Достапни линкови

Незадоволство од пресудите за „Рекет“, без одговор каде завршија парите


Првообвинетиот Бојан Јовановски на пресудата за случајот Рекет.
Првообвинетиот Бојан Јовановски на пресудата за случајот Рекет.

Ни одбраната, ни обвинителството се задоволни од пресудите за случајот „Рекет“ и најавија жалби. Јовановски е осуден на 9 години, а Јанева на 7 години затвор. Прашањето каде завршиле парите изнудени од бизнисменот Камчев врз кој се базираше случајот, остана неодговорено.

Девет години казна затвор за Бојан Јовановски, познат како Боки 13, а 7 години за поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева изрече денеска судот за случајот „Рекет“.Јовановски е осуден за незаконско примање награда и перење пари, а Јанева за злоупотреба на службена положба и овластување. Јанева поради семејни причини не беше присутна на изрекување на пресудата, за која Јовановски реагираше дека е донесена од политички причини.

„Овој ден ќе го прогласам како ден на политичка кампања. Донесовте политичка пресуда. Парите рекетирани во оваа Македонија барајте ги кај Зоран и Вице Заеви“, рече Јовановски пред судот.

По околу седум месеци од првото рочиште во декември, минатата година и по сведочењето на клучниот сведок, бизнисменот Орце Камчев кој дал еден и пол милиони евра за возврат да му биде олеснета положбата во случајот „Империја“, се уште не е јасно каде завршија парите.

Обвинителката во случајот Вилма Русковска рече дека не може да каже дали јавноста е задоволна или не, бидејќи не се даде конкретен одговор за изнудените пари.

„Јас сметам дека најголемиот дел завршиле кај Бојан Јовановски и кај Катица Јанева. Тоа е моето лично убедување“, рече Русковска.

За Јанева рече дека очекувала казна затвор од 7 до 8 години, а не е задоволна од пресудата на Јовановски, бидејќи не очекувала казна под 10 години затвор и најави жалби.

„Рекет“ финишира, клучните прашања висат

Незадоволна од пресудите е и одбраната, која исто така најави жалби до повисоките судски инстанци. Адвокатот на Јовановски, Сашко Дуковски запрашан да ја искоментира изјавата на Русковска за тоа каде завршиле парите се наврати на видео снимката на која се гледаат Јовановски и Зоран Милески, кој претходно го призна делото и беше осуден на три години затвор, како со торба си заминуваат од домот на Камчев во која наводно се парите.

„За најобичен поткуп од 50 евра на сообраќаен полицаец се обележуваат парите и се фаќаат. Дали вие мислите дека доколку тоа навистина така се случило Бојан Јовановски не би бил снимен од камерите и веднаш уапсен. Ова е една конструкција којашто е почната од самиот почеток со голема помош на соизвршителот кој што влегува и излегува од притвор кога и како сака. Значи се применуваат апсолутно двојни аршини“, смета Дуковски.

Тој изрази и незадоволство од продолжувањето на притворот на Јовановски. Додека Јанева останува во куќен притвор. Адвокатката на Јанева, Ирена Фрчкоска смета дека казната за нејзиниот клиент е превисока.

„Судот во својот вовед кажа дека со оваа пресуда сака да се врати довербата во правосудството. Ние како одбрана сметаме дека со вакви прсуди не се враќа довербата во правосудството. Напротив сметаме дека судот треба да суди врз основа на докази, а во конкретниот случај докази дека Катица Јанева го сторила кривичното дело за кое денеска е осудена не постојат“, порача Фрчкоска.

„Лично и понатаму опстојуваме на тоа дека не постоеше ниту еден доказ за вината на Катица Јанева“, додаде и другиот нејзин адвокат Дељо Кадиев.

Судот нареди и конфискација на имотот на осудените поврзан со случајот. Јовановски е осуден дека го искористил своето влијание врз Јанева и изнудил пари од Камчев, осомничен во „Империја“, чија истрага ја водеше СЈО, а предметот потоа го превезема ОЈО. Јанева, според пресудата, го прифатила влијанието на Јовановски и ја злоупотребила својата положба.

Околу истрагата за „Империја“, Русковска рече дека е закочена поради пандемијата со коронавирусот и не знае уште колку време ќе им биде потребно за нејзино завршување. Во Случајот „Империја“, покрај Јордан Камчев, за перење пари се осомничени и поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков и уште неколкумина бизнисмени.

За случајот „Рекет“ беа одржани 56 рочишта, испитани 30 сведоци и поднесени 270 материјални докази. Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври лани поднесе обвинение против Јовановски, Јанева и Милевски.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG