Достапни линкови

Отворена градежната „пандорина кутија“ за Водно


Имотот на Водно кој доби дозвола за градба е запишан во катастар како сосптвеност на фирмата Маркиза

Со дозволата за подготовка за градежни активности во шумата на Водно се отвора простор за „бетонизирање“ на спорните плацеви на Водно за кои се води истрага во Обвинителството. Молк од општината Центар и градоначалникот за тоа кои се побарале дозвола за градба во овој според ДУП.

Пошумувањето на Водно од војници и затвореници во средината на минатиот век на над 12 илјади метри квадратни, сега е под ризик од голема сеча со дозволата за подготвителни градежни активности што ја доби фирмата „Маркиза“ во заштитениот појас на Водно. Тоа што не им успеало на разни политички елити во изминатиов половина век да си изградат големи хациенди на Водно, сега е на чекор до реализација. Според информациите до кои дојде Радио Слободна Европа, фирмата во наредниот период треба да уплати комуналии во општинската каса по што би почнал да тече рокот за добивање на целосна дозвола за градба.

Според оваа маркица за градба засега е во план во прва фаза да се изградат два ката под земја, приземје плус кат, а во втора фаза уште два ката, односно вкупно 6 ката . Во тој шумски појас на катастарската парцела 1309 како сопственици на дел од шумата, но и на неизградено градежно земјиште се јавуват четири компании и две физички лица.

Според податоците од катастар, фирмата „Маркеза“ поседува 1226 метри квадратни. Сосед и е Благој Механџиски со површина од 827 метри квадратни неизградено градежно земјиште. Во близина соседи им се и фирмите „Ексико“ со имот од 4400 метри квадратни неизградено градежно земјиште и „Кара“ со 875 метри квадратни неизградено градежно земјиште и шума 732 метри квадратни. Овие две фирми според последните објавени информации од Обвинителството кое води истрага за „Плацевите на Водно “ се во сопственост на осомничениот во тој предмет Јордан Камчев.

До нивниот имот во соседство е плацот од 224 метри квадратни градежно неизградено земјиште и 976 метри квадратни шума во сопственост на компанијата „Манд“ за која медиумите пишуваа дека е во сопственост на поранешниот кошаркар Пеце Наумовски и уште еден плац впишан во катастарот како неизградено градежно земјиште во сопственост на физичко лице – Георгиевски Богдан од 987 метри квадратни.

Дозволата за еден инвеститор го отвора патот и за другите кои во падините на Водно во заштитетниот појас поседуваат имоти. Засега има молк од општината Центар на прашањата дали сопствениците на спорните „плацеви на Водно“ „чии краен сопственик, според обвиненителството, е поранешниот премиер Никола Груевски поднеле барање за дозвола за градба. Ниту Оппштината ниту градоначалникот Саша Богдановиќ не одговорија на прашањата кои се инвеститори поднеле барање за дозвола за градба во спорниот ДУП со кој се навлегува во заштитената зона на планината Водно.

Во меѓувреме, жителите на последната улица во подножјето на Водно, улицата „Питу Гули“, стравуваат за својата безбедност, но и за иднината на своите имоти доколку дојде до конечна реализација на овој спорен детален урбанистички план. До плацот, каде што компанијата „Маркеза“ доби дозвола нема изграден пристапен пат. Засега фирмата има само дозвола за изградба на потпорен ѕид и подготовка на теренот за градба од општината. Тоа им носи дополнителен страв на локалните жители, затоа што со изградба на пристапен пат до плацевите ќе им се навлезе во нивните дворови, што значи правно не е можна експропријација.

Леана Таќи живее на улицата Питу Гули и вели дека еден од најголемиот страв за неа е безбедноста на нејзиниот дом, затоа што ридот позади нејзината куќа е од глина и постои опасност од свлечишта доколку почне да се гради на него. Таа стравува дека со дозволата издадена на „Маркеза“ се отвора пат да им се издаде дозвола и на соседите на тој плац и да се исече 12 илјади метри квадратни шума.

„ Зборувам за сите, и за имотот на Груевски, за кој слушавме во бомбите, и за овој новиот на Маркеза, затоа што мислам дека едниот кога ќе добие, многу ќе биде полесно да протуркааат и другите и тогаш ако има правна основа за да се изгради едното, која ќе бида правната основа за да се спречат останатите градби,“ вели Таќи.

Таа додава дека покрај безбедносната грижа, стравуваат и за својот имот, затоа што до парцелата на „Маркеза“ нема пристапен пат, па доколку треба да се гради пат тој ќе мора да минува низ нивниот приватен имот на кој живееле неколку генерации во изминатиот половина век. Таа улица што е внесена во ДУП-от, а не е изградена, може да се изгради само ако е од јавен интерес, но во овој случај тоа не е така, затоа што води до приватни имоти.

„ Тие се запишани како резиденцијални објекти, но плацовите за кои зборуваме, ако ги погледнете плановите за кои зборуваме, конкретно оваа, станува збор за зграда со три спрата над земја и два под земја, што е практично зграда со паркинг места и доколку дојдете и го видите просторот нема да ви се верува за што зборувам и за тоа каде ќе се смести тој објект“ вели таа.

Жителите од тој крај со кои разговаравме велат дека Водно има исклучително висока безбедносна улога, воено-безбедносна, а обезбедува и безбедност на граѓаните од ерозија и од поројни поплави и не смее да се дозволи да остане незаштитено и да се гради. Тие стравуваат дека ако се изгради таква улица со ширина од 8 метри, нивните влезни врати од куќите ќе бидат директно на улица. Предвидената уцртана улица која до сега не е изградена според сегашниот ДУП кој е на сила е предвидено да заврши точно до плацот чии сопственик е „Ексико“, велат жителите.

Дел од архитектите и урбанистите бараат итна суспензија на спорните ДУП-ви . Ако урбанистичките планови сега се на сила, по укинувањето на мораторумот тогаш инвеститорите имаат право да побараат одобрение за градба, вели архитектката и поранешна претседателка на Асоцијација на архитекти Сања Рагеновиќ Јовановиќ.

„ И како што најчесто бива кај нас, да го добијат врз основа на лошите урбанистички планови. Не е битно дали бара одобрение за градба спроти Холидеј Ин или некој друг. Тоа е тој „зачаран круг “ во кој ако се плановите на сила, општината е должна да им ги издаде одобренијата за градење. Како што може утре да добие сопственикот на парцелата спроти Холидеј Ин, утре може да добие и кој било друг инвеститор кој што бара одобрение на спорните планови. Затоа мора тие планови радикално да се решат, и да нагласам НЕ со истите планери кои што мора да сносат одговорност“ вели Рагеновиќ – Јовановиќ.

Советниците во општината со кои разговаравме немаат пристап до урбанистичкиот дел, односно до тоа кои се инвеститори бараат дозвола за градба во спорните ДУП-ови. Велат дека често се изненадени кога во јавност ќе излезе информација за тоа кој инвеститор добил дозвола за градба.

Сомнителна леснотија за промена на ГУП и ДУП

Деталниот урбанистички план за овој дел од Водно е донесен во јули 2014 година. Тое е единствен ДУП кој е изгласан без потребното мнозинство односно беше донесен со 11 гласови„ за “ и 11 гласови „ против“ и еден воздржан.

Шиповиќ овозможи кворум за промена на ДУП-овите во Центар

Шиповиќ воздржан, спорна законитоста на контроверзните ДУП-ови

Советниците од ВМРО-ДПМНЕ поддржани од тогашниот претседавач на Советот, Мирослав Шиповиќ, имаа кворум за да ги исцртаат локациите во заштитената зона на Водно. Во тој период Шиповиќ беше уапсен и притворен за случајот „Машинопромет“, а подоцна пуштен да се брани од слобода.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG