Достапни линкови

Државата стипендира студенти во странство, па ги „заборава“


Државата нема систем како да ги искористи студентите кои ги стипендирала за да учат на најдобрите светски универзитети. Иако се потрошени повеќе милиони долари за стипендирање на стотици студенти за една деценија, институциите не најдоа начин како овие умови да ги задржат во земјава.

Околу 300 студенти во изминатава деценија заминале на студии во странство со државна стипендија, откако успеале да добијат место на најдобрите светски универзитети според Шангајската листа. Сепак, никој не води сметка каде се сега тие, колкумина од нив останале во државата и колку од знаењето кое го стекнале на светски познатите универзитети, реално го искористиле за помош на државата која го платила нивното школување.

Со цел да им се помогне на младите кои сакаат да се школуваат во странство во реномирани високообразовни институции, но и за добробит на државата, пред повеќе од една деценија беа воведени стипендиите за студирање на најдобрите светски универзитети, најдобрите 100 од Шангајската листа, или најдобрите 200 доколку се работи за студии на техничките универзитети. Според првичните најави и договорот кој го потпишуваат овие студенти, тие треба по студиите да се вратат назад во земјава и да работат двојно подолг период од времето кое го минале на студии надвор од државата. Доколку не го сторат тоа, зависно од годината во која го потпишале договорот, треба да вратат од три до десетпати поголем износ од оној кој им бил даден за студирање.

Сепак, најважната обврска која ја добиваат со договорот, е штом се вратат од студии да се пријават во Министерството за образование и наука и следните шест месеци да бидат на располагање за вработување од страна на државните и високообразовните институции.

Или, како што појаснува Петар Барлаковски, претседател на Младинскиот образовен форум, иако првичната идеја на стипендијата била оправдана, сериозен проблем е тоа што по враќањето од странство никој не води сметка за овие студенти.

„Она што ние го имаме увидено преку лични разговори со наши членови коишто биле корисници на оваа стипендија е дека по завршување на нивните студии тие никогаш не биле контактирани од страна на МОН. Тоа значи дека за жал Министерството за образование и наука, меѓутоа и општо државата, стипендира млади и успешни студенти, но на крајот не ги користи потенцијалите од нивните знаења , односно не ги користи нив во форма на некаква институција каде што тие би можеле да придонесат. Тоа, на крајот доведува ние да имаме една полумерка каде што единствено финансираме студенти меѓутоа ништо не добиваме назад од тоа стипендирање“, дециден е Барлаковски.

Дополнително забележува, голем дел од овие стипендисти со кои тој контактирал, веќе си заминале од земјава.

„Немам точна бројка, меѓутоа би рекол дека можеби се пола- пола. Дел од нив си ги продолжуваат своите студии или работа, во Европа особено во западните држави, додека останатите остануваат меѓутоа си наоѓаат работа најчесто во приватниот сектор, односно државата повторно не успева да ги искористи нивните потенцијали и знаења“, забележува Барлаковски.

Колку чини бесплатното образование?
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:25 0:00

Над 20 милиони долари потрошени за стипендии во странство

Радио Слободна Европа исконтактира десетина студенти корисници на ваквите стипендии, но никој од нив не сака да зборува јавно за овој проблем, поради страв дека тоа ќе влијае на нивната кариера. Сепак, сите потврдија дека освен што формално се пријавиле дека се вратени во земјава и ги завршиле студиите, немале друг контакт со институциите. Дел од нив веќе се иселени надвор, друг дел прават планови за преселба во странство, бидејќи како што велат, и покрај истражувачката работа и престижните дипломи, за нив нема иднина во Македонија.

Исклучок е една студентка, која за РСЕ сподели дека била исконтактирана од државна институција и тоа пред неколку недели, иако од едногодишните постдипломски студии во Холандија е вратена уште во 2017 година. Одлучи да не зборува јавно за проблемот, бидејќи веќе прави планови за враќање во странство.
Радио Слободна Европа побара информации од Министерството за образование и наука за бројката на студенти кои ги користеле овие стипендии и потрошената сума пари, колкумина од нив во првите шест месеци добиле понуда за работа од овие институции, колкумина се казнети бидејќи не го испочитувале договорот, но и на кој начин се води евиденцијата. До објавувањето на текстот, не добивме одговор од оваа институција.

Според податоците до кои дојде РСЕ, добиени преку барање за пристап до информации од јавен карактер, во изминатата деценија биле дадени 136 стипендии за додипломски студии, 160 за магистерски, а 6 за докторски студии на најдобрите универзитети. Така, според наша проценка, ако се има предвид дека полната стипендијата може да изнесува до 40 000 долари годишно, а во просек постдипломските студии траат една, а додипломските по четири години, тогаш само за овие стипендии биле потрошени над 20 милиони долари, пари од буџетот.

Два дена по објавата на текстот, од МОН одговорија дека за 10 години исплатени биле околу 11 милиони евра.

Доделени стипендии за 100 најдобри светски универзитети според Шангајската листа.
Доделени стипендии за 100 најдобри светски универзитети според Шангајската листа.

Неприфатливо да се даваат стипендии за недефицитарен кадар

Како сериозен проблем, на кој укажаа од Независниот академски синдикат во нивното истражување „Финансиска транспарентност и отчетност во високото образование и науката“, е и тоа што парите за овие стипендии се двојат од буџетот за наука. Истражувањето беше објавено на почетокот на годинава, а во него се потенцира дека е неприфатливо да се даваат стипендии за недефицитарен кадар, додека во исто време „финансирањето на научноистражувачката работа и условите за работа во областа на науката се на самото дно во Европа, но и пошироко“.

Како што појаснува професорката Бојана Наумовска, од Институтот за социолошки и политичко–правни истражувања и дел од Академскиот синдикат, дури и да сакаат, македонските факултети немаат никаква можност да ги примат овие студенти бидејќи од Министерството за образование воглавно зависат новите вработувања на универзитетот.

„Значи доколку дава стипендии, да има во предвид каде понатаму тие млади луѓе ќе бидат вклучени, за да нели, не останат во странство. Затоа што е убаво еве некој да отиде и да се врати да го пренесе искуството, меѓутоа после сите овие години стипендирање ни останува само да кажеме – е ова младо дете беше тука, сега е успешно негде таму. Универзитетите прилично се ограничени во овој процес. Еве јас сум дел од научно истражувачка установа, и многу би сакале да можеме ги вклучиме, меѓутоа немаме ниту еден актуелен проект којшто го финансира државата каде ете би можеле да го земеме во предвид некој од тие вратени луѓе“, заклучува Наумовска.

Таа смета дека идејата за стипендии во странство е добра, кога се работи за стипендирање на науките коишто слабо се развиваат кај нас. Меѓутоа, несфатливо и е зошто се даваат стипендии за области, за кои вели дека и во земјава добро се развиваат.

„Подобро е тие средства да се насочат кон нашите младите луѓе кои се во моментов тука, кои се дел од универзитетите, коишто се примени како асистенти ама работат за дваесетина илјади денари плата, а треба да издвојат 5000 евра за докторски студии. Подобро е да се насочат кон нив барем одреден временски период, па понатаму да се размислува, за ете поинтензивно финансирање“, укажува Наумовска.

Студирање во странство или во Македонија?
please wait

No media source currently available

0:00 0:12:13 0:00

Стипендиите за македонски студенти во странство се најдоа на дневен ред и на 99-тата владина седница, каде беше разгледувана информација за студентите кои ги завршиле студиите во периодот од 2017 до 2020 година. По седницата, Владата ги задолжи сите органи на државната управа да ја разгледаат можноста за ангажирање 42 студенти од листата согласно потребите на институциите и најдоцна до 15 септември 2021 година да го известат Министерството за образование и наука. Истовремено, Министерството за образование и наука беше задолжено да ги извести претседателите на стопанските комори за листата на завршени стипендисти, во насока на нивно можно вработување во некоја од компаниите, членки на стопанските комори, до 15 септември 2021 година.

Стипендиите за студирање на најдобрите универзитети беа воведени пред една деценија и најавени од тогашниот премиер Никола Груевски. Десет години подоцна, и сменети осум министри за образование и наука, се уште не се најде систем како државата да го искористи знаењето на студентите што се вратија назад, за да ги исполнат клаузулите на договорот со кој во земјава треба да работат двојно повеќе од времето кое го минале на студии во странство.

Јасмина Јакимова

XS
SM
MD
LG