Достапни линкови

Кој троши помалку ќе плаќа поевтина струја


Сметка за струја
Сметка за струја

Оние што загреваат базени, копаат криптовалути или на домашна струја водат бизниси од наредниот месец ќе добиваат многу повисоки сметки. РКЕ воведува нов тарифен модел според кој оние кои трошат помалку ќе плаќаат поевтина струја, додека најголемите потрошувачи ќе ја плаќаат многу поскапо.

Цената на струјата ќе биде пониска за оние кои трошат помалку, а големите потрошувачи ќе плаќаат повисока цена за киловатчас, предвидува новиот модел за тарифирање на електричната енергија.

Според пресметките на Регулаторната комисија за енергетика, со новиот модел на плаќање, 87 отсто од домаќинствата зимно време, и 92 отсто летно време, ќе плаќаат пониски сметки, отколку сега ако продолжи сегашниот модел. На 13 отсто од домаќинствата, кои се големи потрошувачи на струја, сметката ќе им биде повисока ако се пресметува со новиот модел. Околу 2000 најголеми потрошувачи ќе плаќаат за 46 отсто повисоки сметки.

Регулаторната комисија минатиот месец објави дека 17 домаќинства трошат струја колку дури 80 илјади просечни семејства. Дел од нив загреваат огромни базени, а за дел постои сомнеж дека копаат криптовалути. Струјата за нив сега сериозно ќе поскапи.

Поевтина струја само за основни потреби

Со оглед на тоа што граѓаните плаќаат поевтина струја од пазарната, идејата е поевтина струја да има само за основните потреби. Новиот модел предвидува да се соберат исто пари за струја како сега, но најголемите потрошувачи да платат повеќе.

Сепак, тоа не значи дека струјата ќе поевтини, туку дека според новиот модел за најголем дел од граѓаните ќе биде пониска отколку според сегашниот.

Нема да има промени во начинот на пресметка на евтината струја, но наместо една тарифа во скапа струја како досега, од наредниот месец ќе има неколку тарифи – тие што трошат повеќе ќе плаќаат поскапа струја.

Една евтина тарифа и четири скапи

Регулаторната комисија за енергетика организираше јавна расправа, на која беа презентирани анализите подготвени од Машинскиот факултет и Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за реформа на тарифниот систем за електрична енергија. Според разработуваниот модел, скапата струја е поделена во четири блока. Потрошената струја до 210 киловатчаса во скапа тарифа месечно, ќе се плаќа 35 отсто поевтино од сега, потрошувачката меѓу 210 и 420 киловатчаса ќе биде со цени слични на сегашните, меѓу 420 и 630 киловатчаса ќе биде поскапа, а секој киловатчас над границата од 630 киловатчаса скапа струја месечно ќе биде многу поскап и ќе биде по слична цена со индустриската струја.

Ако на пример едно семејство потроши 650 киловатчаса скапа струја, тогаш првите 210 ќе ги плати по пониска цена, наредните 210 киловатчаса по друга цена, третите 210 по повисока цена, а останатите 20 киловатчаса по најскапата тарифа.

Овој модел не е конечен, туку е предлог за кој се разговара.

Просечната потрошувачка по домаќинство е под 500 киловатчаса месечно.
Професор Рубин Талески од Електротехничкиот факултет рече дека најголем дел од граѓаните ќе влезат во првите два блока и ќе добиваат пониски сметки.

„Ќе се овозможи ресурсите што ги имаме за домашно производство да се искористат поефикасно, ќе помогнат да се зголеми енергетската ефикасност, и пасивна и активна, прво да се намали потрошувачката во висока тарифа, и второ да се префрли дел од потрошувачката од висока во ниска тарифа“, изјави Талески.

Главоболки со сметките за струја
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:57 0:00

Професорот Ристо Филкоски од Машинскиот факултет ја презентираше анализата за потрошувачка на струја во грејна сезона. Според неговите пресметки, семејствата што трошат до 1500 киловатчаса месечно, со новиот модел би плаќале пониска или еднаква сметка, како и со сегашниот модел, под услов половина од таа количина да е потрошена во евтина тарифа, а половина во скапа.

„Голем дел од домаќинствата би имале помали сметки отколку според постојниот тарифен систем. За голем дел од потрошувачите, сметките не би биле значително различни, се разбира под услов да не се покачи цената на електричната енергија што не е воопшто нереално“, рече тој.

Филкоски, сепак, рече дека новиот тарифен систем нема да ги реши бројните наталожени проблеми во енергетскиот сектор, туку колку-толку да ги испегла разликите.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG