Достапни линкови

Музика „до даска“ - младите меѓу слушалките и ризикот од губење на слухот


Илустрација
Илустрација

Додека експертите предупредуваат дека над 1 милијарда млади на возраст од 12 до 35 години ризикуваат да го загубат слухот поради продолжена и прекумерна изложеност на гласна музика, младите најчесто притискаат „ок“ ако уредот на кој слушаат на слушалки ги извести дека музиката е прегласна

Кога слушам музика најчесто тоа е на слушалки, сакам да е пуштено гласно „до даска“ и ретко или воопшто не размислувам за можните последици врз слухот. Вака размислуваат најголем дел од младите, велат нашите соговорници со кои разговараме околу трендот на користење слушалки за музика, подкасти, видео игри.

Мина Митановска, средношколка
Мина Митановска, средношколка

Средношколката Мина Митановска вели дека дури и кога учи слуша музика, најчесто на слушалки.

„Дневно поминувам околу час до два со слушалки. Најчесто слушам рок музика и нешто гласно, бидејќи многу сакам да ми е „до даска“ волуменот. Но, ако учам нешто тогаш знам и по пет часа да поминам со слушалки. Некогаш размислувам за последиците и можеби треба да почнам малку да го намалувам тонот, ама никако да го направам тоа“, изјави 18-годишната ученичка во гимназијата Орце Николов.

Нејзиниот соученик Лука Кадриќ, пак, вели дека најчесто слуша музика додека е во движење, но секогаш го игнорира предупредувањето од уредот дека музиката е прегласна.

Средношколецот Лука Кадриќ
Средношколецот Лука Кадриќ

„Не внимавам баш на интензитетот, бидејќи најчесто кога слушам музика сакам да е баш онака народски кажано „до даска“ или на максимална јачина. Иако ми стигнува известување дека може да има потенцијално оштетување, секогаш махинално притискам на 'ок' и не се ограничувам. Кога нешто треба потивко да работам, намалувам, но најчесто не поради здравствени причини бидејќи не размислувам баш на тој момент“, вели средношколецот Кадриќ.

Додава и дека неколку негови другари имале несакани ситуации во сособраќајот бидејќи биле со слушалки додека возеле велосипед или тротинет и не обратиле доволно внимание на околината.

Шеснаесетгодишниот Матеј Стојановски, вели дека задолжително вади слушалки кога поминува на пешачки. А во јавен превоз на пример намалува, но од други причини.

Средношколецот Матеј Стојаноски
Средношколецот Матеј Стојаноски

„Најчесто слушам музика на слушалки кога одам во школо или на тренинг на пример, додека сум во автобус. Тогаш внимавам на јачината за да не слушаат другите што слушам јас. Кога сум дома најчесто пуштам на најгласно, бидејќи тоа се песни што сакам да ги слушам и така ми е убаво. Не сум размислувал за можните последици, но ги имам предвид. Mислам дека младите генерално не размислувааат многу за последиците“, вели средношколецот од гимназијата Јосип Броз Тито.

За слушање музика тој ги користи слушалките нешто повеќе од половина час дневно, а кога е дома, на компјутер, три до четири часа е на слушалки додека гледа видеа, филмови, серии и слуша подкасти.

Алармантни бројки како предупредување од Светската здравствена организација

Над 1 милијарда луѓе на возраст од 12 до 35 години ризикуваат да го загубат слухот поради продолжена и прекумерна изложеност на гласна музика и други рекреативни звуци, велат од СЗО.

Организацијата направи истражување на база на научните сознанија за слухот од минатите две децении. Во него, се наведува дека првите знаците за губење на слухот не мора да се појават уште во раната младост. Сепак, има два главни, рани предзнаци.

„Ѕвонењето во ушите може да остане по повторувачко изложување на гласни звуци и тоа може да биде ран знак на губењето на слухот. Другиот ран знак на кој треба да се обрати внимание се потешкотите во разбирање на заднински шумови“, вели Лорен Дилард, консултантка на СЗО.

Младите бараат помош

Во ординациите за уво, нос и грло во последниве години често доаѓаат млади пациенти, а едно од првите прашања на докторите е - дали користиш слушалки? Вакво е искуството на Aлександра Шотаровска Тасевска, специјалист оториноларинголог.

Aлександра Шотаровска Тасевска, специјалист оториноларинголог
Aлександра Шотаровска Тасевска, специјалист оториноларинголог

„95 % од младите велат дека употребуваат и дека тоа трае по неколку часа дневно додека играат компјутерски игри на пример. Оние кои се на онлајн состаноци по 8 часа дневно користат слушалки, затоа што така подобро се чувствуваат, кога на тој начин ги одржуваат состаноците“, изјави докторката Шотаровска Тасевска за РСЕ.

Младите кои бараат помош најчесто се жалат на зуење во уши, намален слух, чувство дека не го разбираат доволно соговорникот или дека имаат потреба да препрашаат што кажал. Најчеста причина е токму употребата, односно злоупотребата на слушалките.

„Таа зависност од употреба на слушалки дефинитивно остава последици. Доказ за тоа е барањето помош на овие млади луѓе. Во нашата ординација најчесто доаѓаат пациенти помеѓу 20 и 30 годишна возраст кои кажуваат дека имаат проблем со слушање на бучава или зуење во ушите“, вели оториноларингологот.

„Нема назад“

Долготрајната употреба на слушалки доведува до трајно оштетување на слушните влакненца кои потоа не си ја вршат својата функција. Прво може да има неправилно треперење, појава на шумолење и зуење, а дури и подоцна може да се појави и неразбирлив говор. Доколку дојде до ова, нема назад, алармира докторката.

„За разлика од други органи во телото кои имаат способност за обновување, кога ќе дојде до нарушување на слушните клетки, веќе нема враќање назад.
Кога веќе треба да се употребуваат слушалки, затоа што современиот начин на живеење тоа го бара, многу е битно да има баланс и да се користат умерено. Не подолго од еден час дневно, а јачината не смее да биде поголема од 60 децибели“, порачува докторката и советува задолжителна пауза по едночасовно користење ако се користат подолго.

Ако веќе се користат, подобро е да се изберат оние кои не влегуваат директно во увото, па подобро е да се користат надворешни, затоа што со нив има некаков баланс на пренесување на звукот, потенцира д-р Шотаровска Тасевска.

„Зголемената звучност значи како ние да сме изложени постојано на звук на моторна пила која работи до увото. Кога слушалките се носат внатре во каналот, јачината на звукот директно удира но тапанчето и на средното уво и тие повеќе го оштетуваат слухот “, истакна докторката.

Таа апелира кога млад човек ќе забележи зуење, бучава, шумолење во ушите или намален слух веднаш да се консултира со специјалист оториноларинголог за навремено да се советува како да продолжи со користењето и да му се дадат совети или превентивна терапија за потхрана на слушните клетки.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG