Достапни линкови

Кандидати за нов лидер на средношколците: Емира за гласност, а Лука за школска демократија


Членови на Сојуз на средношколци
Членови на Сојуз на средношколци

Емира Хусовиќ и Лука Павиќевиќ се двајцата кандидати за претседател на Сојуз на средношколци. Кој ќе го наследи Бленди Ходаи?

На 29 мај, Сојузот на средношколци ќе избира нов претседател. Досегашниот Бленди Ходаи е матурант и се надева дека неговата мисија да биде слушнат средношколскиот глас ќе продолжи. Неодамна, ги одбраа двајцата кандидати за изборот на нов претседател, конкретно, Емира Хусовиќ, ученичка во СОУ „Кочо Рацин“ – Велес и Лука Павиќевиќ. ученик во меѓународното училиште „Нова“.

РСЕ: Што те мотивираше да се кандидираш за претседател на Сојузот на средношколци?

Емира Хусовиќ, ученичка во СОУ „Кочо Рацин“ - Велес и кандидатка за претседател на Сојуз на средношколци
Емира Хусовиќ, ученичка во СОУ „Кочо Рацин“ - Велес и кандидатка за претседател на Сојуз на средношколци

Емира Хусовиќ: Квалитетното образование не е привилегија, туку право на секое дете. За жал, во Македонија, ние како средношколци сме дискриминирани и непочитувани. Образованието кое го добиваме е на многу ниско ниво, а нашиот глас е потиснат. Токму затоа постои Сојузот на средношколци кој гласно и јасно го претставува ставот на средношколците. Како Младински амбасадор и активен член на Управниот одбор во Сојузот, мојата цел е да го продолжам патувањето кон поквалитетното образование. Образованието на високо ниво ќе придонесе за подобрување на целокупниот систем на државата во иднина. Овој факт е еден од моите најсилни мотивации за позицијата на претседател на Сојузот на средношколци. Јас не можам да го сменам образованието преку ноќ, ниту би можела да го сменам целосно за само 2 години. Но, заедно со сите средношколци од државата, би можела да продолжам таму каде што застанал Бленди и да чекорам полека, но сигурно кон квалитетното образование за сите средношколци во Македонија. Јас ќе бидам гласот кој ќе одекнува насекаде за да ги добиеме правата кои ни следуваат, да ги задржиме оние кои што ги имаме и да го унапредиме образованието, а со тоа и нашата иднина.

Лука Павиќевиќ, ученик во меѓународно училиште „Нова“ и кандидат за претседател на Сојуз на средношколци
Лука Павиќевиќ, ученик во меѓународно училиште „Нова“ и кандидат за претседател на Сојуз на средношколци

Лука Павиќевиќ: Всушност, јас сум волонтер во граѓанскиот сектор уште од VII одделение кога бев во основно училиште. Слабите резултати на образовниот систем и неговата поставеност ме натераа одговорите на многу мои прашања да ги барам надвор од формалното образование. Како растеше моето искуство, сфатив дека игнорирањето на нашиот глас, на самите средношколци, е една од главните причини за проблемите во нашето образование. Гледајќи дека Сојузот активно предлага подобри образовни решенија, се вклучив како активист. Јасно ми е дека не можеш само да бараш или да критикуваш, туку мораш и да понудиш идеи и да одработиш. Тоа и го правам и сум одлучен да продолжам да се вложам целосно. Имам чувство на одговорност кон сите мои врсници, особено да ги поттикнам активно да го искористиме сиот наш потенцијал за создавање на еден подобар образовен систем, и за нас средношколците и за идните генерации. Она што го градиме во Сојузот не е само за денес.

РСЕ: Кои се твоите замисли и идеи за активности доколку станеш претседател на Сојузот на средношколци?

Емира Хусовиќ: Ако бидам избрана за претседател, има многу работи коишто сакам да ги постигнам заедно со сите средношколци. Верувам дека во тие две години, нашиот глас ќе се слуша насекаде, нашите ставови ќе бидат почитувани, а ние заедно ќе создаваме иновативни и креативни решенија за предизвиците кои не спречуваат до квалитетното образование. Како претседател, сакам да се фокусирам на одредени проблеми и активности како што се еднаквоста меѓу учениците, бесплатни обуки и работилници за сите средношколци во соработка со невладините младински организации, воведување на сексуалното образование, создавање на едукативна национална платформа, организирање на дебати и кампањи, залагање за практична настава, спроведување на mental health awareness програма, спроведување на анкети, работење на локални проблеми со кои се соочуваат средношколците, воведување на таканаречени „табу“ теми во формалното образование. Но, секако дека ќе бидам спремна за реализација на други предлози и идеи во наредните две години.

Лука Павиќевиќ: Имам неколку замисли во мојата програма. Три од нив би ги исправиле постоечките неправди, а другите две дополнително би го развиле системот. На пример, планирам Сојузот во јавноста да пласира идеја за поддршка на средношколците кои се ранлива категорија преку бесплатен градски и меѓуградски автобуски превоз како што е во други земји или преку субвенционирање на велосипеди. Тој предлог има и социјална и еколошка компонента - двете се инвестиција во иднината. Се залагам и за промена во моделот на работа на училишните психолози. Не треба да потсетувам на траумите од ужасните феномени како Јавна Соба, нели? Психолозите може да помогнат. Наместо административна работа како досега, новиот модел ќе ја даде шансата на секој/а средношколец/ка да закаже индивидуална сесија со својот психолог. Исто така, моја замисла е воведување на нов предмет во средните училишта, наречен Граѓанско и финансиско образование. Овој предмет ќе се бави со политичкиот систем, медиумската писменост, должноста кон заедницата, финансиската писменост и претприемништвото. По завршувањето на средното училиште да имаме генерации кои знаат демократски и претприемачки да расудуваат, а не да бидат манипулирани.

РСЕ: Според тебе, кој е најприоритетниот проблем во средното образование?

Емира Хусовиќ: Како активна младинска активистка која е запознаена со сите предизвици и проблеми во образованието, сметам дека образованието како целовкупен систем е најприоритетен проблем. Не можам да кажам дека на пример, недостатокот на практичната настава е најприоритетен проблем затоа што од друга страна е цела низа на проблеми кои се еднакво важни. Образованието ја гради нашата иднина, а со неквалитетното образование ние не добиваме иднина каква што сакаме.

Лука Павиќевиќ: Одлуките во образованието не може да ги носат само бирократи, наставници, родители, директори – сите освен најголемата група во училиштата – учениците. Ваквиот однос се рефлектира и на национално, но и на училишно ниво. Имаме ученички заедници кои сакаат нешто да постигнат, а се блокирани од училишната администрација. Имаме и такви кои се под контрола на директорите. Младите се полни со идеи, ние сме нова генерација и имаме своја визија и за денешнината и за иднината. Идеите мора да се поддржат и стимулираат уште во училиштето. Тоа е така во сите успешни земји. Внатрешколската демократија мора да се воведе, а ова ќе биде приоритет на Сојузот за време на мојот мандат, секако доколку ги добијам изборите. Да не заборавиме, Сојузот во ова раководство постигна многу по ова прашање.

РСЕ: Како досегашен активен член на Сојузот, дали има нешто на кое би се посветил за промена во организацијата и/или проширување на Сојузот?

Емира Хусовиќ: Една од моите идеи е да започнам соработка со невладини младински организации. Од тоа заемно дејствување можат да произлеат многу работилници, кампањи и дебати кои секако би биле од интерес на средношколците. Покрај соработката со младински организации во нашата земја, сакам да го поврзам Сојузот и со другите земји на Балканот и пошироко. Соработувањето со средношколците од Балканот, но и од останатите држави, ќе ги прошири нашите знаења, размислувања и ќе ни овозможи меѓународна комуникација.

Лука Павиќевиќ: Задоволен сум од статутарната поставеност на организацијата. Така што, би работел на зголемување на мрежата на активисти во сите градови и почеста комуникација со ученичките заедници. Сојузот да биде центарот во кој што ќе се слеваат идеите и иницијативите од целата држава. Ваквите иницијативи ќе го засилат влијанието на Сојузот, што пак значи поголема претставеност на гласот на средношколците.

РСЕ: На другата линија од Сојузот на средношколци е Средношколски глас, кои се неформално здружување. Дали би се обиделе заедно да дејствувате?

Емира Хусовиќ: Секогаш би била расположена за нови соработки и поврзувања, но сметам дека неформалното здружување Средношколски глас и ние како Сојуз имаме различни размислувања и цели. Тие не не почитуваат нас, нашите размислувања, како и нашите постигнувања. Но, не знам што ќе се случи во иднина, можеби еден ден ќе најдеме заеднички јазик и почитување од нивна страна.

Лука Павиќевиќ: Линијата е една: интересот на средношколците и нашата иднина. Сојузот делува на национално ниво, има структури, поставеност, програма, па еве и демократски избори. По тоа сме единствени во земјата. Да потсетам дека Сојузот е единственото национално претставничко тело на средношколците. Отсекогаш сум бил отворен за соработка со секој поединечен средношколец кој на средношколскиот активизам му приоѓа со чиста мисла и желба за промени.

XS
SM
MD
LG