Достапни линкови

Некултура и неред во Собранието кое стана арена за тесно-партиски битки


Опозициската блокада на Собранието
Опозициската блокада на Собранието

Сегашната ситуација со активниот бојкот на Собранието од ВМРО-ДПМНЕ, според Трошановски од Институтот за демократија, дополнително ќе се одрази врз неговата работа и довербата на граѓаните. Поранешниот спикер Петковски вели дека во Собранието доминираат само тесно партиски интереси.

Не е прв пат Собранието да е во „наелектирзирана“ атмосфера откако некоја од политичките партии ја блокира неговата работа, како што сме и сведоци во изминативе денови. Откако Владата на премиерот Димитар Ковачевски не го прифати барањето на ВМРО-ДПМНЕ за распишување на предвремени парламентарни избори, Собранието за пратениците стана арена за размена на навреди, а не за донесување на закони. Пред активниот бојкот на неговата работа од најголемата опозициска партија работата на Собранието беше обележана со заглавени закони и неизвесно нивно донесување, блокирани комисиски расправи и партиски препукувања за речиси сите важни прашања кои треба да ги разгледува.

Според нашите истражувања и по повеќегодишен раст на оценката од страна на јавноста за работата на Собранието, од минатата година перцепциите се враќаат на ниво од пред седум, осум години и се прилично ниски, вели Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас цивилис“. Причините за таквата состојба, како што наведува, се ковид пандемијата, неактивноста на Собранието и негов бојкот. Сегашната ситуација со активниот бојкот од ВМРО-ДПМНЕ, според Трошановски, дополнително ќе се одрази врз резултатот на законодавниот дом.

„По сите истражувања кои што ги правиме и за квалитетот на дебата и за перцепциите на јавноста за работата на Собранието, она што е евидентно е дека луѓето се помалку во Собранието гледаат простор каде што се случува суштинска, аргументирана дебата и се одвива конструктивен дијалог што резултира со квалитет на закони. И мислам дека иако дел од пратениците се свесни и активно работат на тоа, сепак на ниво на парламентарни групи постои голем ривалитет кој што не вродува со соработка во интерес на државата, туку Собранието е инструментализирано како арена за партиски битки“, вели Трошановски.

Последниве три дена собраниските седници поминуваа во жешка атмосфера, со реплики, барања за промени на дневниот ред, процедурални забелешки и надвикувања и кавги. По тензичното вчерашно усвојување на дневниот ред за време на пауза на Собранискиот канал на МТВ во живо се пренесе и нервозното однесување на претседателот на Собранието Талат Џафери кој им вика на вработените во собраниските служби.

На ова реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ со барање оставка од Џафери поради, како што велат, непристојното однесување.

„Фрапирани сме од примитивизмот на Талат Џафери, кој ја извршува должноста претседател на собранието, кој мислејќи дека камерите се исклучени ги навредува и со најпогрдни пцовки малтретира вработените во Собранието. Односот на Џафери кој може да се слушне во видео материјал објавен во медиумите е скандалозен, примитивен и целосно недозволив,“ се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Собранискиот спикер Џафери ги навредува вработените
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:19 0:00
Директен линк


Последниот извештај на Институтот за демократија за набљудувањето на квалитетот на Собранието за втората половина на минатата година (јули-декември 2021) покажува дека има пад на квалитетот на дискусијата во споредба со првата половина од годината. На скала од 1 до 10 квалитетот на собраниската дебата е оценет со 5,4. Натаму се додава и дека контролната улога на Собранието останала во втор план.

Директен линк


„Говорниците во 52 проценти од нивните излагања немаа аргументи, додека во 41 отсто слабо аргументираа. Еден или повеќе аргументи се забележани во 7 отсто од дискусијата“, се наведува во извештајот.

Трошановски додава дека граѓаните не сакаат бесконечно одолговлекување на расправите, ниту пак затрупување со амандмани на законски решенија што требало да биде минато со донесување на новиот Деловник.

„Но, за жал не се донесе и токму поради тоа сега има повторно можност преку истите сценарија видени и повторно да се урниса и она што е останато од довербата кон Собранието или пак очекувањата на луѓето. Тоа е формално правниот аспект. Постои аспект на политичка и демократска култура кои што мора да ги гајат партиите, а тоа е културата на политички дијалог во Собранието“, вели тој.

Во голем дел, според него, амандманите од опозицијата изостануваа и кога нема дијалог многу пратеници се чувствуваат отфрлени од процесот на креирање политики кој резултира со вакви екстремни ситуации. Собранието, воедно, како што порачува Трошановски мора да почне да практикува повеќе надзор, кој треба да е ефективен, бидејќи само така суверенитетот од извршната власт ќе се префрли на Собранието, каде што и припаѓа.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ од 10мај почнаа со блокадата на парламентот. До неа дојде откако истече рокот од десет дена кои лидерот Христијан Мицкоски му ги даде на премиерот Димитар Ковачевски за одржување лидерска средба на која ќе се договорат за предвремени парламентарни избори.

Во минатото некои блокади во Собранието и заглавените закони се решаваа на лидерски средби, а потоа пратениците само го изгласуваа она што беше договорено.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG