Достапни линкови

Вакцинација, протести и лажни вести - секој со свое оружје


Скопје 19.08.2021 - втор протест под мотото Стоп за одземање на слободата
Скопје 19.08.2021 - втор протест под мотото Стоп за одземање на слободата

Граѓани водат „битка“ за и против вакцинација, често користејќи навреди и лажни вести, а политичарите се обвинуваат за тоа кој стои зад протестите. Првото оружје во борбата со лажните вести за ковидот е да им се остави на научниците да зборуваат за наука, а политичарите да се држат до политика, вели специјалистот за односи со јавност Бојан Кордалов“.

„Ковид не постои, политичарите се вирус, ковидот го има само во медиумите. Тој што носи маска и се вакцинирал има интелегенција под ниво. Најголем дел од заболените се вакцинирани, зошто не се гарантира за вакцината, ако е толку добра. Медиумите се соучесници во планот да се заведе народот дека вирусот постои. Државите крадат деца за да им ги дадат на тие што имаат повеќе пари. Споредби на политичарите со Хитлер и на Евреите со невакцинираните".

Ова се само дел од пораките на говорниците на вториот протест под мотото „Стоп за одземање на слободата“, организиран од луѓе кои се противат на вакцинацијата против ковид-19 и на новите анти-ковид мерки со кои им се дозволува влез само на вакцинирани во кафеани, молови, на настани на отворено. Но учесниците на протестот се поделија, дел од граѓаните не се согласуваа меѓу себе за изнесените ставови, па настанаа и турканици и конфронтации меѓу нив, се обвинуваа дека некој ги потплатил и ги исвиркаа дел од говорниците. Потоа други учесници ја смируваа ситуацијата, велејќи дека токму одредени ставови изнесени на протестите, како тоа дека лекарите се убијци, а новинарите се платеници, ги поделиле луѓето и го намалиле одѕивот кај оние кои сакаат да излезат и да се побунат против новите мерки. И на Фејсбук страницата на која се повикува на протестот луѓе реагираат дека одредени ставови создаваат омраза и поделба и го делегитимираат протестот.

„Целта не ни е да се разделиме, туку да се обединиме, за убаво сме тука. Ова е глобално движење, не има секаде. Сум слушнал дека ова ќе го злоупотребат сите партии – Левица, ВМРО, опозицијата. Не потпаѓајте под провокации, не ги слушајте тие што сакаат да ве разделат, на последниот протест во неделата оти користевме изрази и симболи кои не нè обединуваат, туку не разделуваат ни се случи сега да бидеме помалубројни, не смееме да правиме вакви грешки“, порача говорник на протестот под мотото „Стоп за одземање на слободата“.

Кој стои зад протестите?

СДСМ обвинува дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски шират лажни вести и стојат зад протестот на луѓето кои се противат на вакцинација и на мерките за спречување на ширењето на ковид-19. Во соопштението на владејачката партија се наведува дека ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски застанаа зад протестите кои го загрозуваат колективното здравје и на кои се ширеше говор на омраза. СДСМ најостро ги осудува пораките, говорот на омраза и навредите кои јавноста можеше да ги слушне, а беа упатени кон докторите, здравствените работници, но и кон новинарите, соопштуваат од партијата.

ОдВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека не стојат зад протестот.

„Прво ВМРО-ДПМНЕ не ги организираше тие протести. Второ не поддржуваме протести, бунтови против вакцинацијата. Тоа го кажав јавно во повеќе наврати“, вели доктор Игор Николов, претседател на централната здравствена Комисија на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за РСЕ, кое во целост ќе биде објавено в недела.

Инаку, ВМРО-ДПМНЕ по првиот протест на истите огранизатори излезе со соопштение во кое наведе „народот го крена гласот, излезе на против Заев и Филипче со што докажа дека мерките за корона се фашистички“. „Народот крена глас против Филипче и Заев и нивните фашизоидни и дискриминаторски мерки“, наведоа од партијата. Од таму првите денови по најавувањето на владините мерки поврзани со ограничувањата за невакцинираните ги нарекуваа фашистички, а доктор Николов во интервјуто за Радио Слободна Европа вели дека не се согласува со таквиот вокабулар.

Вакцинација против ковид -19 во Скопје
Вакцинација против ковид -19 во Скопје


Како против лажните вести за ковид?

Првото оружје во борбата со лажните вести за ковидот е да им се остави на научниците да зборуваат за наука, а политичарите да се држат до политика. Само така довербата ќе биде многу поголема, оти односот меѓу пациент и лекар е многу важен и многу директен, вели специјалистот за односи со јавност и нови медиуми Бојан Кордалов.

„Ако така се постават работите, ако научниците зборуваат само за наука ќе може многу полесно да зборуваме со аргументи. Нормално е дека секој до нас има свој став, меѓутоа за стручни и научни прашања може да се изразат тие луѓе од науката“, вели Кордалов.

Втората битна работа во битката со лажните вести, според него, е што треба да се градат сојузи и да се овозможи до секоја категорија на луѓе да добијат информации што досега овозможила науката – зошто е важна вакцинацијата, како штити, што овозможува и кои се позитивните пракси.

„Ако ние се делиме и двоиме, зборувам од позиција на авторитет во партиите или во институциите, нема да можеме да правиме храбрење, ќе можеме само да се двоиме, нема да можеме да се осојузуваме. Многу е важно да се прават сојузи и да се каже дека ова што се прави се прави за доброто на секој поединец. Вакцинацијата и имунизацијата постои за да не заштити сите, да го заштити нашето здравје. Ако застанеме на тоа ќе работиме на подигање на јавната свест, а ако има подигање на свеста ќе има резултати“, вели Кордалов.

Во јавноста најчесто за вакцинирање зборува министерот Венко Филипче и уште неколку лекари кои не се дел од Комисијата за заразни болести. Изостанува и кампања за подигнување на свеста за важноста на вакцинацијата, освен дневната статистика на број на вакцинирани. Бројот на вакцинирани порасна откако се најавија проигорозните мерки за невакцинираните.

Кордалов вели дека мора да се направат натчовечки напори за со аргументите да се покаже дека вакцинацијата постои за да ги заштити граѓаните.

„Државата се реши дека со рестрикции ќе прави мотивација, во моментов таа е стратегијата на државата. Јас сметам дека кампањата и подигањето на јавната свест дефинитивно недостасуваат и се клучното оружје. Особено е клучно присуството на терен, зошто Македонија е сепак сиромашна земја, оти пристапот до лекар не е исто во Центар и во некоја друга општина“, вели Кордалов.

Во државата има повеќе од 8600 активни случаи на заразени со ковид-19, а околу 32 отсто од возрасното население е имунизирано барем со една доза на вакцина против ковид.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG