Достапни линкови

На законот за JО му требаат јасни одредби, а не правни празнини


Правните експерти советуваат новото законско решение за ОЈО да не содржи правни празнини кои оставаат сомнеж за контроверзни толкувања, туку да има вградено кристално јасно одредби кои ќе се применуваат во пракса. Во спротивно, последиците за правната држава би биле штетни

Првиот човек на Здружението на судии, Џемали Саити предупредува дека политичките пазарења во врска со новиот закон за Јавно обвинителство ќе имаат последици за правната држава и дека сите комбинации на грбот на судството се штетни. Во неделното интервју за радио Слободна Европа, Саити вели дека дека последното законско решение не смее да има правни празнини, туку кристално јасни одредби.

„Сите комбинации на грбот на судството се штетни. Факт е дека суверенот, односно народот преку пратениците ги дефинира постапките. Но, сега би го замолил суверенот да прави помалку процесни празнини и слабости кои би се одразиле во однос на примената во праксата. Сведоци сме дека во стариот закон имаше такви празнини. Затоа треба да се предвидат добри процесни правила за да не дојдеме до ситуација да се занимаваме кој е виновен, судот или обвинителството. Сметам дека пазарењата во текстот на законот ќе бидат помалку видливи, а судиите и обвинителите и политичарите помалку да се повикуваат помалку на Пржино, а повеќе на одредбите во законот. Важно е да има помалку контроверзни, туку кристално чисти и јасни одредби“, вели Саити во интервјуто.

И поранешниот обвинител Александар Наков нема сомневања дека овој закон ќе биде предмет на политички пазарења и дека ако се има предвид досегашното искуство и овој закон ќе ги задоволи политичките интереси.

„Убеден сум дека со новиот предлог закон ќе има партиски пазарења. Праксата покажа дека тоа нема да е добро за правната држава. Преминувавме од црно во бело. Тој филм веќе е виден. Мислам дека партиите се склони да ги гледаат сопствените интереси“, вели Наков.

Според него, правната држава е веќе во колапс и покрај добрите домашни експерти. Затоа смета дека експерт од странство треба да го предводи новото обвинителство.

„Ми се допаѓа решението човек од надвор да биде на чело на ОЈО, од причина што досегашната пракса покажа дека нашите решенија се залудни со вербата дека нешто ќе се промени или нешто ново ќе се случи. Од тие причини мислам дека решението од надвор е веќе нужно“, вели Наков.

Во меѓувреме, предлог законот за јавно обвинителство веќе влезе во собраниска процедура. Претседателот на Собранието Талат Џафери најави дека е можно седницата за прво читање да биде в понеделник, а да биде усвоен кон крајот на август, но само под услов да има консензус.

Од ВМРО-ДПМНЕ не се откажуваат од идејата да подготват свој закон за јавно обвинителство кој тие ќе го предложеле пред пратениците. Засега според она што го изјавува нивниот лидер Христијан Мицкоски, најнеприфатлив е предлогот обвинителката Вилма Русковска да го води Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција. За оваа позиција тој го предлага поранешниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски, против кој пак неодамна ОЈО покрена обвинение за злоупотреби со АКМИС системот додека бил претседател на судот.

И премиерот Зоран Заев деновиве изјави дека не е најсреќен со идејата Русковска да биде шеф на новото обвинителство, но дека во интерес на евроатланските аспирации на државата е што побрзо да се донесе овој закон.

„Јас не ја предложив Вилма Русковска за шеф. И мене не ми се допаѓаше Вилма Русковска едно време, пред 5, 7, 9 години. Кој ме прашува мене за оваа работа, или опозицијата или кој било? Обвинителите ги бира Совет на обвинители, нека си конкурираат таму. Секој обвинител е самостоен во истрагата, субординацијата и координацијата постојат, тие се консултираат со своите шефови. Решението кое ВМРО-ДПМНЕ го бараше преку работните групи беше да се откажеме од самостојноста на СЈО во идниот период, да не биде посебно одделение, туку да го припоиме на веќе постојното одделение за организиран криминал и корупција, и го направивме тоа, изјави деновиве премиерот Зоран Заев.

Од министерството за правда очекуваат своите ставови пратениците да ги кажат во Собранието, а ако имаат забелешки и да поднесат амандмани.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Што треба да знаете

XS
SM
MD
LG