Достапни линкови

Партизацијата и непотизмот ги бркаат лекарите од земјава


Илустративна фотографија
Илустративна фотографија

Нефункционалниот систем ги брка младите лекари од земјава. Од Македонското лекарско друштво велат дека за една деценија си заминале 2.000 лекари. Министерот Сали признава дека има проблем, ама смета дека најголемиот одлив на лекари бил за време на претходната власт.

Лошите услови за работа и тешкотијата да се дојде до посакуваното работно место во здравството заедно со партизацијата и непотизмот ги бркаат лекарите од земјава, сметаат од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари. Тогаш станува јасно зошто за 10 години Македонија изгубила 2.000 лекари.

Бројката која деновиве ја вознемири јавноста ја обелодени професорот Горан Димитров, претседател на Македонското лекарско друштво. Тој алармираше дека кај нив пред една деценија имало 7.400 лекари, а денес само 5.400.

Ова се случува во години кога во земјава функционираат три Медицински факултети од кои годишно излегуваат по неколку стотини студенти, од кои голем дел се лекари, а истовремено и лекари од регионот нострифицираат свои дипломи во земјава. Во последните 10 години, само од Србија, Косово и Албанија во земјава биле нострифицирани скоро 400 лекарски дипломи на доктори, покажуваат податоците од Министерството за образование, добиени преку пристап до информации од јавен карактер.

Оттука, прашањето е каде се лекарите?

Во странство, е одговорот на докторот Бојан Трајковски, дел од Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти. Овој проблем според него само ќе расте во годините кои доаѓаат, а причините ги гледа во системот кој не се грижи за своите граѓани.

„Не е толку голем проблем платата, сите сме свесни каде живееме, и каде работиме, но во принцип главен проблем е тоа што голем дел од колегите се соочуваат со непотизам, со политика, со партизација, се соочуваат и она малку што го имаат, (да) треба да се изборат да го добијат, што не оди лесно“, вели Трајковски.

Нема кој да ги наследи постарите лекари и професори

Поради тоа појаснува дека иако нема доволно лекари, голем број тукушто дипломирани студенти се мачат да најдат работа, а нивниот труд не се цени. Ако на тоа се додадат проблемите со доделување специјализации, условите за работа и административните пречки, смета дека е јасно зошто лекарите не сакаат да работат во земјава.

„Во Македонија е алармантно. За да имаме еден функционален здравствен систем значи 3 до 3,5 лекари на 1000 пациенти, во Македонија таа бројка е некаде 2,9.. .2,8 што статистички покажува дека ние веќе имаме проблем.

Проблемот се повеќе ќе се зголемува бидејќи ќе имаме се поголем одлив, а веќе имаме една плејада сериозни, постари професори и лекари во една фаза каде ќе следи нивно пензионирање, а ние немаме доволен број лекари со коишто ќе можеме да ги замениме“, дополнува Трајковски.

Дека постои проблем, признава и министерот за здравство Беким Сали, но според него тој сега не е алармантен. Забележува дека има дефицит на медицински сестри, додека најголемиот одлив на лекари вели дека бил во времето на минатата власт.

Беким Сали: „трендот на заминување сега е намален“

Власта во земјава се смени во 2017 година, кога по една деценија владеење на коалиција на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ, дојде коалицијата на СДСМ и ДУИ.

„Сега трендот на заминување лекари е намален и се намалува од ден на ден, бидејќи преземавме конкретни мерки поврзани со условите за работа, модернизацијата на медицинската опрема, унапредувањето на медицинскиот персонал како континуираната едукација на лекарите итн“, набројува Сали, дополнувајќи дека со Медицинските факултети во Скопје, Штип и Тетово работат на зголемување на нивните капацитети.

Оваа академска година, на студии по општа медицина на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се запишале 200 студенти, на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип 160, а на Државниот универзитет во Тетово, 120 студенти.

Проблемот е нотиран и во националната стратегија за здравство за тековната деценија, каде стои дека во однос на луѓе во здравствениот сектор, земјава останува под просекот на Европската Унија. Стандардот на ЕУ е предвидува 372 лекари и 577 медицински сестри на 100.000 жители. Според македонските статистиките од 2019 година врз кои е креирана стратегијата, во на 100 000 жители имаме 311 доктори и 435 медицински сестри. Проблем има и со бројката на фармацевти, а блису до просекот сме во делот на стоматолози и бабици. Инаку, Во 2019 година 15% од лекарите и 10% од сестрите биле на возраст над 60 години.

Податоците од истражувањето на Лекарската комора од 2019 година пак, покажуваат дека вкупниот број емигрирани лекари е приближно 12% од лиценцираните лекари, со тренд на постојан пораст. Најпожелни дестинации за емиграција се: Германија, Словенија, Блискиот Исток, Северозападна Европа и Швајцарија.

Оттаму појаснуваат и дека е тешко да се добијат точни бројки околу иселувањето на лекарите, бидејќи најчесто докторите не ја споделуваат оваа информација со Комората.

„Она што е важно за младите доктори да останат во нашата земја е да им се обезбеди реално валоризирање на трудот, можност за едукација и континуирано професионално усовршување во земјава и во странство, олеснување на постапки за отворање на сопствени приватни ординации, субвенционирање, олеснување на вработување, поставување на меритократски систем за напредување“, велат од Лекарската комора.

Па така, деновиве престанаа да се хоспитализираат пациенти на Инфективното одделение при Велешката болница. Причината за ова, меѓу другото, е поради недостиг на здравствен персонал и лошите услови за работа и престој. Најголемата општина во земјава Аеродром, остана без педијатар во здравствениот дом, откако и последниот замина во пензија. Деновиве најави за заминување лекари има и од Клиниката за детски болести.

На Мој термин пак, пациентите со недели, па и месеци чекаат термин за преглед кај специјалист.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG