Достапни линкови

Лидерот на Сојузот на средношколци во заминување: „Им дадовме глас на безгласните“


Бленди Ходаи, претседател на Сојуз на средношколци на средба во Влада
Бленди Ходаи, претседател на Сојуз на средношколци на средба во Влада

Сојузот на средношколци до крајот на мај треба да добие нов лидер. Актуелниот претседател, матурантот Бленди Ходаи од Тетово го советува новиот лидер да не дозволи партизација на Сојузот.

После два мандати како претседател и еден од основачите на најголемото средношколско движење, Сојуз на средношколци, матурантот Бленди Ходаи се подготвува за влез во високото образование и предавање на лидерството на средношколското здружување. Сојузот на средношколци се оформи во 2017 година, а Ходаи времето минато во Сојузот вели дека засекогаш ќе го памети.

„Навистина имам многу убави спомени кои ќе ги помнам од 2017 година - требаше со Сојузот да почнеме од ништо, ги организиравме учениците во силно средношколско движење, им дадовме глас на безгласните, станавме партнери во процесите на носење на одлуки и многу повеќе. Засекогаш ќе го паметам ова искуство, полно со успеси затоа што надминавме сечии очекувања“, вели тетовчанецот Ходаи.

РСЕ: Која промена и успех ти е најдрага?

Ходаи: Кога ќе ме прашаат кој е мојот најдраг успех, тешко ми е да одлучам бидејќи за време на моето лидерство постигнавме толку многу. Но, успехот кој е најблизок до моето срце е тоа што поделените ученици ги споивме. Денес сум горд дека средношколците Албанци дискутираат за образованието со Македонците, Турците, Србите… Ние постигнавме кохезија и интеркултурализам во 4 години, а другите не успеа тоа да го направат во последните 30. Поради ова, ССРСМ е уникатен.

РСЕ: Колку си задоволен од соработката со институциите, поточно со МОН и училиштата? Дали оди кон подобро?

Ходаи: Дефинитивно има подобрувања во соработката, ситуацијата беше доста различна пред четири години. МОН не го ценеше мислењето на учениците, но денеска седиме на иста маса и им нудиме политики кои ќе го подобрат образовниот систем. Има голем напредок и мојата визија како основач и лидер е да ги видам средношколците како го обликуваат образованието во наредните четири години.

РСЕ: Од друга страна, колку си задоволен од своите врсници? Колку се залагаат за промени?

Ходаи: Сметам дека моите врсници се повеќе стануваат активни во нивните заедници и ова ме радува. Тие треба да бидат задоволни со нивниот активизам. Сепак имам приметено и негативна тенденција - мојата генерација знае само да се жали, а не да нуди решенија за проблемите. Затоа ова е повик да се разбудите и повеќе да работат. Треба да излеземе од нашите комфорт-зони. Верувам во посветла иднина и нашата способност заедно да ја израдиме - „Acta Non Verba“.

Заедничка прес-конференција на премиерот Зоран Заев и лидерот на Сојузот на средношколци Бленди Ходаи по средбата за матурата
Заедничка прес-конференција на премиерот Зоран Заев и лидерот на Сојузот на средношколци Бленди Ходаи по средбата за матурата

РСЕ: Според тебе, што е клучно за успешно делување како средношколско движење?

Ходаи: Покрај секако потребното високо ниво на мотивација кај претставниците на средношколците, најклучна е силата на аргументите кои движењето ги има. Без разлика на немањето ресурси, без разлика на (не)поддршката, доколку визијата и аргументите за кои се залага Сојузот се супериорни во однос на соперниците, Сојузот секогаш ќе победува. Важно е да се има правична кауза. Всушност само така и се успева. Искрената верба во тоа за кое се залагаме како и силни, автентични аргументи се двете работи кои гарантираат успешно делување на средношколското движење.

РСЕ: До 10-ти мај беше повикот за кандидати за претседател на Сојузот. Колкав е интересот?

Ходаи: Извршниот одбор реши да го продолжи крајниот рок на конкурсот до оваа сабота, 15 мај. Повикот е детално и внимателно обмислен со цел да се осигураме дека следниот претседател ќе биде добар лидер на сите средношколци. Така, имаме и критериум кандидатите да имаат претходно шестмесечно искуство во Сојузот, како и да поднесат заедничка кандидатура со нивниот предлог-тим за новото раководство на организацијата. Сметам дека иднината на Сојузот е во сигурни раце!

РСЕ: Што би го советувал новиот претседател?

Ходаи: Мојот совет до мојот наследник е да продолжи да чекори по патот кој независно го поплочивме во последниве четири години. Не смееме да си дозволиме да чекориме наназад. Клучно е за мојот наследник да не дозволи политизација на средношколскитот сектор и да не се фокусира на пречките, туку на целите кои тој/таа ги имаат замислено.

РСЕ: Какви промени би сакал да видиш во средното образование?

Ходаи: Има уште многу работа за подобрување на средното образование. Најпрвин, учениците мора да бидат признаени како еднакви партнери во сите образовни системи. Мојата визија е образование во кое средношколците ќе просперираат. Училишта кои ќе се создаваат граѓани, а не послушници. Образовен систем кој ќе произведува критички мислетели, а не машини за репродуцирање на наученото. Образование кое ќе ги опремува средношколците со потребните комптенции за 21. век, наместо да ги уназадува и затупавува. Школство кое ќе ги подготви учениците како да се справат со проблемите во нивните животи...

XS
SM
MD
LG