Достапни линкови

Што доколку лидерите не договорат датум за избори?


Архивска фотографија- Лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски
Архивска фотографија- Лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски

Партиите продолжуваат со меѓусебните обвинувања кој сака, а кој бега од избори и на кој не се грижи за здравјето на граѓаните ако има гласање во услови на коронавирус. И од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ засега не зборуваат конкретно за можен бојкот на изборите ако не се постигне договор за датум.

Датумот за избори, веројатно ќе стане извесен по лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски во почетокот на идната недела, но позициите на партиите се јасни. Најмногу на избори сега, во јуни, инсистираат од СДСМ. Од партијата на прашањето што им прави разлика дали гласањето ќе се случи во јуни, јули или август, го отфрлаат август, наведувајќи дека тој месец никогаш немало избори.

„Можно е отворање на граници, можно е зголемување на бројот на заразените. Едно од укажувањата, препораките и мислењето на експертите е дека во периодот што следи, наесен, можно е повторно зголемување на заболени. Друга причина е што државата подолго време е без функционален парламент, единствена земја во Европа што нема парламент, имаме техничка влада, таа добро се справува со состојбите, но таа е влада за организирање на изборите", вели генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски во интервјуто за РСЕ кое во целост ќе го емитуваме во недела.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека за да се случат изборите потребно е да се реализира планот во четири точки кој го предложил нивниот лидер Христијан Мицкоски на средбата кај претседателот Пендаровски.


Во соопштението од кабинетот на шефот на државата, пак, по средбата наведоа дека со консензус било одлучено дека здравјето на граѓаните останува приоритет, да се побара мислење од Комисијата за заразни болести, Државната изборна комисија да достави мислење за временските рокови кои и се потребни за завршување на подготовките за спроведување на изборниот процес и да биде побарано и мислење од Канцеларијата на ОБСЕ/ОДИХР за временската рамка во која може да испратат набљудувачка мисија за изборите.

Но, ниту од ВМРО-ДПМНЕ, ниту до СДСМ не одговараат конкретно на прашањето што ќе се случи ако партиите не се договорат, а се оди на избори, дали опозицијата би бојкотирала.

„Да потенцирам уште еднаш, Заев повеќе не е фактор кој одлучува и е завршена приказна. ВМРО-ДПМНЕ во ниту еден случај не бега од избори и сака избори што поскоро за да си замине оваа криминална влада на СДСМ, но изборите ќе се случат кога здравјето на граѓаните ќе биде безбедно и ќе има услови за организирање избори“, вели Димче Арсовски, портпарол на ВМРО -ДПМНЕ.

На прашањето дали ако опозицијата одлучи да бојкотира, ќе се организираат избори конкретен одговор не дава ниту генералниот секретар на СДСМ.

„ВМРО-ДПМНЕ има единствена цел, а тоа е да бега од изборите и тоа буквално ниту презентира план како што беше најавено, ниту разговараа сериозно на оваа тема на лидерската средба, од една страна, а од друга страна, ние излеговме со конкретни факти, податоци, првенствено базирани на сите информации на Комисијата за заразни болести, од кризниот штаб“, вели Николовски.

Инаку лидерите на седум партии, премиерот Оливер Спасовски и собранискиот спикер Талат Џафери неделава се сретнаа кај претседателот Пендаровски, но постигнаа договор за датум кога би се одржале предвремените парламентарни избори. Тие пак требаше да се одржат на 12 април, но беа одложени поради епидемијата на коронавирусот.

Сега министерот за здравство Венко Филипче вели дека епидемијата стивнува, заразата е под контрола и излезе и со протокол за избори кој го подготвила Комисијата за заразни болести. Тоа всушност беше и една од обврските кои произлегуваа од средбата кај претседателот. И Државната изборна комисија го подготвила своето мислење, а според информациите нејзините членови, изградиле единствено мислење во врска со продолжување на изборниот процес. Тие се согласиле дека сите одлуки што треба да се носат во врска со предвремените избори и продолжување на изборниот процес во контекст на мерките за коронавирусот треба да бидат согласно Изборниот законик и постоечките закони.

Инаку, изборите беа закажани за 12 април, а Собранието се самораспушти на 16 февруари и од тогаш не функционира. До нив, пак, дојде по инсистирањето на опозицијата откако државава не доби датум за преговори со Европската унија на ланскиот есенски самит на западниот блок и покрај сменетото име во Република Северна Македонија.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG