Достапни линкови

Младите разочарани од состојбите во македонското општество


Илустрација - млади
Илустрација - млади

На денешната дебата за младинските видувања за иднината, преовладуваше разочарувачки тон на учесниците, студенти. „За година дена треба да завршам со студии, и се фаќам себеси како одолговлекувам за да најдам начин како да заминам од државата“, истакна една од студентките учесници на дебатата „Имам што да кажам за мојата иднина“, во организација на Меѓународното европско движење.

Образованието, интеграции во Европска Унија, семејството, животната средина, корупцијата... Младите зборува за нивните замисли и желби за тоа во какво општество сакаат да живеат. Дебатата со наслов: „Имам што да кажам за мојата иднина“, е традиционална активност на Меѓународното европско движење.

Многумина зборуваа дека се незадоволни, немотивирани и неслушнати.

„Јас се чувствувам заробено, депресивно и немотивирано. За година дена треба да завршам со студии, и се фаќам себеси како одовлекувам за да најдам начин како да заминам од државата“, изјави Цвета Ангелова, студент на Институтот за социологија, која емотивно објасни дека нема позитивен став за иднината.

Јован Јанев, студент на правни студии во Штип истакна дека треба да се надминат последиците од минатото, како омразата која ни се наметнува.

„Многу голем дел од политичарите, од моќниците го имаат уништено поимот демократија. Се губи гласот на народот, а со тоа се губи и гласот на младите. Се соочуваме со поделеност, се соочуваме со тоа дека партиите се тие кои треба вработат. Не можеме да зборуваме за европска визија доколку ова не се промени“, рече Јанев.

Онлајн студентска дебата „I have something to say about my future“
Онлајн студентска дебата „I have something to say about my future“

Според него, промените треба да започнат од образованието. Една од промените кои ги наведе е поголемо учество на учениците, бидејќи засега, како што вели тој, владее наметнување на мислења.

На ова се надоврза и Дејан Димитриев, студент на електротехника и информатички науки при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, според кој, секоја промена треба да се прави врз основа на идентитетски вредности во македонското општество. Потсетувајќи на обидот да се реформира основното образование со воведување на кембриџ платформата, истакна дека тоа беше неуспешно бидејќи не беше врз основа на македонските вредности.

„И сега се прави грешка, затоа што не е инклузивен процесот. Потребно е поголем репрезентативен примерок од млади и родители. Процесот на промена условно треба да биде бавен, и да биде темелен и инклузивен, затоа што неколку советници во министерство не се самите кадарни за да направат големи промени“, изјави Димитрев.

Студентите истакнаа и разочарување од вниманието кон животната средина, истакнувајќи дека културата на граѓаните е далеку подолу од културата на граѓаните во Европска Унија. Дополнително, голем дел зборуваа дека потребно е да се намали нивото на корупција и да се врати довербата во судството. За Марија Крстева, студент на Правен факултет при УКИМ, интеграциите во Европската Унија може да помогнат во овие области, преку мониторинг и вршење притисок.

Со разочарувачки тон зборуваа и за (не)инкузивноста на младите во носењето одлуки. Според Димитриев, младите секогаш се спремни за дејствување, но услов е тие да бидат слушнати, истакнувајќи дека владее глувонемост кај институциите.

„Сите велат дека младите се иднината на една земја, но јас мислам дека младите не се иднината, туку и сегашноста, а иднината се децата, не се младите. Потребно е да се искористи потенцијалот на младите“, изјави Абедин Исмаили.

Дебатата е дел од традиционалното одбележување на 9-ти мај, денот на Европското обединување. Организирана е во соработка со Делегацијата на Европската Унија и Фондациајта Конрад Аденауер.

XS
SM
MD
LG