Достапни линкови

ОДИХР ќе прати набљудувачи ако тоа го дозволи здравствената ситуација


Илустрација- логото на ОДИХР

ОДИХР е спремна да ја прати својата набљудувачка мисија откога повторно ќе почне изборниот процес во зависност од здравствената ситуација, вели во писмениот одговор до Радио Слободна Европа Катја Андруз, портпарол на Канцеларија на ОБСЕ за демократски институции и човекови права ОДИХР со седиште во Варшава.

„ОДИХР за жал беше принудена да ја запре мисијата за набљудување на предвремените парламентарни избори во Северна Македонија кога изби пандемијата на КОВИД19. Покрај ограничувањата на патувањата, тоа исто така би можело да го загрози здравјето и безбедноста на нашиот персонал, што секогаш е најважно за нас. Ги информиравме властите дека ОДИХР е спремна повторно да ја прати набљудувачката мисија кога изборниот процес повторно ќе почне, зависно од здравствената состојба и можноста за патување и какви било други рестрикции кои ќе ги има тогаш“, се наведува во одговорот.

РСЕ ја праша канцеларијата на ОДИХР дали би биле во можност да испратат мисија која би ги набљудувала изборите во земјава ако тие се случат во јуни или јули.

Присуството на странски набљудувачи е еден од условите што го поставуваат дел партии за да прифатат одржување на избори. Датумот за избори е тема на разговори на лидерите на седум партии, премиерот Оливер Спасовски и претседателот на Собранието Талат Џафери кај претседателот Стево Пендаровски. Изборите првично беа закажани за 12 април, но одложени поради пандемијата на коронавирусот.

XS
SM
MD
LG