Достапни линкови

Бројките на ковид заразени растат, интересот за имунизација стагнира


илустрација
илустрација

Мал е интересот за четврта доза вакцина против ковид 19. На пунктовите за вакцинација доаѓаат само постари лица, велат од вакциналните пунктови. Во период кога бројката на заразени со корона почнува да расте, стагнира и опфатот на вакцинација со втора и трета доза

По неколкумесечното опуштање од носење маски и незначителниот број на заразени граѓани од корона вирусот, последните две недели почна да расте бројот на позитивни случаи на ковид 19.

Во моментот за Клиниката за инфективни болести во Скопје има десеттина хоспитализирани пациенти со ковид 19. Нивната клиничка слика е поблага, но никој не може да предвиди какви симптоми ќе манифестираат новите соеви на овој вирус, вели доктор Фадиљ Цана од Инфективната клиника.

„Иако растат бројките и во подем тоа што радува е дека нема комплицирани случаи и не се зголемува бројот на хоспитализирани од ковид. Тоа е сепак болест во една поблага форма. Радува што нема голема бројка на смртност, кој прележа, прележа, засега стоиме добро со оваа варијанта. Сега се појави некоја нова варијанта во САД, па да видиме како ќе се одвива ситуацијата. Се додека е само омикрон варијантата, Македонија е заштитена според мене“, вели доктор Цана.

Актуелната состојба и растот на бројот на позитивни случаи на ковид ќе биде тема на состанокот на Комисијата за заразени болести в петок.

Оттаму велат дека ја следат состојбата, но дали ќе има нови рестриктивни мерки за да се спречи нов бран, ќе се знае по состанокот, посочува доктор Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заштита од заразни болести.

„Апелирам до граѓаните да мораат да носат маски во јавниот превоз, здравствена установа и во домови за стари лица и во аптеките. Тоа се мерки кои никогаш и не беа укинати. Дополнително препорачуваме да се користи маска во затворен климатизиран простор, затоа што таму може да имаме најголемо пренесување на вирусот. Препорачуваме да се одржува дистанца и редовна хигиена на рацете“, вели доктор Мехмедовиќ.

Лекарите велат дека е премногу рано да се даде точна проценка за тоа дали новите варијанти на омикрон ќе дадат различна клиничка слика. Според некои извештаи новите подваријанти се манифестираат преку долно респираторни, а не горнореспираторни симптоми.

Во моментот највообичаени симптоми кај ковид болните се оние кои се појавуваат и кај „обичната“ настинка, односно зголемена телесна температура, изнемоштеност, затнат нос, треска и слично.

Слаб интерес за вакцинација

Но и покрај тоа што бројките на позитивни случаи се во пораст, на пунктот за вакцинација во поликлиника Букурешт, бројот на граѓани кои сакаат да се имунизираат е мал.

„Околу 100 до 120 пациенти дневно доаѓаат за вакцинација. Најголемиот дел од нив или околу 90 проценти се возрасни над 60 години и тие без никаков проблем си примаат четврта доза. Останатите 10 проценти се помлада популација. Или од таа бројка од 110, 120 пациенти дневно 10 до 15 проценти се пациенти кои се вакцинираат со втора или трета доза. Прва доза примаат едно или две лица дневно, односно најмала е заинтересираноста за прва доза“, вели Силвана Миркоска, одговорна сестра во вакциналниот пункт во поликлиниката Букурешт.

Таа додава дека има доволни количини вакцини и дека сите се со добар рок на употреба.

Доктор Мери Кирјас од Институтот за имунобиологија и хумана генетика препорачува четвртата доза да ја примаат повозрасните и хронично болните граѓани.

„Прво треба да размислат хронично болните и повозрасните коишто третата доза ја примиле пред повеќе од 6 месеци. Каско што знаете заштитата со текот на времето опаѓа, па после шест месеци е доста опадната. Со цел да се заштитат од сериозно разболување со ковид 19 добро би било да примаат и четврта доза. Имунитетот ни е сега опаднат и убаво би било сега да се даде еден „буст“ со четвртата доза, со цел поголема заштита и побезбедно лето“, вели Кирјас.

Според статистиките трета (бустер) доза досега имаат примено 9 проценти од вкупното население, а препорачаното растојание меѓу трета и четврта доза е најмалку четири месеци.

„Тоа е затоа што преку испитувањата се виде дека помеѓу четвртиот и шестиот месец заштитата значително опаѓа и затоа се препорачува нова доза за да го одржиме на ниво на борбеност организмот што подолго. Ние секако треба да научиме да живееме со вирусот , но не е сеедно некој кој има хронична болест и кој може потешко да го поднесе разболувањето дали ќе прими вакцина или не“, вели докторката Кирјас.

Инаку скринингот на населението кој го спроведоа здравствените власти во февруари покажа дека од 170 лица кои биле невакцинирани, дури 70 проценти имале имунитет против ковид, што беше протолкувано како солиден имунитет и кај невакцинираните граѓани.

Во последните 24 часа, направени се 1.489 тестови, а регистрирани се нови 511 случаи на ковид 19. Од вкупниот број на позитивни (511), регистрирани се 129 реинфекции, а починале 2 лица.

Вакцинацијата против ковид 19 започна на 17 февруари минатата година. Според извештајот на Институтот за јавно здравје, заклучно со 10.07.2022, вакцинирани се вкупно 875 047 лица со барем една доза на вакцина против ковид 19 во државата и во странство. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 856 078 лица.

Со една доза на вакцина против ковид 19, вакцинирани се 59, проценти од населението над 18 годишна возраст, односно 55,1 отсто од население над 12 годишна возраст, додека од вкупното население вакцинирани се 47,6 отсто. Опфатот со две дози кај вкупното население изнесува 46,6 проценти.

Бројот на аплицирани дози измината недела изнесува вкупно 1003. Од тоа 26 се прва доза, 27 втора доза, 147 како трета доза и 799 се аплицирани како четврта доза.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG