Достапни линкови

КОВИД-19 силно удри по менталното здравје на младите


Илустративна фотографија
Илустративна фотографија

Анксиозност, панични напади, проблеми со спиење се само дел од последиците со кои се соочуваат голем број млади во втората година од пандемијата. Стигмата за менталното здравје сè уште постои.

Почетокот на училишната година со физичко присуство, по една и пол година настава од дома, донесе нови предизвици за Марија Младеновска-Димитровска, училишен психолог во СОУ „Таки Даскало” од Битола. Пандемијата, карантините и излолацијата оставија белег врз менталното здравје кај децата, забележува таа.

„Најалармантно во моментов се ми се чини се паничните напади и анксиозноста поради пандемијата и најчесто заради тие причини доаѓаат. Меѓутоа доаѓаат и заради проблеми со учењето и концентрацијата, голем дел до децата велат дека иако учат, не можат да учат. Лани многу изгубија со онлајн наставата, и се ова што сега се случува, цели класови одат во изолација на онлајн поради заразен наставник или ученик, значи сето тоа е многу стресно и прилично хаотично“, објаснува психологот.

Ковид-19 ги погоди младите на специфичен начин, кратејќи им ги дружењата и социјализацијата, во време на страв и неизвесност. Сето тоа, забележува психологот, доведе до фрустрации и конфликт кај младите. Затоа и обемот на нејзината работа со учениците се зголеми.

„Обично поради проблеми со учењето и отсуство од училиште, најчесто поради тоа ги упатуваат во психолошката служба, иако причините се сосема други. Значи потребна е поголема свесност и јавно промовирање на тоа да се побара навреме стручна помош заради се ова што се случува“, смета Младеновска-Димитровска.

И Александра Филипова, од Националниот младински совет на Македонија, забележува дека менталното здравје кај младите е сериозен проблем. Дека имаат потреба од помош покажал и интересот за советувањата кои тие ги понудиле во текот на пандемијата. Затоа смета дека се потребни повеќе сервиси за млади, но и помош за училишните психолози, кои забележува дека наместо да се трупаат со бирократски активности, треба да работат директно со младите.

„Самото тоа што живееме во потрадиционално општество влијае на тоа менталното здравје да е табу. Мислам дека треба да се поработи на нови сервиси и услуги коишто би биле секогаш бесплатни за младите, за да се чувствуваат дека може да си ги обезбедат и дека може да се да обратат за секоја ситуација до тие сервиси. А колку почесто младите имаат пристап до такви сервиси и се обраќаат до нив, толку помалку ќе има стигма “, вели Филипова.

Пораки од младите за младите
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:53 0:00

Последната Национална стратегија за унапредување на менталното здравје беше донесена пред пандемијата, за периодот 2018-2025 година. Сепак и во неа се нотира проблемот до пристап на сервиси за младите и специфично е посочено дека во измината деценија значително се намалени ваквите сервиси, без план за нивен развој. Дополнително се посочува фактот дека половина од сите случаи на нарушување на менталното здравје започнуваат во детството до 14 година, а 75% до 24 година од животот. Сепак, само 20% од младите кои имаат потреба од третман го добиваат, при што постои околу 10 години период на одложување на третманот од почетокот на симптомите, дури и во високо развиените земји. Затоа последната стратегија предвиде отворање шест центри за ментално здравје на млади во Скопје, Битола, Тетово, Куманово, Штип и Струмица. Според акцискиот план нивното отворање требаше да се случи до 2020 година, заедно со отворањето дневни болници за деца и млади во рамки на Клиниката за психијатрија и Заводот за ментално здравје во Скопје. Оддолжувањето на нивното отворање Стојан Бајрактаров, директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија во Скопје го правда со недостигот на кадри за работа во нив.

„Она што во моментов функционира се Скопје и Битола, се прават напори. Работите се на доста ниско ниво во последно време. Меѓутоа, за да направиме такви центри претходно ни требаат капацитети. Значи не е само да отвориш институција, една од најбитните работи е човечкиот капитал, професионалната структура“, вели Бајрактаров.

За таа цел отвориле нова специјализација и супспецијализација на Катедрата за психијатрија при Медицинскиот Факултет за детска и адолесцентна психијатрија. Вели дека сега излегуваат првите кадри, па се надева дека процесот набрзо ќе се откочи. Свесен е дека децата и младите беа сериозно погодени од пандемијата, пред се преку затворањето на училиштата. Тоа, потенцира, остави силни последици во нивниот психо-социјален развој.

Дел од младите и сами се екипираа за да добијат и дадат помош. Годинава многу работа имаше советувалиштето за студенти од Медицинскиот факултет, во кое волонтира Милка Мукаетова. Сега е трета година студии, а вели дека имала среќа што кога тргнала на факултет, првиот семестар го следела со физичко присуство, непосредно пред да букне пандемијата. Вели дека многу потежок овој процес им бил на следните две генерации кои наставата ја следат главно онлајн, што смета дека е сериозен предизвик за менталното здравје.

„Анксиозност, нервоза, трема, проблеми со спиење... Некогаш е само збунетост, чувство на изгубеност, во тој поглед можеби изолираност еве конкретно како последици на пандемијата. Нив им е потребно повеќе поддршка во тоа дека се чувствуваат сами и изолирани. Едноставно да се почувствуваат дека се дел од нешто и некој да им каже дека се ќе биде во ред, нормално е да се чувствуваш така“, вели Мукаетова.

Периодот на пандемијата таа го исполнила со куп волонтерски активности, прво онлајн, а потоа офлајн. Смета дека тоа ја спасило да го зачува сопственото метално здравје и да биде од корист на заедницата.

Еден од бенефитите што ги донесе пандемијата е што многу повеќе се зборуваше за менталното здравје“, вели студентката.

Менталното здравје се најде како тема и во документот „Млади во криза 2.0“ издаден во март минатата година од страна на неколку здруженија, каде се наведува дека пандемијата предизвика големи проблеми. Како можни решенија се посочуваат подобрување и поголема достапност на психолошката поддршка од страна на стручните служби во училиштата, како и обезбедување телефонски линии на национално ниво. Неколку вакви линии беа отворени од почетокот на пандемијата, но во моментов функционира само една достапна за млади на бројот 072 912676. Нуди психолошка поддршка за деца на училишна и предучилишна возраст и нивните родители, а е во склоп на Клиниката за психијатрија.

Сепак, психолозите реагираат на отсуството на институционална поддршка, посебно поради тоа што дел од нив во пандемијата се организираа за давање бесплатни советувања и психотерапии, за кои објаснуваат дека се доста исцрпувачки. Интересот за нив кај младите останува голем, забележува Младеновска-Димитровска.

„Државата да смогне сили институционално да добиеме поддршка, услугите на психолозите да одат преку Фондот за здравство. Затоа што менталното здравје е многу важно за нашиот живот. Ние не можеме да имаме здраво општество, ако немаме здрави поединци ментално. Посебно во кризни ситуации како што е пандемијата“, вели таа.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG