Достапни линкови

Зошто е кревко здравјето на македонските граѓани?


Пациенти и медицинари на Клиника
Пациенти и медицинари на Клиника

Македонските граѓани најмногу умираат од васкуларни болести и рак, а Ковид 19 дополнително го погоди и онака пократкиот животен век на македонските граѓани. Пандемијата ги покажа слабостите на здравствениот систем, ама и тоа дека е кревко здравјето во земјата каде граѓаните „крпат“ за живот.

Македонија е меѓу земјите со најмногу починати од Ковид 19 на милион жители, со недоволни вложувања во превенција на болестите, но и здравствен систем кој не успева да одговори на барањата на граѓаните.

Сепак, и тука ги има оние што успеваат здрави и витални да влезат во деведесетите години. Како Ѓоко Кондратенко. Има полни 88 години. Често вози велосипед, а понекогаш и автомобил, но само за низ град. Не е љубител на одењето на лекар, ама редовно ги пие лековите за превенција од болести за кои има ризик. Цел живот се занимавал со спорт и планинарење, ама се жали дека последниве години синовите му забраниле да скија. Затоа сега многу пешачи и редовно се дружи со пријателите. Сака да си пивне и ракиичка, ама умерено. Вели дека така го чува здравјето.

„Не сум бил оптеретен со тоа ќе умрам нема да умрам, да се чувам, да пазам, да јадам ова... Се си јадам умрено, си пијам по малце и многу водам сметка да си се дружам. По спортот сум, одам и сега точак терам, со помлади печурки собирам, поретко на планина одам, ама обично по изохипса гледам да одам кога сум на Водно или Маврово, не по угорници. Не трчам, ама шетам. По три, по пет километри. Пијам по една, две ракии на ручек. Навечер ретко пијам зашто така препорачуваат за постариве, дека не требало навечер да се пие“, вели Ѓоко.

Сепак, неговите 88 години се далеку од очекуваниот просечен животен век во Македонија. Според последните податоци на „Евростат“, тие за 2019 година, очекуваниот животен век на македонските граѓани е 76,6 години. Во просек жените се очекува дека ќе живеат подолго од мажите, односно 78,6 години. Кај мажите просекот е 74,7 години.

На ниво на ЕУ пак во 2019 година, очекуваниот животен век во просек е 81 година, ама се движи од нешто над 75 години во Бугарија до 84 години во Шпанија. Сепак во пандемиската 2020 година во повеќето европски држави има пад. Исклучок се скандинавските земји и Кипар, а за Македонија нема податоци.

Ама затоа има податоци за смртноста од Ковид -19 кои не се ни малку розови. Македонија е меѓу водечките земји по смртност, со околу 5000 смртни случаи на милион жители. Пред нас се Перу и Бугарија, а друштво на врвот на оваа листа ни прават Босна и Херцеговина и Грузија.

Според епидемиологот Александар Стојанов, кој беше долгогодишен директор на Центарот за јавно здравје, македонското здравство тешко се справи со овој вонреден предизвик.

Вели дека и пред епидемијата бевме земја со многу починати од рак и високи бројки на срцеви заболувања. Причините за големата смртност ги гледа не само во тоа што луѓето недоволно се грижат многу за своето здравје, туку и генерално во нискиот животен стандард и стандардот на самиот здравствен систем.

„Е не може со години да ги намалувате најразните програми во здравството, а да имате добра здравствена политика, да биде населението поздраво. Значи се уште е се со некакви врски за да дојдете до преглед, до лекар. На село луѓето порано имаше поразвиена мрежа на селски амбуланти, сега колку е тоа развиено, колку е тоа покриено ... и така на секој чекор калираме. Сакаме секојпат да се споредуваме со Европа, а со ништо не сме заслужиле да се споредуваме, ни по стандард, ни по општо образование, по ништо“, разочаран е Стојанов.

Александар Стојанов, епидемиолог: Македонското здравство со години калира
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:15 0:00
Директен линк

Лекот е превенција, ама го нема

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на умрени лица во Македонија во пандемиската 2020 е зголемен за 26 % во однос на претходната година, при што умреле вкупно 25 775 лица. Просечната возраст кај умрените од машки пол е 71.6 години, а кај жените е 4 години повисока, односно 75.3 години.

Борјан Павловски, од здружението „ЕСЕ“ кое работи на истражувања од областа на здравството, сериозно е загрижен поради податокот што во Македонија лани смртноста била 38% поголема од очекувањата. Ова за него е доволен показател за несоодветната здравствена состојба на граѓаните.

„Клучно секаде е да се инвестира повеќе во превентивната здравствена заштита, односно да се спречи појавата на заболувањата. За жал од нашата работа досега увидовме дека превентивната здравствена заштита не е приоритет на Министерството за здравство на нашата држава, бидејќи повеќе од една деценија буџетот за превентвна здравствена заштита изнесува само 9% од целиот буџет на Министерството. И покрај нискиот буџет, секоја година Министерството крати по околу 10% процнти од овој буџет“, вели Павловски.

Дека не се инвестира доволно во превентивната здравствена заштита покажале и нивните истражувања. Така на пример, само 5,6% од жените во 2020 година биле опфатени со скрининг за рак на грло на матка, а помалку од 1% за скрининг рак на дојка. Ова за Павловски е недозволиво. Реагира и на недоследности и бетониран буџет за превентивната програмата за заштита на здравјето на мајките и децата, отсуството на едукација за здравјето и јавни кампањи за превенција на болести.

Во тоа делумно ја лоцира и причината за отсуството на доверба во вакцините за Ковид 19. Така, додека западните држави стигнаа до бројки од над 70% вакцинирано население, Македонија каска со своите 40% вакцинирани.

„Многу често сме сведоци, тоа и нашата анализа го покажа, дека државата многу често инвестира во скапа опрема и скапи апарати кои што се потребни, меѓутоа повеќе треба да се инвестира во превентивата за да нема ниту потреба од толкаво користење здравствени услуги“, смета Павловски.
Најголема причина за смрт во земјава се болестите на циркулаторниот систем, и тоа во околу 42 %. Следи ракот (неоплазмите) со 15 %, а трета причина е Ковид - 19 со скоро 11 %. Во 2019 година, пред пандемијата, од болестите на циркулаторниот систем починале скоро 52%. Неоплазмите биле втори, со 18,6 проценти, според извештите на Институтот за јавно здравје.

Пандемијата го кутна здравствениот систем

Специјалистот по семејна медицина, Никола Панделиев секојдневно се среќава со пациенти кои имаат висок холестерол и притисок, дијабет, срцеви проблеми.

„Најмногу можеби може да се каже дека пациентите го ценат здравјето откако ќе им се случи некое заболување. За жал има некоја тенденција на се порано јавување на некои хронични заболувања како хипертензија или дијабет, коишто се многу поврзани со животниот стил, односно начинот на исхрана, физичката активност и слично. И за жал среќаваме се почесто состојби на хипертензии и дијабет кај многу млади луѓе“, забележува докторот.

Причина за ова вели дека е лошиот начин на живот, исхраната, но и пушењето и стресот. Пандемијата само дополнително ги усложни состојбите.

„Ни фали во секој случај подобро организирање на целиот здравствен систем, покажа доста недостатоци здравствениот систем во однос на достапноста на услугите, можности за тестирање и се тоа тоа. Се надевам дека од ова барем ќе извлечеме поуки во иднина ако ни се случи некоја слична ваква пандемија да знаеме подобро да реагираме“, укажува докторот.

Пандемијата која кај нас започна во март 2020, целосно ја откри неподготвеноста на здравствениот систем. Истражувањата на невладините организации ги потенцираа проблемите како предолгото чекање за термин за тест, ренген или крвна анализа на пациентите со Ковид-19. Но и отсуството на протоколи за лекување на пацинетите и недоследноста на мерките.

Граѓаните се жалеа на немање место во болница, скапите тестови кои ги плаќаа од свој џеб, но и уште поскапите витамини и лекови на кои се трошеше и по цела плата. И додека целиот здравствен систем се сврте кон лекување на Ковид -19, се откажуваа термини за другите болести. Како ракот, на пример.

Па така, во пандемиската 2020 година со рак беа новодијагностицирани 6638 пациенти, а од оваа болест почина 3913 пациенти. Пред пандемијата во 2019 година, беа дијагностицрани повеќе пациенти со рак, 7463 пациенти со рак, а полинаа помалку односно 3801 пациент, покажа извештајот за Институтот за јавно здравје.

Која е тајната на доброто здравје?

Според епидемиологот Стојанов неопходно е да има едукација за тоа што значи здравјето, која ќе почне од децата. Второ, додава, е луѓето полесно да стигнуваат до докторите. Да им биде олеснет пристапот до примарна здравствена заштита, секундарна, но и до терцијарната - до болниците.

Мора да се размислува долгорочно и под итно да почне да се работи, за во наредните 10 години да видиме ефект, дециден е Стојанов.

Доктор Панделиев пак препорачува превентивни прегледи на лекар барем еднаш годишно за сите кои немаат здравствени проблеми. За останатите, редовни контроли.

Сали - За прегледи се чека оти нема специјалисти
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:37 0:00

„Барем еднаш годишно, во ред е да се измери крвен притисок, ЕКГ да се направи, лабораториски анализи, за да има барем една слика како изгледа здравствената состојба, тоа што не може со голо око да се види“, вели докторот.

И секако неговата препорака е внимавање на здравиот начин на живот како „универзален лек“ против сите болести. Ова значи доволно физичка активност, макар тоа биле прошетки од половина час неколку пати неделно , како и повеќе овошје, зеленчук и храна богата со растителни влакна (интегрални житарки) во исхраната.

Дека сето ова е важно покажува и искуството на дедо Ѓоко. Тој не милува често да оди на лекар, ама знае дека за здравјето е важно повеќе движење и помалку јадење. Негова препорака е и кратката попладневна дремка.

„Отсекогаш сум можел, таква ми била работата, пола саат саат, до 40 минути попладне да си дремнам ако имам обврски и после си одам на шетање. Не јадам многу, од 75 до 77, и доле до 74 кила, никогаш не сум го поминал тоа. Пазам на таа линија. И ако качам повеќе (килограми), навечер ќе скратам, на доручек ќе рипнам“, споделува 88-годишникот.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG