помлада вработена во трговијата, вели дека нема ништо против промовирање на потрошувачките вредности за време на викенд, но укажува дека е чесно да им се плати повисока дневница.

„Во недела може да се работи, но да плаќаат би било поферски. Многу често скоро секоја недела сум на работа, тоа е тоа. Кај нас евентуално ако е државен празник по нешто ќе се плати. Во трговски центар секој ден е работен. Но, ако мора да се работи тоа да биде платено“, вели таа.

Мотивот на иницијативата е заштита на работничките права

Главната мотивација при иницирањето на оваа промена за вицепремиерката за економија Царовска, која претходно беше министерка за труд и социјала, е да се заштитат правата на работниците. Од синдикатите бараат забрана за работа во недела затоа што положбата на работниците е лоша и работата во недела, иако е релулирана со закон, е одредба која се злоупотребува од работодавачите.

Трговијата е една од областите каде што недоволно се почитуваат работничките права.

Искуствата на невладината организација „Гласен Текстилец“ покажуваат дека и во текстилната, но и во градежната индустрија, има многу случаи на минимална заработувачка и на прекумерна работа која не се плаќа.

Во последното истражувања направено лани од вкупно 800 анкетирани испитаници мнозинството или 70 насто од вработените од источниот регион на земјата кои се вработени во конфекциите се изјасниле дека не им е платена прекувремена работа или работа на празник и во недела и слично.

Кристина Ампева од Гласен Текстилец вели дека по три години работниците сега имаат поголема минимална плата од 14.500 денари, но оти ако работодавачите им ги плаќаат сите часови што ги изработиле нивната платата би била пореална.

„Добра е идејата зашто во моментов зборуваме само за минимална плата, сметам дека со плаќање по час и со реална евиденција на работно време нема да има манипулација со исплатата на плати што ги има сега. Тоа е зашто системот за евиденција на работно време или она што работниците го велат „чекирање“ со картички или електронска евиденција е во раце на работодавачите и голем дел од работодавачите ги бришат и ги менуваат тие податоци. Кога би имало систем за реална евиденција на работно време кој би бил поврзан со една од институциите нема да зборуваме за исплата на минимална плата, туку за реално исплатен труд на тие работници“, ни изјави Ампева.

Што бараа некои работодавачи?

Неодамна имаше и нови барања на сопствениците на фабриките за текстил во источниот дел на земјата за осум и пол часа на работа, без викенди и државни празници.

Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавачи вели дека во законот за работни односи е посветено многу време за регулирање на работа во недела.

„Нема потреба да се дооптоварува економијата со неработен ден за работниците. Единствена работа која може да ја направиме е да се договараме за надоместоците за тие одработени денови или неработен ден. Ние не може да спроведуваме мерки по примерот на развиените економии зашто кај нас секој денар или секоја изгубена минута ни влијае врз продуктивноста. Потребно е системско управување и нешто да се направи со организацијата“, вели Бошков.

Како неделата е решена во светот?

Иако и во земјите од регионот постојат иницијативи да се забрани работата во недела тоа досега го направи само Црна Гора. Во оваа држава лани на сила стапија законски измени со кои се регулираова прашање.

Многу држави во Европа ја имаат ограничено работата во недела но имаат правила кој може, а кој не може да работи во недела и под кои услови.

Во меѓувреме, некои од скандинавските земји размислуваат за 4 дневна работна недела со идеја дека слободното време значително влијае врз поголема продуктивност и креативност на вработените.

Во државава чекор подалеку отиде партијата ДУИ која во изборната кампања се заложи во петок да се работи со скратено време до 13 часот. Но, од „Гласен текстилец“ велат дека никој не е консултиран за ова.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG