Достапни линкови

Вести

Џафери нема да се извини за пцовките, опозицијата бара негова оставка

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со транспаренти го дочекаат претседателто на Собранието Талат Џафери.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска рече дека не го прекршил етичкиот кодекс и дека не чувствува потреба да се извини за пцовките за службениците за кои неодамна слушна и јавноста. Тој вели дека пцовките не биле наменети за собраниските службеници, туку за нивната работа.

Џафери за време на денешниот брифинг со новинари, рече дека службениците направиле грешка, што доколку не ја увидел можела да доведе до тоа да не може да се поврати седницата.

Неодамна на Собранискиот канал на МТВ во живо се пренесе нервозното однесување на претседателот на Собранието Талат Џафери кој им вика на вработените во собраниските служби.

Пратениците од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ бараат Џафери да се охрабри и да признае што направил, а потоа да си поднесе оставка . Тие денеска во Собранието го дочекаа Џафери со транспаренти.

види ги сите денешни вести

Русија санкционираше 43 канадски граѓани како возвратна мерка

Протест за поддршка на Украина во Канада во јануари годинава

Русија воведе санкции за 43 канадски граѓани, вклучително и федерални и регионални функционери, членови на либералната партија на премиерот Џастин Трудо и јавни личности, како одговор на сличните чекори преземени од страна на Канада против руски функционери и бизнисмени и нивните семејства.

Министерството за надворешни работи во Москва на 27 јуни соопшти дека им забранило на канадските граѓани, вклучително и Сузан Кауан, шеф на Либералната партија на Канада, да влезат во Русија.

Минатиот месец, Канада воведе санкции за десетици руски поединци, вклучително и олигарси и лица блиски до Кремљ и Министерството за одбрана на Русија, како и неколку руски компании, поради тековната неиспровоцирана инвазија на Русија на Украина.

Откако Русија ја почна инвазијата врз Украина на 24 февруари, многу западни земји, вклучително и Канада, воведоа опсежни санкции кон Москва. Овие мерки вклучуваат исклучување на неколку руски банки од системот за глобални финансиски пораки SWIFT, ембарго на рускиот извоз, ограничувања на инвестициите, замрзнување на имотот на владините функционери и нивните семејства и забрани за патувања за многу високи руски функционери.

БЕГ остана без лиценците за дистрибуција и снабдување со топлинска енергија

Илустрација

Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи“ ДООЕЛ Скопје и „Снабдување со топлина Балкан Енерџи“ ДООЕЛ Скопје повеќе немаат лиценца за вршење на енергетска дејност дистрибуција и снабдување на топлинска енергија од страна на регулиран производител, соопшти Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ).

На главна седница на РКЕ донесени се одлуки со кои престануваат да важат одлуките за издавање на лиценца за вршење на енергетска дејност снабдување, односно дистрибуција на топлинска енергија на компанијата БЕГ.

Од РКЕ потсетуваат дека претходно донеле одлука и за престанок на лиценцата за производство на топлинска енергија.

По ова треба да се спроведе постапка за избор на вршител на енергетска јавна дејност, производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија. Откако ќе биде извршен изборот, РКЕ ќе издаде соодветни лиценци, наведуваат од РКЕ.

Сè до завршувањето на процедурата, БЕГ законски е обврзана да ја врши јавната дејност – производство, дистрибуција и снабдување на топлина, по што обврската ќе ја преземе компанијата што ќе биде избрана во постапката спроведена од Владата, стои во соопштението на РКЕ.

МЗ - Граѓаните да се заштитат од сонцето

Граѓаните да ги почитуваат општите препораки за заштита на здравјето, а особено да внимаваат и да преземаат соодветни мерки за заштита од УВ зрачењето, апелира Министерството за здравство поради високите температури кои деновиве ја зафатија територијата на државата.

„Доколку УВ индексот е повисок од 8, задолжително да се користи крема со заштитен фактор и капа, како и да се внимава движењето надвор да биде во сенка. УВ зрачењето и топлината се најсилни во периодот помеѓу 10 и 14 часот и се препорачува во тој период да биде што е можно помала изложеноста на сонце. Воедно, посетителите на плажа треба да имаат предвид дека белиот песок и другите светли површини рефлектираат УВ зрачење и може двојно да ја зголемат изложеноста на зрачењето“, наведува Министерството во соопштение.

Министерството за здравство потсетува на општите препораки за заштита на здравјето:

  • Во текот на екстремно топли денови, да се остане повеќе во затворени простории, под клима, а доколку е неопходен престој на отворено, да се најде можност за одмор под сенка.
  • Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце заштитни очила и капа. За сончање да се користи крема со висок заштитен фактор.
  • Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци. Воедно, да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна.
  • При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри.
  • Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба, термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу кус рок по подготовката, а ако тоа не се направи, така подготвената храна да се стави во фрижидер. Се препорачува да се избегнуваат производи кои не се термички обработени.
  • На хронично болните лица се препорачува редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.

Зеленски до Г7 - Војната да заврши пред да почне зимата

Германија - Украинскиот претседател Володимир Зеленски им се обраќа на лидерите на Г7 преку видео врска за време на нивната работна сесија на 27 јуни 2022 година

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски ги повика лидерите на Г7 да направат сè што е во нивна моќ за да се стави крај на руската инвазија на неговата земја до крајот на годината.

Зеленски во видео обраќање до лидерите на земјите од Групата најразвиени земји Г7, кои одржуваат состанок во Германија, рече дека сака војната да заврши пред да започне зимата. Тој во обраќањето побара системи за противвоздушна одбрана, повеќе санкции за Русија и безбедносни гаранции. Зеленски, исто така, побара помош за извоз на жито од Украина и помош за обнова.

Белата куќа на 27 јуни соопшти дека Соединетите Држави и нивните сојузници од Г7 планираат понатамошни активности за поддршка на Украина и санкции против Русија поради нејзината инвазија на нејзиниот сосед.

На самитот кој завршува утре, Г7 се очекува да издаде изјава за поддршка на Украина, вклучително и нови обврски за санкции.

За три дена нови 180 ковид-позитивни

Во изминатите три дена регистрирани се 180 нови случаи на ковид-19 од направени 2.880 тестови. Оздравени се 153, а починати нема, соопшти денеска Министерството за здравство.

Во Скопје се евидентирани 118 ковид-позитивни, Охрид 12, Кавадарци 8, Тетово 6, Битола и Струмица по 5, Штип и Неготино по 4, Прилеп и Кочани по 3, Куманово, Велес, Гостивар и Кичево по 2, Струга, Ресен, Радовиш и Делчево по 1.
Од вкупниот број на позитивни, 29 реинфекции.

Во текот на изминатите 3 дена (од 24 до 26.06.2022) не е пријавено ниту едно починато лице. Согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза ковид-19 од Мој Термин не се регистрирани починати лица.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 313.540, бројот на оздравени пациенти е 303.648, на починати е 9.322, а бројот на активни случаи изнесува 570.

МНР - Макрон уверува дека ненамерно згрешил со „Северномакедонци“

Белгија - Францускиот претседател Емануел Макрон, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел на состанокот на лидерите ЕУ-Западен Балкан, во Брисел, Белгија, 23 јуни 2022 година.

Направена е ненамерна грешка при употребата на придавката за граѓаните на Северна Македонија, вакво уверување денеска дал Кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон во телефонски разговор со министерот за надворешни работи Бујар Османи, соопшти Министерството за надворешни работи (МНР).

Од Министерството велат дека покрај редовната комуникација со амбасадата на Франција во земјава, министерот имал телефонски разговор со Кабинетот на претседателот Макрон.

Од таму го потврдиле официјалниот став на Франција за целосно почитување на официјалното име на државата, државјаните на Северна Македонија, како и соодветните придавки, на начин како тие се дефинирани и прифатени во Обединетите нации, согласно Преспанскиот договор.

Францускиот претседател Емануел Макрон за време на дводневниот самит на ЕУ во Брисел минатата недела во два напрати граѓаните на земјава ги нарече Северномакедонци.

Пратениците в четврток ќе расправаат за интерпелацијата на Џафери

Претседателот на Собранието, Талат Џафери

Седницата за интерпелација на претседателот на Собранието, Талат Џафери се очекува да се одржи в четврток на 30 јуни. Интерпелацијата ја поднесе опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Парламентот неделава има интензивна агенда во рамки на која ќе се одржат неколку седници почнувајќи од денеска. Утре се одржува средба на Мешовитиот парламентарен комитет Република Северна Македонија – ЕУ, во среда поставување пратенички прашања, а во петок се очекува да продолжи и седницата на Комисијата за финансирање и буџет на која на дневен ред е ребалансот на Буџетот.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата интерпелацијата за Џафери ја поднесоа на 30 мај, по што претседателот на Собранието запазувајќи го рокот во Деловникот одговори на неа и ја закажа седницата на која ќе се расправа.

Опозициската партија и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски и пред поднесувањето на интерпелацијата рекоа дека не очекуваат таа да биде изгласана и Џафери да замине од оваа функција, но оти сепак сметаат дека тој треба да одговара пред граѓаните за својата работа.

Согласно член 49 став 1 од Деловникот, претресот по интерпелацијата трае еден работен ден, до исцрпувањето на листата на пријавените пратеници за збор, а се одлучува најдоцна до 24.00 часот.

Претседателот на Собранието Џафери на седницата има право да го образложи својот писмен одговор или да даде устен одговор на поставената интерпелација.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои спроведуваат, како што ја нарекоа активна блокада во Собранието, го обвинуваат Џафери за нестручно и несовесно работење и претседавање со македонското Собрание. Според нив, во неколку наврати Џафери еклатантно ги кршел одредбите од Уставот.

Претседателот на Собранието Талат Џафери преку соопштение одговори на поднесената интерпелација која, како што наведе, „содржи низа невистини и претставува груб обид за манипулација“.

Г7 се договараат за ограничување на цената на руската нафта

Лидерите на Г7, 27 јуни 2022

Лидерите на земјите на Групата седум (Г7), кои втор ден по ред се состануваат на самитот во Германија, се очекува да се договорат за ограничување на цената на руската нафта, за да се ограничат приходите на Москва од енергенси.

Неколку меѓународни медиуми цитираат американски функционер, според кого, деталите за тоа како ќе функционира ограничувањето на цените, ќе се испеглаат за време на самитот, кој завршува на 28-ми јуни.

Ројтерс цитираше американки функционер кој брифирал на маргините на Самитот на Г7.

„Лидерите на Г7 имаат цел да се лиши Путин од неговиот главен извор на готовина и да се намали цената на руската нафта за да се ублажи влијанието на војната на Путин врз цените на горивото“, рече висок претставник на американската администрација.

Групата на седум богати западни земји се обидува да го засили притисокот врз Москва додека се обидува да ја минимизира секоја штета што може да им се нанесе на нивните економии.

Цените на нафтата скокнаа откако Русија ја започна својата војна против Украина на 24 февруари, бидејќи санкциите го ограничуваат извозот на руската сурова нафта.

Многу западни земји и Европската унија веќе воведоа неколку рунди опсежни санкции против Москва за да го изолираат претседателот Владимир Путин и да ја осакатуваат руската економија во обид да го принудат Кремљ да ја прекине војната.

Белата куќа соопшти дека лидерите на самитот, исто така, ќе преземат невидена долгорочна безбедносна посветеност да и дадат на Украина финансиска, хуманитарна, воена и дипломатска поддршка колку што е потребно, вклучително и навремено обезбедување напредно оружје.

ССМ бара веднаш зголемување на платите

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) Дарко Димовски на протест пред Министерството за финансии, 24 јуни, 2022.

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) Дарко Димовски денеска изјави дека ќе опстојат на барањето за итно линеарно зголемување на платите од 2.806 денари за секој работник.

ССМ утрово го продолжи генералниот штрајк во јавниот сектор со блокада на влезот во Скопје, кај Автокоманда. Блокадата траеше од 7 до 10 часот, а беа пропуштани само возила на итна медицинска помош, полиција, армија и пожарна.

„Македонскиот работник веќе не може да ги издржи ценовните шокови, енергетската и нафтената криза. Централната и локалната власт да издејствуваат веднаш зголемување на платите, апелира Димовски.

ССМ бара од 1 јули работниците да добијат 2.806 денари поголема плата, а бараат и вработените во јавниот сектор да добиваат К-15.

И натаму останува во сила одлуката за генерален штрајк, вработените во јавниот сектор ќе бидат на своите работни места, но нема да извршуваат работни задачи, освен 10 проценти од вработените кои ќе бидат на располагање за потребите на граѓаните.

ССМ најави дека штрајкот ќе продолжи и со други форми на синдикален притисок, а незадоволството на работниците ќе го изразат и на улица.

ССМ започна генерален штрајк на 22 јуни.

Финска и Шведска утре ќе разговараат со Ердоган за членството во НАТО

Tурскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Финскиот претседател Саули Нинисто и шведската премиерка Магдалена Андерсон утре ќе разговараат со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за нивните заглавени кандидатури за НАТО пред Самитот на Алијансата кој треба да се одржи на 30 јуни во Мадрид.

„Претседателот Нинисто утре во Мадрид ќе се сретне со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, шведската премиерка Магдалена Андерсон и со генералниот секретар на НАТО [Јенс] Столтенберг“, објави финското претседателство на Твитер.

Се наведува дека на состанокот ќе му претходи денешната (27 јуни) рунда разговори меѓу финските, шведски и турски претставници во седиштето на НАТО во Брисел.

Руската инвазија врз Украина ги натера Финска и Шведска да поднесат барање за членство во НАТО.

Ердоган рече дека е против приемот на двете земји во Алијансата поради, како што ја нарече, нивната поддршка за „терористички организации“, алудирајќи на забранетата Курдистанска работничка партија и курдската милиција „Единици за одбрана на народот“ во Сирија.

Турскиот претседател исто така ги повика Шведска и Финска да го укинат ембаргото за извоз на оружје, воведено против Турција во 2019 година, поради воената офанзива на Анкара во Сирија.

Ердоган на 25 јуни посочи дека не е постигнат напредок во обидот на Шведска за приклучување во НАТО и го повика Стокхолм да преземе „конкретни активности“ за да одговори на загриженоста на Анкара, соопшти неговиот кабинет.

Турски претставници соопштија дека Анкара не гледа на Самитот во Мадрид како на краен рок за решавање на нејзините приговори.

Петков ја доставил оставката до Собранието

Кирил Петков за време на седницата за недоверба на Владата, 22 јуни, 2022.

Бугарскиот премиер Кирил Петков до Народното Собрание денеска ја достави оставката на владата предводена од него, соопшти бугарската новинска агенција БТА по потврдата од прес-центарот на парламентот.

Оставката на премиерот Кирил Петков и неговиот кабинет дојде по успешното гласање за недоверба на неговата влада во Парламентот, кое го иницираше опозициската партија ГЕРБ, откако партијата „Има таков народ“ (ИТН) на Слави Трифонов ја напушти владејачката коалиција.

Веќе неделава се очекува претседателот Румен Радев да ја започне процедурата за формирање нова влада во актуелното Народно собрание. Тој рече дека ќе започне со консултации со политичките партии веќе во понеделник.

Првиот мандат Радев треба да го додели на „Продолжуваме со промената“ (ПП) како најголема пратеничка група во бугарскиот парламент, која има намера повторно да го предложи Кирил Петков за премиер.

Доколку „Продолжуваме со промената“ не успеат да обезбедат мнозинство и нова влада, претседателот ќе го предаде вториот мандат на ГЕРБ-СДС, која вчера најави дека веднаш ќе му го врати на Румен Радев. Третиот мандат на претседателот на Бугарија избира на која од останатите пратенички групи ќе и го додели.

Доколку третиот обид не успее, Радев назначува преодна влада, го распушта Националното собрание и закажува предвремени избори.

ПП, БСП и Демократска Бугарија (ДБ) веќе рекоа дека ќе преговараат за нов кабинет. Петков ја отфрли опцијата да разговара со лидерот на ИТН Слави Трифонов.

Сегашната владејачка коалиција нема да преговара со ГЕРБ и ДПС, кои ги сметаат за главна причина за корупцијата и заткулисните политики во Бугарија.

Формирањето на нов кабинет во сегашното Народно собрание изгледа тешко, бидејќи трите партии ПП, БСП и ДБ, кои се подготвени да работат заедно, немаат мнозинство меѓу пратениците. Имаат вкупно 99 пратеници. Има шест независни пратеници кои се отцепија од ИТН, но и со нив бројката е се уште далеку од потребното мнозинство од најмалку 121 од сите 240 пратеници.

Кабинетот на Петков ја презеде функцијата во декември 2021 година и беше на власт вкупно шест месеци. Бугарија минатата година имаше три парламентарни избори, како и две преодни влади назначени од претседателот Румен Радев.

Најмалку 155 деца загинале во земјотресот во Авганистан

Урнатини од земјотресот во Авганистан.

Најмалку 155 деца загинале во земјотресот што го погоди југоисточен Авганистан минатата недела, соопшти организацијата за хуманитарна координација на Обединетите нации, OЦХА, во соопштение објавено на 26 јуни.

Во соопштението се наведува дека уште 250 деца се повредени во земјотресот со јачина од 6 степени според Рихтеровата скала.

Земјотресот минататанедела ги погоди планинските села во провинциите Пактика и Хост во близина на границата на Авганистан со Пакистан, срамнувајќи илјадници домови и предизвикувајќи лизгање на земјиштето.

Повеќето од децата што загинале се од тешко погодената област Гијан во Пактика.

Авганистанските талибански власти соопштија дека вкупниот биланс на загинати во земјотресот е 1.150, а стотици други се повредени.

ОН, пак излегоа со малку пониски бројки на загинати, околу 770, иако предупредија дека бројката сепак може да се зголеми.
Дополнително, 65 деца наводно останале сираци или останале без придружба како резултат на катастрофата, додаде OЦХА.

Земјотресот уште повеќе ги истакна слабостите на тврдокорната авганистанска влада. Владата предводена од талибанците е во меѓународна изолација поради кршењето на човековите права. Талибанците дојдоа на власт во август лани, откако меѓународните трупи предводени од САД се повлекоа и авганистанската влада поддржана од ОН пропадна во август.

Детската агенција на ОН на 27 јуни соопшти дека работи на повторно обединување на децата кои биле одвоени од нивните семејства во хаосот од земјотресот.

Колапс на трибина за време на борба со бикови во Колумбија, има жртви

Фотографија преземена од видео снимка од настанот, кога паднала дел од трибина. Ел Еспинал, Толима.

Најмалку четири лица загинаа, а повеќе од 300 се повредени откако во неделата се урна трибина за време на борба со бикови во централна Колумбија.

На снимки од настанот се гледа како паѓа трикатна дрвена трибина полна со гледачи на стадионот во Ел Еспинал, департманот Толима.

Бикот продолжил да талка низ рингот, додека луѓето бегале од урнатините од трибината.

Традиционалната манифестација вклучува и влегување на јавноста во рингот со цел да се бори против биковите.

Гувернерот на Толима, Хозе Рикардо Орозко, соопшти дека загинале две жени, маж и дете. Здравствените власти соопштија дека во болница се лекуваат 322 лица, од кои четворица се на интензивна нега.

Настанот во неделата беше дел од прославата на популарниот фестивал Сан Педро.

Претседателот во заминување Иван Дуке рече дека ќе се спроведе истрага, додека новоизбраниот претседател Густаво Петро ги повика локалните власти да забранат такви настани.

Несреќи и повреди на вакви настани не се реткост во Колумбија. Во саботата неколку луѓе беа повредени за време на борба со бикови во Ел Еспинал. На почетокот на овој месец, едно лице почина откако беше избодено од бик за време на борба со бикови во градот Репелон.

Новиот лидер Петро ги забрани борбите со бикови во главната арена на колумбиската престолнина Богота за време на неговиот мандат како градоначалник.

Бугарскиот премиер Петков официјално ќе поднесе оставка

Бугарскиот премер во оставка Кирил Петков

Бугарскиот премер Кирил Петков денеска, според неговите најави, официјално треба да поднесе оставка на владата предводена од него. На владата на Петков минатата недела и беше изгласана недоверба.

Откако тој ќе ја достави оставката, бугарскиот претседател Румен Радев ќе се консултира со пратеничките групи во Народното собрание и потоа ќе даде мандат за составување нова влада.

Според бугарскиот устав, Националното собрание има право да направи три обиди за формирање на кабинет.

Првиот мандат Радев треба да го додели на „Продолжуваме со промената“ како најголема пратеничка група во бугарскиот парламент, која има намера повторно да го предложи Кирил Петков за премиер.

Доколку „Продолжуваме со промената“ не успеат да обезбедат мнозинство и нова влада, претседателот ќе го предаде вториот мандат на ГЕРБ-СДС, која вчера најави дека веднаш ќе му го врати на Румен Радев. Третиот мандат на претседателот на Бугарија избира на која од останатите пратенички групи ќе и го додели.

Доколку третиот обид не успее, Радев назначува преодна влада, го распушта Националното собрание и закажува предвремени избори.

На 22 јуни за недоверба на владата на Петков гласаа 124 пратеници од ГЕРБ, ДПС, Преродба и доскорешниот владин партнер „Има таков народ“ на Слави Трифонов.

За останување на владата беа 115 пратеници од „Продолжуваме со промената“, Бугарската социјалистичка партија, Демократска Бугарија и шестмина независни, кои ја напуштија партијата на Трифонов.

По гласањето, премиерот Петков изјави дека тој и неговата партија ќе испратат писма до сите пратеници во кои ќе ги објаснат принципите и целите на евентуалниот следен мандат. Според него, доколку не одговорат, ќе одат на избори.

Гласањето за недоверба го побара главната опозициска партија ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов. Таа ја обвинува владата за погрешни чекори во областа на јавните финансии и економската политика кои доведоа до галопирачка инфлација.
Петков на функцијата премиер е од 13 декември 2021 година.

На Парадата на гордоста во Истанбул уапсени 200 луѓе

Приведен ученик на Парадата во Истанбул

На Парадата на гордоста во Истанбул, која се одржа вчера, се уапсени 200 луѓе, соопштија организаторите. Уапсени се учесници на Парадата и ЛГБТ активисти, а организаторите велат дека полицијата им забранила пристап до нивните адвокати. Дел од приведените потоа во текот на денот биле пуштени од полиција.

Синдикатот на турските новинари соопшти дека многумина биле претепани од полицијата.

Полицијата во Истанбул на 26 јуни го прекина забранетиот марш на гордоста и приведе десетици демонстранти кои маршираа во градот за правата на ЛГБТ.

Канцеларијата на гувернерот го забрани маршот околу плоштадот Таксим во центарот на Истанбул, но стотици демонстранти кои носеа знамиња со виножито се собраа во близина наспроти забраната.

Нема информации од полицијата или од Канцеларијата на гувернерот за бројот на уапсени.

Здружението Каос ГЛ, кое води кампања за промовирање на правата на ЛГБТ, на Твитер објави дека полицијата во западниот град Измир привела 12 лица и дека едно од нив подоцна е ослободено.

„Сите приведени, исклучиво поради нивното учество на Парадите на гордоста мора веднаш и безусловно да бидат ослободени“, напиша Милена Бујум од организацијата за човекови права Амнести интернешнал на Твитер.

Комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, на 24 јуни ги повика турските власти да ги остават демонстрациите да протестираат и да ја осигураат безбедноста на учесниците на маршот.

Турција беше една од ретките земји со мнозинско муслиманско население што дозволи марш на гордоста во 2003 година. Но, вакви собири се забранети од 2015 година, официјално од безбедносни причини.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG