Достапни линкови

Корупцијата во фокусот на посетите на Хан и Рикер


Зоран Заев и Филип Рикер

Меѓународниот фактор останува посветен на тоа земјата да испорача резултати во борбата со корупцијата и организираниот криминал, за што беше формирано и СЈО, велат аналитичари во пресрет на посетата од еврокомесарот Хан и американскиот висок дипломат Рикер.

Еврокомесарот Јоханес Хан в четврток, а американскиот висок дипломат Филип Рикер в петок ќе ја посетат земјава и ќе се сретнат со политичкиот врв. Тие доаѓаат во време кога во земјава актуелно е носењето на законот за јавно обвинителство со кое треба да се реши судбината на СЈО. Шефицата на ова обвинителство Катица Јанева, пак, е во оставка, а ОЈО отвори случај „Рекет“ во кој како дел од истрагата и се одземени телефони на специјалната обвинителка.

Аналитичарите велат дека неизоставна тема на средбите со Хан и Рикер ќе биде и СЈО. Токму ова обвинителство беше и создадено на една од средбите под покровителство на САД и ЕУ за излез до политичката криза пред четири години.

Аналитичарот Џељал Незири вели дека меѓународниот фактор останува посветен на тоа земјата да испорача резултати во борбата со корупцијата и организираниот криминал, за што беше формирано и СЈО.

„Целта на посетите е на некој начин да се врати довербата во судството, после скандалот и да се поттикне изнаоѓање решение меѓу сите политички партии да го изгласаат новиот закон за обвинителство и фактички да се продолжи работата на СЈО, односно да се продолжи со истрагите заглавени некаде во фиоките на оваа институција. Најголем проблем што може да се појави, според мене, е немањето договор за тоа кој ќе ја води новата институција. И Рикер и Хан ќе се обидуваат да изнајдат некое решение, како што го поттикнуваа компромисот во 2016, кога се формираше СЈО“, вели Незири.

Eвроамбасадорот Самуел Жбогар претходно изјави дека се надева оти Парламентот со консензус ќе го донесе законот за обвинителството. Тој рече дека случајот „Рекет“ покажува оти Јавното обвинителство се бори против корупцијата и не гледа причина за политичка криза.

„Специјалната јавна обвинителка Јанева си поднесе оставка и тоа го имаме предвид. Сега политичките лидери имаат одговорност да најдат решение за идното функционирање на СЈО. Има доволно време да се најде решение. Веруваме дека парламентот ќе го донесе законот со консензус“, рече Жбогар.

За тоа дали дали до 15 септември, кога истекува мандатот на СЈО, може да се донесе новиот Закон за јавно обвинителство се интересирала и американската амбасадорка Кејт Брнс, изјави претседателот на Собранието Талат Џафери по средбата со неа. Тој вели дека законот може да се донесе и до крајот на август, но сè зависи од тоа дали политичките субјекти се усогласени околу законот.

Џафери изјави дека со Брнс разговарале и за евроатлантските интеграции на Македонија и за актуелните случувања со „Рекет“. Тој рече дека се заложиле за ефикасно и соодветно решавање на овој случај.

Законот за обвинителството требаше да биде тема на лидерската средба, која не се одржа, оти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одби да учествува, по што премиерот Зоран Заев најави нов Предлог-законот за јавното обвинителство, кој предвидува СЈО да стане дел од ОЈО и да има ново име Јавно обвинителство за организиран криминал и висока корупција.

Заев рече дека од решавањето на судбината на СЈО зависи и добивањето на датум за преговори од ЕУ.

Незири вели дека без силна институција која ќе се бори против корупцијата и организираниот криминал, како што на почетокот била СЈО, нема да има резултати, а без резултати сме подалеку од ЕУ.

„Има повеќе земји од ЕУ кои се чувствителни на присуство на мафија во одредени земји на Балканот кои се аспиранти за Унијата и нема да гласаат за отворање на преговорите за членство, не само за Северна Македонија, туку и за Албанија и за останатите земји“, вели Незири.

Хан по Скопје оди во Белград, а Рикер во Скопје доаѓа од Атина

Предвидено е еврокомесарот Хан да се сретне со премиерот Зоран Заев, со претседателот Стево Пендаровски и со лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, потврдуваат од Европската комисија. На средбите ќе се разговара за реформите поврзани со ЕУ и европските перспективи на земјата. Од Скопје, Хан заминува за Белград.

Вршителот на должноста помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер, пак, во Скопје доаѓа по посетата на Атина. Од Стејт департментот соопштуваат дека во рамки на посетите се разговара за билатерални прашања и за евроатлантските интеграции на земјава. Рикер, кој беше и амбасадор во Македонија, освен со Заев и Пендаровски, ќе се сретне и со министерот за надворешни работи Никола Димитров и со други владини претставници, соопштуваат од Стејт департментот, а ќе разговара и со пратеници и со претставници на опозицијата.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG