Достапни линкови

Попис сега, резултати во јануари


Попис на населението 2021
Попис на населението 2021

Во 50 пописни реони, 5.000 попишувачи го започнаа попишувањето на населението, домаќинствата и објектите. Пописот ќе трае до крајот на месецов. Првиот пописен ден поминува без проблеми, а граѓаните не одбиваат да се попишат. Резултатите од пописот се очекуваат во јануари.

Првиот ден од пописот изминува без проблеми, информираат од Заводот за статистика. Претходно директорот на Заводот рече дека немало технички проблеми и луѓето не одбивале да бидат попишани. Пописот почна на 5 септември во осум часот во сите 50 реони и ќе трае до крајот на месецот.

Тој ги повика граѓаните да соработуваат за да се добијат релевантни податоци и да не подлегнуваат на иницијативите кои повикуваат да не им се отвара врата на попишувачите. Повтори дека попишувањето е безбедно во однос на ширењето на вирусот и нагласи дека попишувачите имаат соодветни легитимации со кои мора да се излегитимираат.

Со бојкотирањето на пописот, како што рече, граѓаните прават штета на самите себеси.

„Ве повикувам сите да се вклучите масовно во оваа операција бидејќи податоците се за вас. Не собираме податоци за да правиме некакви други работи, да ги чуваме во некои архиви и слично, туку за да бидат употребени во онаа насока во која кажав. Не подлегнувајте на сите оние иницијативи да се бојкотира пописот бидејќи правите штета на себе си и на своите деца.“, рече Симовски.

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски
Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски

Теренското попишување го вршат 5 000 попишувачи, а во секое домаќинство влегува по еден попишувач, поради пандемијата на ковид. Попишувачите носат брендирани маици и специјални легитимации. Симовски повика податоци да се даваат само на попишувачи со легитимации.

За оние пак кои ќе одбијат да дадат податоци, Заводот нема намера да поведува кривични постапки. Постапка би се повела само во исклучителни ситуации, вели Симовски.

„Нема кривична пријава за тие што нема да даваат податоци. Пријавата е прекршочна ако треба да се поведе. Нашата намера е да немаме вакви случаи, ние ќе се обидеме на сите можни начини да ги убедиме граѓаните дека учеството во пописот е во нивни интерес и да не одбиваат. Ако мора само во исклучителни ситуации ќе ја покренеме таа постапка. Пријавата е прекршочна и се однесува на сите членови на домаќинството што одбиваат“,
рече Симовски.

Пописот започна денеска и ќе трае до крајот на месецот. Во земјава немало попис 19 години. Попис последен пат во земјава имаше во 2002, а обидот за попишување во 2011 беше неуспешен.

Овој попис ќе се спроведува според комбиниран модел, односно освен прибирање на податоци директно од населението на терен, ќе се користат и податоци од таканаречената Претпописна база, каде со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваат сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата.

Пописот ќе се спроведува на седум јазици, прашалниците треба да бидат потполни за да се признаат. Во прашалниците има шеесетина прашања.

Пописот првично требаше да се одржи во април, но поради пандемијата на ковид се одложи за во септември. Одложувањето тогаш беше на барање на опозициската партија, ВМРО-ДПМНЕ. Од партиите единствено Левица има забелешки на методологијата на пописот. Од ВМРО-ДПМНЕ минатата недела само побараа пописот да биде електронски, но сè остана на тоа.

Против попис се и од Иницијативата „Не отворам врата“, кои побараа пратениците да го одложат пописот, оти за одложување на операцијата треба да се донесе нов закон. Тоа не се случи, па од Иницијативата најавија бојкот.

Попис во пандемија

Пописот ќе се спроведува во време кога државата е погодена од четвртиот бран на ковид-19. Во моментов во земјава има повеќе од 15 илјади луѓе официјално регистрирани како позитивни на вирусот. Но здравствените власти не се исплашени дека пописот ќе придонесе за ширење на заразата. Доколку протоколите се почитуваат сè ќе биде во ред, велат здравствените власти.

Најголем дел од попишувачите се вакцинирани, и доколку некој од граѓаните одбие да го попишува невакциниран попишувач, веднаш ќе му се обезбеди попишувач кој примил вакцини.

Ковид протоколи за попишување

Попишувачот треба да носи маска и за него има обезбедено средство за дезинфекција. Секаде каде што е можно попишувањето треба да се прави во отворен простор, пред зграда, во двор, доколку тоа не можно пред влезот во нечиј дом попишувачот треба да ги дезинфицира рацете и лаптопот и да побара домаќинот доколку не носи маска да си стави. Да се отворат прозорците во просторијата и распоредот на седење да биде на дистанца од најмалку два метри.

Според протоколите за спрoведување на пописот, попишувањето на лицата кои се во изолација поради ковид, доколку изолацијата им трае додека е пописот, ќе бидат попишани откако ќе излезат од изолација, за нив податоци може да даде и некој близок кој не е во изолација, а ги знае сите податоци за лицето.

Министерството за здравство на дневна основа ќе доставува податоци до Заводот за статистика за тие лица што се во изолација или се позитивни на коронавирус.

Според Законот за Попис, Заводот има обврска да ги објави податоците 6 месеци по завршувањето на теренските активности. Директорт на Заводот за статистика Апостол Симовски очекува обработката да се изврши и порано и податоците за бидат објавени во јануари следната година. Оваа статистичка операција ќе чини 8,5 милиони евра.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG