Достапни линкови

Отпорот кон ХПВ вакцини поголем од стравот од рак на матка


илустрација

Иако во земјава секоја година просечно заболуваат по 150 жени од рак на грлото на матката, стапката на вакцинација против ХПВ односно вирусот кој ја предизвикува оваа женска болест е само 40 проценти. Лекарите апелираат до родителите да не се плашат да ги вакцинираат ќерките оти вакцината е безбедна

Катерина Крстева денеска ја однесе својата тринаесетгодишна ќерка да ја прими вакцината против ХПВ (хуман папилома вирус), односно најчестиот сексуално пренослив вирус и предизвикувач на рак на грлото на матката. Иако нејзината ќерка ги има примено сите вакцини кои се во редовниот календар за имунизација, за оваа конкретна вакцина постоеле многу дилеми.

„За прв пат консултирав специјалисти гинеколози од повеќе градови кои да бидам искрена, предизвикаа чувство да се засрамам што прашував дали и кога да ја вакцинирам ќерката. Сметам дека не сме имуни на тие антиваксерски кампањи кои се случуваат паралелно со трендовите а превенција од ХПВ вирус. Одлучив да го направам тоа бидејќи и во потесното семејство имаме историја на хпв болести и сметам дека тоа е еден од начините на коишто треба и може да ги заштитиме децата“, вели Катерина.

И Леонора Калиќи од Скопје е мајка на четири деца од кои две ќерки. Нејзината 12 годишна ќерка уште не е вакцинирана, ама таа нема дилеми дека вакцината е потребна.

„На почетокот си поставував прашања во врска со тоа дали таа вакцина може да има штетни последици за репродуктивните органи кај ќерката, но сега откако знам дека научните испитувања покажуваат дека вакцината е добра, сигурно дека ќе ја однесам. Од друга страна пак моите пријателки се против и постојано се убедуваме кој е во право,“ вели Калиќи.

Иако вакцината не е нова и се аплицира веќе десетина години, многу родители мислат дека таа е неиспитана и се против тоа вакцината да ја примат нивните ќерки.

„Јас не сум за да ја прими ќерка ми. Причината е затоа што не знам дали има нус појави, бидејќи е нова на пазарот“, вели една мајка која сакаше да остане анонимна.

„Се зборуваше дека вакцината не е баш добра и нема некој ефект, затоа не ја вакцинирав ќерка ми“, вели мајка на една средношколка.

Од пунктот за вакцинација на деца на училишна возраст во Карпош велат дека оваа учебна година од 320 девојчиња на возраст од 12 години, вакцината ја примиле само 35 ученички. Стапката на вакцинација пак во општината Сарај е многу поголема. Па така од 51 девојче на истата возраст, вакцина примиле 47.

„Интересно е што оваа вакцина од старт ја одбиваа цели одделенија. На пример од еден клас само едно или две девојчиња ја примаат. Но, еве во последните две години имаме нешто позголемен интерес посебно кај девојчиња кои наполниле 15 години кај кои пак вакцината се прима во три дози. Вакцини имаме зошто требуваме онолку колку што ни требаат“, вели доктор Сања Цилевска.

Инаку ХПВ вакцината е препорачна за девојчиња на возраст од 9 до 26 години. Во Македонија е воведена во редовниот календар како задолжителна вакцина за девојчиња на 12 годишна возраст, a во иднина се предвидува со неа да бидат опфатени и машките деца на иста возраст.

Вакцината е безбедна, ама стапката на вакцинираност ниска

Вкупниот опфат на вакцинирани деца со ХПВ вакцината во земјава е околу 40 проценти, што се смета за многу ниска стапка. Доктор Игор Алуловски од Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство вели дека една од причините за ниската стапка на вакцинација е недостигот на едукација и кампања за значењето на оваа вакцина.

„Јас во овој случај би алудирал на улогата на родителите. Имаме една апсурдна ситуација. Државата има механизми односно овозможува оваа вакцина да биде вклучена во редовниот календар за вакцинација, а од друга страна им дава дозвола на родителите да одлучуваат дали детето ќе ја прими вакцината или не. Затоа треба да работиме на тоа да се убедат родителите, но и да се работи на едукација на младите за значењето и предностите на ХПВ вакцината, вели доктор Алуловски.

Докторот објаснува дека хуман папилома вирусот најчесто ги напаѓа кожата и слузокожата на различни делови од човековото тело и подеднакво ги погодува и мажите и жените. Најчесто ги засега младите лица веднаш по стапување во сексуални односи.

Секој човек со започнат полов живот може да се зарази со ХПВ за време на половиот однос. Многу луѓе заразени со ХПВ може да не покажуваат никакви знаци или симптоми, а тоа според лекарите значи дека тие можат да го пренесуваат вирусот на други без да знаат за тоа.

ХПВ вакцините се безбедни, а најчести несакани ефекти се црвенило, болка и оток на местото на инјектирање, како и можност од благо покачување на телесната температура. Се проценува дека вакцинацијата можат да спречи 70% од случаите на карцином на грлото на матката и други случаи на орални карциноми.

Слабиот скрининг за рак на матка, се плаќа со живот
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:55 0:00

ХПВ вакцините се безбедни, а најчести несакани ефекти се црвенило, болка и оток на местото на инјектирање, како и можност од благо покачување на телесната температура.

„Апсолутно нема никакви алергиски реакции и нема потреба од страв дека децата би можеле да останат парализирани или да предизвикаат никаква вистина нема во тоа. И да, за тоа во голем дел придонесуваат антивакциналните движења кои се активни и во светот и кај нас, така да тоа е начинот на кој треба да се убедат родителите и младите преку едукација, кампања, да им се покажат успешните прикази од светот на оваа тема“, вели доктор Алуловски.

Вакцината која кај нас се дава е четиривалентна, но најновата која е достапна на пазарот и веќе се аплицира во најголем број земји е нановалентна и дава заштита од девет различни типови на ХПВ. Оваа која се применува кај нас нуди заштита од два нискоризични и два високоризични вируси на ХПВ. Препораките на извештајот на СЗО за 2022 година се дека треба да се прима една доза која би пружила доволна заштита, со идеја да се избегне оној момент на повторено убедување на популацијата дека треба да се вакцинира.

Според податоците, во Австралија, една од земјите во кои се аплицира вакцината против ХПВ, инциденцата на прекурсорни лезии на ракот на грлото на матката е намалена за околу 40 проценти, а проценките се дека до 2028 година бројот на цервикален карцином кај жени ќе биде сведен на два случаи на 100 000 жени.

Трендот е позитивен и во Англија. Таму бројките паднале за 62 отсто кај жените кои ја примиле ХПВ вакцината помеѓу 14 и 16 години, а појавата на болеста е намалена за 34 отсто кај адолесцентите, пренесува „Гардијан“.

И додека кај нас нивото на вакцинираност од ХПВ е слабо, секоја година во Македонија во просек 150 жени заболуваат од рак на грлото на матката, а 40 жени ја губат битката со оваа болест, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје. Лекарите предупредуваат дека здравството потфрла во раната детекција и скринингот, а една од причините е токму нискиот опфат на вакцинираност со ХПВ вакцина.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG