Достапни линкови

Пациентите со постковид симптоми ги наполнија болниците


илустрација
илустрација

На Клиниката за неврологија која најголем дел од пандемијата хоспитализираше само ковид позитивни, сега лежат пациенти со постковид компликации. Кај некои од нив се влошила хроничната болест, а други пак првпат пројавиле невролошки последици по прележаниот ковид

Иако трендот на заразени лица со ковид 19 е во надолна линија, на Клиниката за неврологија во моментот се лекуваат пациенти кај кои откако го прележале корона вирусот се влошила хроничната болест или пак за првпат после ковидот се појавила некоја акутна невролошка болест. Првиот човек на Клиниката за неврологија професор д-р Иван Барбов вели дека некои од тие компликации се случуваат брзо, односно две до три недели по прележување на болеста, но кај некои невролошки компликации се јавуваат по една година.

„Најчестите компликации се автоимуните болести. Се јавува на пример, влошување на мултиплекс склерозата, но еве гледаме и појава на „полирадикул неврит“ кој всушност се јавува како последица на ковидот. Тоа е акутна болест која се манифестира со слабост во рацете и нозете и се работи за сериозна болест што мора да се лекува. Како постковид симптоми се јавуваат и вртоглавици, главоболки, проблеми со меморијата итн.“, вели професор д-р Иван Барбов.

Замор, главоболки, намалена концентрација, вознемиреност, слабост во мускулите и друго, се симптомите кои ги споделуваат како најчести и многумина кои прележале корона, а се членови на групата за споделување на искуства и совети за ковид 19 на социјалната мрежа фејсбук.

Доктор Барбов сугерира пациентите кои ќе забележат некој симптом кој порано го немале, веднаш да се јават кај матичниот лекар, а тој пак да направи проценка дали треба да бидат прегледани од лекар специјалист.

И матичните лекари забележале симптоми што ги карактеризираат како последица на корона вирусот. Доктор Бојан Трајковски, матичен лекар во приватна здравствена установа вели дека најголем дел од неговите пациенти кои прележале корона сега имаат висок крвен притисок, вознемиреност, невролошки и кардиолошки компликации.

„Кај многу голем дел од пациентите кои порано не се жалеле на хипертензија, сега гледаме такви промени со висок крвен притисок, се јавува една анксиозна состојба која се уште не може да ја средиме посебно кај младите пациенти, потоа дијабетот е една од состојбите која ја забележавме како постковид компликација. Понатаму имаме и пациенти со невролошки заболувања, со миокардитис итн. Но, во принцип станува збор за лепеза од симптоми. Дел од моите пациенти се почесто ги препраќам на интернистички преглед повеќе од порано, се со цел да ги следиме состојбите и доколку е потребно да воведеме хронична терапија“, вели доктор Трајковски.

Најчеста компликација кај белодробниот систем пак, е пневмонијата, односно секундарните бактериски компликации како последица на инфекција со коронавирусот. Многу од пациентите што го прележале ковид-19 се жалат на изнемоштеност, задишаност, отежнато дишење и неможност за извршување потешки физички активности, а некои се жалат и за неможност да се искачат по скали. Ним лекарите им препорачуваат одмор, подолготраен престој во природа и на чист воздух, витаминска терапија, но и здрава исхрана.

Во меѓувреме, пациентите со постковид компликации предизвикаа застој на и онака оптоварениот систем „Мој термин“, па така периодот е речиси невозможно да се дојде до термин за редовен преглед на некои од интерните клиники.

„Бројката на невролошки, кардиолошки, интернистички прегледи се едни од најчестите веќе зголемени прегледи, каде што бројката на пациентите е константна во одредена фаза, зашто што ние на шест месеци до година мора да ги испраќаме пациентите на преглед, за да им ја продолжиме терапијата или доколку е потребно да воведеме нова. Меѓутоа тука веќе гледаме пациенти кои веќе се на хронична терапија да имаат потреба за преглед или побрзо мислење од страна на колега-специјалист“, вели доктор Трајковски.

Од Клиниката за неврологија потврдуваат дека преку системот „Мој термин“ тешко се доаѓа до редовен термин за специјалистички преглед, но дека ургентната амбуланта на Клиниката работи за сите итни случаи и оние кои се закажани со приоритетен упат.

„Ние имаме амбуланта која нонстоп работи. Кога пациентот ќе забележи нови невообичаени симптоми, или некакви парализи, тогаш со приоритетен упат сигурно дека ќе биде прегледан“, сугерира доктор Барбов.

Инаку според статистичките податоци, во годината пред пандемијата, односно во 2019-та бројот на издадени упати бил многу повисок од редовните термини. Во 2022 година со термин вкупно имало 488 147 прегледи, а со приоритен упат над еден милион прегледи. Во интерните клиники минатата година имало над 80 илјади прегледи, а над еден милион прегледи со приоритен упат.

Анализите на Институтот за јавно здравје пак покажуваат дека од почетокот на пандемијата во земјава се заразиле 149 699 мажи или 48,2% од сите позитивни случаи и 160.599 или 51,8% женски лица. Од регистрираните 9 287 смртни случаи во земјава, пак, од почетокот на пандемијата поголем број се мажи.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG