Достапни линкови

Граѓаните жртви на нестабилната енергетска политика


Протести во Скопје поради поскапувањето на електричната енергија, парното и горивата. Август 2012
Протести во Скопје поради поскапувањето на електричната енергија, парното и горивата. Август 2012

Македонија допрва ќе ги чувствува последиците од енергетската криза, предупредуваат експертите од енергетиката. Професорот Константин Димитров вели дека за тоа што ни се случува, голема вина има државата која не направила анализа и план со навремени мерки за ублажување на ценовниот шок

Најпрво порасна цената на енергенсите, а тоа пак донесе низа други поскапувања. Следуваа зголемени цени на одредени производи, поскапа струја, поскапи сметки за греење. Деновиве скопјани се греат со млаки радијатори, бидејќи БЕГ работи со оптимизиран режим на греење.

Иако десеттина месеци порано се навестуваше енергетската криза, која ја зафати цела Европа, државното раководство не направи темелна анализа и не презема мерки со кои ќе ги ублажи последиците од кризата, реагираат експертите од областа на енергетиката.

Македонија нема стабилна енергетска политика со години, не донесовме енергетски биланс којшто секоја година се носи и со кој се прават предвидувања за тоа колку гас, јаглен, дрва или електрична енергија ќе ни бидат потребни, вели професорот Константин Димитров.

„Тоа што ни се случува апсолутно е пропуст на државата, затоа што нема институции коишто размислуваат или собираат информации, ги анализираат и предвидуваат. Аналитичките институции се грижат да соберат информации и да проектираат случувања, ама кај нас се размислува за два дена напред, а не за десет години напред. Владата одеше на систем „купи ден, продај“ за да остане подолго на власт, бидејќи во надворешната политика не се остварија очекувањата, и тогаш тие заборавија на економијата, на енергетиката, заборавија дека енергетиката е локомотива којашто го движи економскиот развој. Со децении не се инвестира, не се анализира што не чека и нормално дека ова ќе се случи, вели Димитров.

Во меѓувреме, не престануваат политичките препукувања за тоа кој е виновен што се доведовме во оваа ситуација. Опозицијата ја обвинува власта за неспособност да ја менаџира кризата, а власта тврди дека мерките за ублажување на последиците од глобалното покачување на електричната енергија започнале уште минатата година преку намалување на ДДВ за електрична енергија од 18 на 5 отсто, а во периодот што следи најавуваат нов пакет мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните.

А стандарот на граѓаните пак, е во голем пад - видео

Живот на минималец
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:13 0:00

Политичкиот аналитичар Никола Дујовски пак, прстот го вперува во индивидуалната одговорност кај раководителите на институциите и претпријатијата.

„Силата на државите е директно поврзана со капацитетот што го имаме. Ние едноставно можеме само да ублажуваме на тој начин што државата ќе алоцира ресурси. А дека сме можеле да обезбедиме ефтин гас којшто ќе биде доволен да ја поминеме зимата, не верувам. Да, сметам дека треба да се алармира и да се соопштуваат работите, треба да се каже навреме дека ќе имаме проблем и тоа е факт, дека порасна цената на сите енергенси, на ниво коешто ние како држава тешко дека ќе можеме да го поднесеме без некои посериозни последици“, вели професорот Дујовски.

Мандаторот за состав на новата влада и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски во интервју за Топ тема изјави дека државата има обврска од Буџетот, да ги заштити оние најранливи категории граѓани особено во време на вакви кризни периоди, дека тоа државата го прави и ќе продолжи да го прави преку нов сет на мерки кои имаат за цел да го заштитат животниот стандард на граѓаните, меѓу нив веќе се одлуките за субвенционирање на сметките за електрична енергија, како и субвенционирање на разликата во цената на парното греење во Град Скопје.

Пред два дена на владина седница беа обезбедени дополнителни 670 милиони денари за АД ЕСМ за производство на електрична енергија и вложување во проекти во обновливи извори на енергија, за како што велат да се подобри билансот на произведена електрична енергија“.

Димитров вели дека државата има енергетска стратегија, но оти таа е добра само на хартија, а не и во пракса.

„Се направи документ, Европската Комисија го пофали, но тој го ставија во витрина и еве во овие две години ниту една точка од тој документ не е остварена. Првата точка е да се вложат толку и толку пари во мерки за енергетска ефикасност и да се изградат толку и толку објекти. Ништо не се направи. Во буџетот немате ништо предвидено за тоа“, вели професорот Димитров.

Град Скопје на пример, дава пари за изработка на десетици стратегии за развој на главниот град, но за реализација на мерките предвидени во некои од овие документи, не е инвестиран ниту денар. Таков е примерот со Програмата за енергетска ефикасност 2018-2020 година. За изработка на овој документ пред три години биле дадени 126.000 денари, но Градот во истиот период не потрошил воопшто средства за спроведување на целите од програмата, и покрај тоа што во годишните буџети биле планирани пари. Извештаите на Град Скопје за извршување на буџетите за 2018, 2019 и 2020 година покажуваат дека Одделението за енергетска ефикасност има нула реализација, односно дека нема потрошено воопшто средства за активности за енергетска ефикасност. За изработка на Програмата за 2021 година пак, биле издвоени 1.300.000 денари.

Инаку од БЕГ деновиве соопштија дека во услови на енергетска криза и раст на цената на енергенсите, пазарната цена по која компанијата го купува приодниот гас е повеќе од 4 пати повисока од цената која е предвидена во тарифата.

Од 1 јануари цената за парното греење се зголеми за 14,05 отсто за сите корисници во Градот Скопје и за трите компании кои ги снабдуваат граѓаните – Балкан енерџи груп (БЕГ), ЕСМ Енергетика и Скопје Север. БЕГ од Регулаторната комисија за енергетика побара парното да поскапи за 300 отсто, со образложение дека за толку била порасната цената на гасот на светските берзи во однос на јули, кога беше донесена последната одлука за цената на топлинската енергија.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG