Достапни линкови

Младите не ја напуштаат Македонија само од економски причини


Илустрација - патници на аеродром
Илустрација - патници на аеродром

Македонија одамна се соочува со масовно иселување, особено на младите. Според Блажен Малевски, истражувач во здружението на граѓани, Реактор, иселувањето не се должи само на економската состојба, туку се должи на повеќе фактори.

Златко Попов веќе 12 години, веднаш по дипломирањето, се отселил од Македонија, но објаснува дека причината не била само финансискиот аспект.

„Целата социо-политичка ситуација во Македонија едноставно беше мотив да се напушти државата и да се проба нешто друго. Идејата беше да видам како е надвор и дали е подобро или не, а заради револтираноста од нашата држава решив да излезам од неа и мислам дека направив добра одлука“, вели Попов, кому адресата на живеење му е во Соединетите Американски Држави.

Според последниот извештај на Светската банка за „Миграција и одлив на мозоци во Европа и Централна Азија“ објавен лани, во изминатите години, околу една четвртина од населението или приближно 500 000 луѓе ја напуштиле земјата. Британскиот угледен економски магазин „Економист“ ја стави Македонија на осмото место по одливот на мозоци, односно иселувањето на високо-образовани и талентирани луѓе во светот.

Истражувањата во изминатите неколку години покажуваат релативно слични податоци дека една половина од младите сакаат да се иселат, а една третина од нив преземаат чекори за да го направат тоа, вели Блажен Малевски, истражувач во здружението на граѓани Реактор.

„Она што треба да го имаме на ум е дека економската состојба е една перспектива на работите. Но, од друга страна, исто така перспективата на младиот човек што може да постигне во нашата држава. Тука влегуваат во игра други фактори, односно политичките фактори, нестабилноста и непредвидливоста на политиката и оттаму мислам дека економската состојба и перспектива е еден дел од сегментот. Ако навистина сакаме младите тука да си ја видат иднината, треба да разгледуваме малку поопширно, а не само на сегменти на проблемите“, вели Малевски.

Попов се согласува вели дека државата се уште не нуди перспектива за младите, односно не гледа разлика од ситуацијата во минатото и сега.

„Мислам дека нема никакво подобрување. Можеби има само мало подобрување за младите во технолошкиот свет во Македонија. Инаку генералната слика е иста како и пред 12 години“, додава тој.

На одбележувањето на последниот меѓународен Ден на младите, 12 август, младите посочија дека институциите не ги слушаат младите, не соработуваат со нив и ги држат во неизвесност. Затоа, според нив, младите треба да вршат постојан притисок за да ги исполнат своите младински политики.

XS
SM
MD
LG