Достапни линкови

Недостиг од работници, вишок државни службеници и конфузија со платите


Њузлетер 28.04.2023 - Највисоките функционери за април ќе добијат речиси дуплирани плати. Администрацијата е пренатрупана, но ќе нема отпуштања, а квалификувани работници заминуваат во странство.

Дигитализација без отпуштања од работа

Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу најави дигитализација во државата, а истовремено тврди дека има недостиг од вработени во јавниот сектор.
Донекаде е точна оваа констатација на министерот, бидејќи, да, има недостиг од стручни кадри, но, што со оние што нема што да работат. „Ако денеска имате пет луѓе кои имаат ист опис на работното место, тогаш не ви требаат тие пет и најверојатно на тројца ќе треба да им дадете да работат нешто друго“, вели Алиу. Што е тоа друго, не прецизираше. Тој потврди дека во администрацијата има 129.374 вработени, плус две до три илјади со договор на дело.

Стратегии за реформа на јавната администрација најавува секоја влада, а ниедна досега не ја спроведе. Европската Унија во секој годишен извештај, меѓу другото, нотира дека има многу слаб напредок на ова поле.

Кој ќе работи во најавената Агенција за борба против сајбер напади?

Влада најави формирање на нова Агенција за дигитализација како одговор на зачестените сајбер напади врз институциите, но сепак останува прашањето дали уште една институција ќе го реши проблемот со сузбивање на ваквите закани.
Иако дел експерти за сајбер безбедност се согласуваат дека е потребно да се централизира во едно тело борбата против сајбер нападите, предупредуваат дека државата ќе има проблем во него да вработи соодветен кадар.

„Сигурно дека ќе има проблем да се обезбеди кадар. Не знам какви се буџетите кои се планираат, бидејќи платата е пресуден фактор за голем број луѓе, “, вели за РСЕ Филип Симеонов – експерт за сајбер безбедност.

Платите се проблем и за домашните бизнисмени

Македонските компании сакаат поголемо учество во колачот од 1.3 милијарди евра за изградба на автопатите од страна на Бехтел и Енка. Ова му го кажаа на вице-премиерот Артан Груби на средбата во Стопанската комора, додавајки дека не сакаат да бидат „измеќари за свои пари“. Отворија дилеми и за тајните клаузули, ризиците, бенефициите...

Домашните бизнисмени се загрижени и за висината на платите, односно дека тие нема да можат да даваат толку високи плати колку што сега се нудат на огласите за работници кои ќе бидат ангажирани за изградба на автопатиштата од Коридорите 8 и 10 Д.
Министерот за економија Крешник Бектеши им одговори дека и домашните компании треба да се прилагодат на висината на платите, особено за струки за кои недостасуваат работници.

Платите НЕ се проблем за највисоките функционери и за пратениците

Да, македонските бизнисмени треба да размислат за платите на работниците, доколку сакаат да ги задржат за да не избегаат во странство.
Но, ќе се прилагодат ли и државните функционери и пратениците на состојбата во државата и ќе ја корегираат ли висината на нивните плати, кои од овој месец се скоро дуплирани?

Претседателите на државата, на Собранието и на Владата за неколку дена ќе добијат повисоки плати за околу 70 илјади денари. Платите на претседателот на Уставниот суд и потпретседателите на Собранието ќе бидат повисоки за околу 60 илјади денари, а на министрите и пратениците за околу 56 илјади.
Претседателот Пендаровски ја повика Владата преку законско решение да го регулира ова прашање. Тој смета дека е „невкусно во време на економска криза да се покачуваат платите кои се исплаќаат од државниот буџет“.
Од Владата не добивме одговор до каде е најавеното разгледување на можностите за намалување на коефициентите за пресметка на плата.

Инфографика - Колкава плата ќе земат државните функционери за април 2023
Инфографика - Колкава плата ќе земат државните функционери за април 2023


Кој ќе се грижи за старите?

Последниот попис покажа дека населението во државата старее. Младите се иселуваат, главно од економски причини, а постарите остануваат сами.
Во Северна Македонија има 5 јавни и 40 приватни установи за сместување на стари лица. Речиси и да нема приватен дом каде што цената за сместување стари лица е пониска од 30.000 денари, или скоро колку една просечна плата. Но, и таму се чека на ред за сместување.

Во одделот „Мајка Тереза“ во рамки на Геронтолошкиот Завод „13-ти ноември“, месечно сместување чини 18.000 денари. Таму има капацитет од 111 легла, но исполнети се само 60 проценти од нив, бидејќи нема доволно персонал кој би се грижел за сите корисници.

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG