Достапни линкови

Насилството меѓу младите е огледало на општеството


Илустрација

Полициските билтени покажуваат дека лани биле евидентирани 1239 кривични дела сторени од малолетници. Социолозите велат дека насилството кај младите ја одразува сликата на општеството.

Избодено до смрт седумнаесетгодишно момче во скопското Ново Лисиче, претепано петнаесет годишно момче во Гостивар, 18 годишник уценувал девојка со компромитирачки видео материјали. Ова се само дел од информациите кои изминатиов месец се објавени во полициските билтени за насилство во кое се вклучени млади луѓе. Според податоците од МВР во 2018 година 1239 кривични дела се сторени од деца, односно малолетници, додека во 2017 година се евидентирани 1584 кривични дела сторени од деца.

Мотивите се честопати бизарни, од кавги за девојка, до недоразбирања на етничка а понекогаш и политичка припадност.

Насилството, особено она меѓу млади, ја одразува сликата на едно општество, вели социологот Илија Ацески. Тој објаснува дека на младите во домот и во образованието не добиваат доволно внимание за оваа тема. Ацески смета дека родителите преокупирани со егзистенцијалните проблеми, честопати доцна ги забележуваат промени кај децата. Од друга страна пак, и училиштата исто како да не посветуваат доволно внимание на овие предизвици.

„Mногу доцна ја забележуваат промената кај децата, кога на 12/13 години почнуваат да се осамостојуваат, тогаш преземаат некои активности. Кога училиштето и семејството не одговараат навремено на, ако може така да се каже, на тие предизвици, добивате тоа што го има сега во Македонија, да се соочуваме со помасовно насилство меѓу млади кое е веќе и зачудувачко“, вели Ацески.

Од друга страна и социјалните медиуми имаат улога во развојот на младите луѓе кои со часови минуваат пред екраните како дел од виртуелниот свет, далеку од реалност. Социјалните мрежи влијаат врз однесувањето на младите, а честопати и ја преземаат воспитната улога во градењето на личноста на младите.

„Тука говориме за еден сајбер идентитет, кој многу грубо или насилнички се наметнува кај децата и младите и ја надминува таа граница на имагинарното на мрежата со реалниот живот. По ова дел од младите го губат тоа чувство за реалност и се идентификуваат со тоа нешто нереално приближувајќи се на чекор до насилство. Училиштата се преполни со булинг, а воспитувачите малку обрнуваат внимание на тоа “, вели Ацески.

Насилството меѓу учениците се шири на интернет

Проблемот со насилството меѓу младите е сложен, но никогаш со сигурност не може да се утврди зошто таквото однесување е популарно. Причините пак се различни, од лошиот образовен систем, недоволна грижа на родителите, неказнивоста на кривичните дела сторени од малолетници до општествените случувања и неодговорни изјави на политичари и јавни личности до затајувањето на возрасните во превенирањето на насилството велат социолозите. Тие предупредуваат дека ниедна власт до сега сериозно не го отворила проблемот и не му пристапила системски со цел превенција и спречување на насилно однесување кај младите луѓе. Санкциите за насилство треба да бидат клучни, за да имаме подобрување на состојбите, почнувајќи од казни за говор на омраза, велат дел од социолозите.

Според последниот извештај на Хелсиншки комитет за заштита на човековите права покажуваат дека од почетокот на годинава до сега се сторени над стотина инциденти од омраза, од кои повеќе од половина, односно 65 проценти се меѓу млади луѓе. Статистиката на Хелсиншкиот комитет покажува дека мнозинството од жртвите и сторителите се млади луѓе.

„Делата од омраза не се случуваат во вакуум, тие се насилна манифестација на предрасуди која понатаму продира во пошироката заедница. Поради тоа, неопходно е да се зајакнат превентивните мерки, меѓу другото, со преземање чекори за едукација на јавноста за вредностите на културната разновидност и инклузија, со посебен фокус на децата и младите луѓе, се вели во соопштението од Хелсиншки комитет.

Во 2018 година Хелсиншкиот комитет забележал 130 инциденти од кои повеќе од половина биле во Скопје. При еден од тие инциденти почина и 20 годишниот Никола Саздовски кој беше претепан до смрт на автобуска станица во скопската населба Автокоманда. Двајца од тројцата напаѓачи добија осудителни пресуди годинава со казна затвор од 19 години. Нападите на тројца други малолетници во автобус, според податоците од Хелсиншки се уште не се расчистени.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG