Достапни линкови

Буџет 2020 - Повеќе за плати на наставници и лекари, помалку за наука


Седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет

Државната каса за 2020 година предвидено е да тежи 3, 6 милијарди евра. Фокусот е на зголемените плати во здравството и образованието и на пензиите. Помалку пари има за наука, за високото образование, за изградба и реконструкција на ученички и студентски домови.

Со расправа во матичната собраниска комисија, предлог буџетот за 2020 година и официјално влезе во собраниска процедура. За наредната година е предвидено владата да собере 3,6 милијарди евра, а да потроши 3,9 милијарди евра. Дефицитот ќе биде 283 милиони евра, односно 2,3 проценти од БДП-то. Се очекува раст на економијата од 3,8 проценти.

Опозицијата тврди дека овој буџет е историски најобемен досега и популистички. Власта пак тврди дека во фокусот на планираните средства е човечкиот капитал, односно подобар здравствен, образовен и социјален систем и силна поддршка за раст на реалниот сектор.

Но, доколку се споредат бројките во предлог буџетот за министерството за образование и наука за 2020 година со годинешниот буџет може да се забележи дека се издвојуваат помалку пари за високото образование, за наука, за изградба и реконструкција на ученички и студентски домови. Затоа пак повеќе пари одат за плати на вработени во образование.

Образование- повисоки плати на просветниот кадар, помалку за ученички и студентски стандард

Вкупниот буџет за образование за следната година е проектиран на 26,7 милијарди денари (26.785.938.000) или за околу 11 милиони евра повеќе од годинашниот. Поголемо покачување е предвидено во ставката децентрализација. Годинава за оваа намена имало 14,4 милијарди денари, а сега 16,1 милијарди денари.

За основното образование се одвоени 997.267.000 денари, а годинава имаше 1 милијарда денари. Значи, имаме мало намалување. За средно образование се предвидени повеќе средства од годинава. Тука има 903.475.000 денари, а во 2018 година имаше 849.295.000 денари. Најголемо кратење има кај високото образование, за кое се одвоени речиси 6,2 милијарди денари. За разлика од годинава, имаме речиси 4 милиони евра помалку за високообразовните институции.

Науката повторно не е приоритет на Владата. За наука за 2020 година се одвоени 343.194.000 денари, или речиси 5,5 милиони евра. Годинава имавме околу 415,6 милиони денари, кои со ребалансот спаднаа на 369,3 милиони денари.

Помалку пари во буџетот се предвидени и за ученички стандард и за студентски стандард. За ученички стандард имаме 237.150.000 денари, а за студентски 590.200.000 денари. Кога се во прашање инвестициите во образованието, предвидени се 821.558.000 денари, нешто повеќе од годинава (811.098.000), но повеќе од половината се планирани за изградба на училишни спортски сали во основни училишта (418.849.000 денари).

„Добро е што од една страна имаме издвоено средства за реконструкција и изградба на студентски домови, меѓутоа тоа е значително пониска сума од онаа за изградба на училишни и спортски сали. Значи гледаме дека приоритет повторно не е квалитет на образовниот процес, туку на зголемување на просториите. Загрижува исто така што двојно е намален буџетот за изградба и реконструкција на студентски домови, ова ќе предизвика за дополнително демотивација на студентите да не одат во студентски домови. Исто така, забележуваме намалување на средствата на Државниот Просветен Инспекторат и кај делот за обнова на програми во Бирото за развој на образование, а ова е загрижувачко бидејќи повторно не се става акцент на обновување на содржините од коишто се учи, а знаеме сите дека им е потребно осовременување и фаќање чекор со времето на содржините кои во моментот се учат во училиштата“, вели Стефани Спировска од Младинскиот образовен форум.

Од граѓанскиот сектор велат дека проблем всушност претставува и спроведувањето на предложениот буџет.

„Следната година имаме избори, како ќе се справи министерството ќе следиме, зошто вообичаено во изборна година имаме помала имплементација на буџет. Оваа година гледаме мала разлика, односно помалку финансиски средства кај студентските домови, што нужно не значи дека помалку ќе се направи. Затоа што ако навистина се имплеметираат сите финансиски средства наменети за тоа ќе ги видиме промените. Ни треба јасна стратегија што сакаме да направиме во образованието, а од година на година да бараме што ќе ни биде приоритет во образованието“, вели Блажен Малески од невладината организација Реактор.

Здравство 2020 - фокус на повисоки плати на здравствените работници

Министерот за здравство Венко Филипче деновиве го презентираше Предлог-буџетот за 2020 година. Буџетот за здравството годинава ќе изнесува 7,1 милијарда денари, што претставува зголемување за 634 милиони денари, во споредба со буџетот од минатата година.

„Во изминативе две години, вкупното зголемување на платите за докторите специјалисти е 40 проценти. 20 отсто на медицинските сестри, а 23 проценти на медицинските сестри во Клиниките. 20 отсто повисоки плати имаат и лекарите специјалисти од наставниот кадар, 25 отсто општите лекари и 15 проценти за сите здравствени соработници“, рече министерот Филипче.

За реконструкција и доградба на објектите на јавните здравствени установи се одвојуваат 207.770 милиони денари. За изградба на новите клинички центри во Скопје и Штип се предвидени 812 милиони денари, додека лани за истата ставка беа предвидени 587 милиони денари. Буџетот за 2020 година е поголем во ставката за ретките болести за 42 милиони денари и сега изнесува 527 милиони денари. Зголемени се и средствата наменети за инсулин во висина од 750 милиони денари, за кои пак лани беа предвидени 692 милиони денари. Имунизацијата останува приоритет за 2020 и за таа намена се предвидени 395 милиони денари.

Поранешниот министер за здравство Арбен Таравари, сега градоначалник на Гостивар и член на Алијансата за Албанците, вели дека новиот буџет во здравството предвидува мали зголемувања во капитални инвестиции, а значителни разлики има само кај платите на здравствените работници. Добро е што има зголемен буџет за ретки болести, вели Таравари. Сепак, додава дека приоритет на здравствените власти треба да биде изградба на нови болници.

„Фокусот треба да биде во изградба на нови капацитети во здравството барем во Штип, Тетово, Скопје за да се почне со дисперзија за давање здравствени услуги. Не е нормално 90 отсто од тие услуги да се даваат во Скопје. И втората работа е да има повеќе пари за лекови, односно да се ажурира позитивната листа на лекови“, вели поранешниот министер за здравство Таравари.

Според Таравари, со политиките кои ги креира и води, и оваа власт како и претходната, предизвикува постепено изумирање на јавното здравство, давајќи му предност на приватниот здравствен систем.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG