Достапни линкови

Нема оправдување за однесувањето на Талат Џафери, оценуваат екс спикери


Претседател на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери
Претседател на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ најавија интерпелација за собранискиот спикер Талат Џафери, по вчерашното заклучување на вратите во салата. Поранешниот претседател на Собранието Тито Петковски вели дека ниту еден Деловник за работа не дозволува вакво однесување во парламентарниот дом

Затворањето на вратите во домот кој треба да е симбол на парламентарната демократија за да се пребројат пратениците е недозволиво и ниту еден Деловник за работа тоа не го оправдува, реагира поранешниот претседател на Собранието Тито Петковски. Неговите коментари следуваат по последните случувања во македонското собрание, кога собранискиот спикер побара да се заклучат собраниските врати од салата, за службите да ги пребројат пратениците на 71 првата седница на која се распараваше по 15. точка од дневниот ред - Дополнет предлог закон за спречување перење пари и финансирање на тероризам

На ова пак, претходеше аудио снимка којашто излезе деновиве по завршувањето на една од собраниските седници, а на која се слушаа пцовки и навреди од претседателот Џафери кон собраниските служби.

„За мене ваквото однесување е отсуство на парламентарна култура. И таа пракса мора да престане. Спикерот го има во свои раце правото да го толкува Деловникот, но заклучувањето на просторијата внатре не е право на претседателот на Собранието, туку е дозволиво само во случај кога е загрозен неговиот живот. Не може да се оправда ниту говор на омраза, ниту закани или насилство, ниту пак затворање на пратеници внатре во пленарната сала. Јас не можам да најдам упориште за тоа внатре во Деловникот за Собранието“, вели Петковски.

Петковски: Талат Џафери нема право да ги заклучува пратениците
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:34 0:00
Директен линк

Петковски потенцира дека претседателот не смее да си дозволи вакво непримерно однесување и само ја потврдува тезата дека културата на комуникација е на многу ниско ниво.

„Скандалозно е тоа што се случува. Суверенитетот им припаѓа на граѓаните и преку пратениците се пренесува на Собранието. И сега граѓаните гледаат како некој во нивно име ја дискредитира и нивната волја, го дискредитира и парламентот и ги обесхрабрува до крај граѓаните дека нешто од нивен интерес ќе може да се направи. Значи во парламентот гледаме само конфронтација до „истребување“ меѓу политичките партии, односно пратеничките групи“, вели Петковски.

Поради ваквото однесување на Џафери, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“ најавија дека ќе поднесат интерпелација на Претседателот на Собранието Талат Џафери. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Џафери направил кривично дело, го загрозил слободното движење на пратенциите и го прекршил Уставот и Деловникот.

Стојан Андов беше претседател на собранискиот состав од 1991 до 1995 година. И тој смета дека однесувањето на Џафери е непримерно.

„Тоа јас така не би го правел. Сигурно има и други начини на кои може да воспостави ред спикерот и Џафери треба малку да подразмисли за тоа“, вели поранешниот спикер Андов.

Снимката која излезе пред десетина дена непосредно по една од собраниските седници предизвика лавина од реакции во јавноста. И тогаш Џафери се правдаше дека неговата реакција била изнудена откако пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ влезе во активна блокада на законодавниот дом.

Секој облик на навреда е кршење на законските одредби

Од Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани по последните случувања во Законодавниот дом велат дека секој облик на навреда од страна на претпоставениот е апсолутно кршење на сите позитивни законски одредби, на Уставот, на работнички права и основни слободи и човекови права предвидени со Европската конвенција.

„Ако некој има направено повреда од работен однос и ако тоа претпоставениот го утврди, претпоставениот секогаш има право против тој вработен да поведе дисциплинска постапка, па во тек на таа постапка да се докаже дали вработениот направил повреда на процесот на работа. Ако тоа се утврди вработениот може да сноси казна која може да биде парична, може да биде намалување на едно ниво подоле или да биде прекин на работно место, односно отказ“, објаснува претседателот на УПОЗ, Трпе Дејановски.

Тој додава дека викањето, навредите и пцовките кон вработениот, претставуваат класичен вид на мобинг, закани и притисоци, при што претпоставеното лице може да сноси одговорност иако е избран и именуван функционер и против него може да бидат поведени соодветни постапки согласно закон.

Со своја реакција за односот на собранискиот спикер кон вработените во собраниските служби деновиве се јави и Конфедерацијата на слободни синдикати. Оттаму посочуваат дека тие јавно реагирале дека вработените во јавниот сектор работат под огромен притисок од избраните и именуваните лица, што им создава стрес на работното место, а од друга страна заработуваат минимални плати со кои не можат да ги сервисираат своите животни трошоци.

„Многупати во извештаите на Европската комисија е истакнато дека главниот извор на корупција во јавниот сектор се токму именуваните и избраните лица кои без никаков респект секојдневно јавно ги напаѓаат вработените во јавниот сектор и прават притисок врз нив, со што работната атмосфера станува сѐ понеподнослива“, посочија од КСС.

Џафери веќе изјави дека не чувствува вина и одговорност поради аудио снимката на која се слуша неговата кавга со службите. Коментар нема ни за постапката која е покрената пред Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG