Достапни линкови

Сеад Кочан и Латас може да куртулат од СЈО


Изрекување на првостепената пресуда во случајот Труст на 20 јули 2018
Изрекување на првостепената пресуда во случајот Труст на 20 јули 2018

Со измените на кривичниот законик изгласани пред нова година, можно е застарување на случаите Тотал и Труст на СЈО, во кои се обвинети бизнисменот Сеад Кочан, Василие Авировиќ, син на пратеничката Владанка Авировиќ и новинарот Драган Павловиќ Латас.

Случаите Тотал и Труст на СЈО може да застарат, според измените на Кривичниот законик кои без изгласани пред нова година, информираат невладините организации кои ги следат реформите во правосудството.

Во случајот Труст беа осудени бизнисменот Сеад Кочан и Василие Авировиќ, син на пратеничката Владанка Авировиќ, но нивниот случај сега е во фаза на жалба пред Апелациониот суд. Во случајот Тотал, пак, е обвинет уредникот на телевизија Сител, Драган Павловиќ Латас.

Со намалувањето на казните се намалија и роковите во кои делото застарува, изјави Дарко Аврамовски од Коалицијата сите за правично судење. Тој посочува дека, според измените, апсолутна застареност на предметот Труст ќе настапи во 2021 година, така што ако Апелациониот суд го врати предметот на повторно судење, постои можност од застарување, вели тој.

„Секако дека тоа нема да биде пречка да се спроведе конфискацијата на имот којашто СЈО ја бара во овој случај затоа што таа не е секогаш врзана со кривичната постапка и водењето на кривичната постапка, но за жал Законот за кривична постапка не е доволно прецизен во овој аспект, па не го регулира прашањето како би се одвивала целата таа постапка за конфискација во случај кога не може да се води кривична постапка“, вели Аврамовски.

Во случајот Тотал, пак, делото може да се преквалификува од даночно затајување во даночна измама, со што делото досега е веќе делумно застарено, односно делата сторени пред 2012 година се веќе застарени, а целосно ќе застари до 2022 година.

Владата предлагаше и измени и на членот 353 од законот, кој се однесува на злоупотреба на службената должност и овластување, но под притисок на јавноста се откажа од ваквиот предлог. Доколку го усвоеше, тоа ќе значеше застарување на уште неколку случаи на СЈО.

Аврамовски посочува дека не постојат доволно појаснувања и образложенија зошто се прават овие измени. Тој рече дека дополнително е чудно да се прават вакви мали измени на Кривичниот закон во ситуација кога има најави дека се прават обемни измени на овој закон.

Невладините ги поздравија измените во Кривичниот законик со кои се заоструваат казните за злосторствата извршени од омраза, како и воведувањето на кривично дело попречување на правдата.

Резултатите од следењето на реформите во правосудството на денешниот брифинг со новинарите ги претставија Коалицијата Сите за правично судење, Институтот за човекови права, Хелсиншкиот комитет на Македонија, Институтот за европска политика, Центарот за правни истражувања и анализи и Институтот Отворено Општество Македонија.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG