Достапни линкови

Набљудувачите спремни за избори ако кажат здравствените власти


Гласање во вториот круг на претседателските избори 2019

Домашните набљудувачи велат дека се подготвени да ги следат сите препораки на здравствените власти и да ги следат изборите, кога и да се одржат тие.

Домашните набљудувачи велат дека се подготвени за избори, кога и да се одржат тие, со строго придржување до препораките на здравствените власти. Меѓународните набљудувачи од ОБСЕ/ОДИХР, пак, велат дека се спремни да пратат набљудувачка мисија кога изборниот процес повторно ќе почне „зависно од здравствената состојба и можноста за патување и какви било други рестрикции кои ќе ги има тогаш“.

Партиите сè уште не можат да се договорат за датум за одржување на предвремените парламентарни избори. СДСМ инсистира тие да се одржат во првиот можен термин, а како датум го предлагаат 21 јуни. ВМРО-ДПМНЕ, пак, смета дека изборите треба да се одржат на крајот на август или на почетокот на септември. ВМРО-ДПМНЕ смета дека сега нема услови, зашто пандемијата на коронавирус е во полн ек, додека СДСМ дека сега е вистински време, зашто на есен може да има втор бран заболени од вирусот.

Дарко Алексов од Граѓанската асоцијација МОСТ вели дека тие ќе ги следат изборите со 1100 набљудувачи со кои ќе покријат околу 20 отсто од гласачките места.

„Ќе ги почитуваме сите мерки коишто ќе бидат предвидени и пропишани од страна на Комисијата за заразни болести и заштита на здравјето на населението и на Државната изборна комисија. На секои избори, без разлика дали станува збор за набљудувачи коишто веќе го набљудувале изборниот процес или се новорегрутирани набљудувачи, поминуваат обука. Обуката ја правиме преку нашите локални канцеларии ширум државата, со присуство на луѓе од главната канцеларија на МОСТ како главни обучувачи“, вели Дарко Алексов од МОСТ.

Џабир Дерала од невладината Цивил, која ,исто така, мониторира избори, се залага да се воведе електронско гласање, но за тоа ќе биде потребна промена на легислативата.

„Верувам дека ќе се дојде до некое средно решение, дека ќе се направи што е можно поголем напор да се одржи дистанца, таа нова нормалност прилично поинаква од она што го знаеме како претходен начин на живот. На денот на гласање сепак гласачите ќе мора да отидат до гласачкото место и да го стават ливчето во гласачката кутија бидејќи друг законски начин нема“, вели тој.

Од друга страна, поранешниот член на ДИК на предлог на ДУИ, Субхи Јакупи, вели дека земјава нема некое искуство да ги имплементира препораките на здравствените власти во време на пандемија и при тоа да се запазат изборните правила.

„Сите земји кои имаа закажано избори во ова време ги пролонгираа некои за два месеци, за три месеци, некои и за повеќе за да се подготват или да се соочат со тоа како да оди процесот без да се прекршат изборните права и меѓународните стандарди. Мислам дека не можам да кажам со сигурност, земајќи го превид нашиот менталитет, како ќе се почитуваат овие мерки, значи не сум сигурен дека може да кажеме дека ќе имаме некој изборен процес без да ги нарушиме правата и одредбите кои произлегуваат од изборната легислатива“, вели Јакупи.

Тој се сомнева дека мерките за заштита може да се одразат на излезноста.

Пред почетокот на пандемијата, ОБСЕ/ОДИХР најави дека ќе испрати 250 краткорочни набљудувачи, а мисијата ќе има и долгорочни набљудувачи на изборниот процес. Тие сега велат дека се спремни да пратат своја набљудувачка мисија кога повторно ќе почне изборниот процес, во зависност од здравствената ситуација.

„ОДИХР за жал беше принудена да ја запре мисијата за набљудување на предвремените парламентарни избори во Северна Македонија кога изби пандемијата на КОВИД-19. Покрај ограничувањата на патувањата, тоа исто така би можело да го загрози здравјето и безбедноста на нашиот персонал, што секогаш е најважно за нас. Ги информиравме властите дека ОДИХР е спремна повторно да ја прати набљудувачката мисија кога изборниот процес повторно ќе почне, зависно од здравствената состојба и можноста за патување и какви било други рестрикции кои ќе ги има тогаш“, наведува Катја Андруз, портпарол на Канцеларија на ОБСЕ за демократски институции и човекови права ОДИХР со седиште во Варшава во писмениот одговор до Радио Слободна Европа.

Инаку, изборите беа закажани за 12 април, а Собранието се самораспушти на 16 февруари и од тогаш не функционира. Изборите беа одложени поради вонредната состојба предизвикана од пандемијата на коронавирусот. Опозицијата инсистираше на предвремени избори откако земјава не доби датум за преговори со Европската унија на ланскиот есенски самит на западниот блок и покрај сменетото име во Република Северна Македонија.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG