Достапни линкови

Партиите за младите - од надвор мазно, внатре празно


Патници со маски на скопскиот аеродром, 30.01.2020
Патници со маски на скопскиот аеродром, 30.01.2020

Намалување на иселувањето на младите од земјава и спречување на одливот на мозоци е една од главните политички ветувања кои изминативе години се дел од партиските предизборни програми. Ама тие трендови сепак не запираат. Главните понуди на партиите за младите се вртат околу ослободување од давачи или неповратни средства за стартување на сопствен бизнис, како и подобрување на студентскиот стандард.

Фонд за млади умови, стартап вилиџ, старт ап амбасадори, пари за млади земјоделци, стипендирање на млади таленти, академии за млади претприемачи, програми за приспособување на високото образование кон потребите на пазарот на трудот, како и програми за поддршка на студентите се само дел од понудите на политичките партии во нивните изборни кампањи. Дел од овие партиските понуди се препишани од претходни изборни програми, дел пак се надоврзување на претходни делумно исполнети ветувања и мерки.

Фотогалерија - избори 2020

Студентот на правниот факултет Јовица Јовановиќ е дел од младите кои што не планираат да си ја бараат среќата во некоја од европските земји, но вели дека младите ја чувствуваат разликата од она што е напишано во предизборните ветувања до она што партиите го прават откако ќе дојдат на власт.

„ Знаеме дека повеќе пари имаат излезено со повеќе програми за младите, но и во мојата околина гледам дека многу млади луѓе кои стануваат апатични и не веруваат во ветеното“ вели Јовановиќ.

Неповратни 5 до 15 илјади евра за млади за бизнис, поврат на персонален данок за две години за нововработени до 29 години, бескаматни кредити за млади за дигитализација бизнисот, младински центри во сите 80 општини во државата, реконструкција на студентски домови и подобрување на квалитетот на храната во нив, се дел од ветувањата на владејачката СДСМ.

„Убедени сме дека стапката на невработеност на млади од 15-29 години значително ќе се намали, на ниво под 17% до 2024 година“ е наведено во програмата на владејачката партија СДСМ под паролата „Можеме“.

Од друга страна пак, опозициската ВМРО-ДПМНЕ ветува дека ако дојде на власт ќе ја зголеми флексибилноста на пазарот на труд, со тоа што ќе им овозможи флексибилни работни часови на младите родители и оние кои работат на доедукација, а за работодавците ќе им овозможи пробен период за нововработените каде што работодавците би имале флексибилност да ја оценат нивната работа, како и можноста за ангажирање на средношколци и пензионери за сезонска работа.

„Една од мерките со кои ќе ги задржиме младите во Македонија, всушност, е и оваа мерка, според која младите луѓе до 29 години ќе бидат ослободени од данок на личен доход за нето-приходите на годишно ниво до 6.000 евра во денарска противвредност, за првото вработување“, се вели во програмата. Во еден од изборните видео спотови на ВМРО ДПМНЕ лидерот Христијан Мицкоски враќа млада девојка од аеродром која сака да се исели од земјата.

Андреа Угриноска, заседавач со Европскиот Комитет за Млади при Советот на Европа вели дека иселувањето и невработеноста не се единствен проблем со кој се соочуваат младите во земјава.

„Тоа е еден начин на гледање на младите како на една група на луѓе која не може сама да се снајде во Македонија и е потребна дополнителна поддршка за да биде вработена. Точно е дека имаме проблем со невработеност и треба да се работи на тоа додека не се искорени, но проблемот со одлив на мозоци не е невработеност. Проблемот на одлив на мозоци е тоа што младите бараат поквалитетен живот надвор, младите се спремни да работат за помалку пари надвор од земјава, бидејќи квалитетот на животот е низок“ вели таа.

Угриновска смета дека политичките изборни програми личат на убаво накитена елка, која внатре е малку шуплива.

Таа додава дека во политичката програма се забележува зголемен интерес за млади, но проблемот во тоа што работите се прават половично, како што се на пример изборни програми направени за млади, без при тоа да се вметнат младите луѓе во нив.

„Недостигаат алатките, доколку ние сакаме да им покажеме на младите дека партиите се грижат за нив, дека ќе ги стават во фокусот на својата работа во следниот мандат, прва работа што треба да направат е да номинираат млади кандидати. На пример имаме докази од странство, кога млади се присутни во кампањите, кога се во првите редови, тоа само по себе повлекува младите да гласат. Ние постојано се жалиме дека младите не излегуваат да гласаат, дека се апатични.Па младите се апатични затоа што не гледаат млади кандидат кој може да ги претставува“ вели Угриновска.

Според пратеничките кандидатски листи се забележува дека во нив за разлика од претходните избори има повеќе млади луѓе, но проблемот е што тие се ставени на недобитни позиции, вели Угриновска. Според неа програмите се пишувани како да ќе работат партиите само за младите, но тоа не личи на искрено, затоа што ни една партија не зборува за вистинско младинско учество.

Ниту една од партиите не спомнува во својата програма соработка со Националниот младински совет, тело кое што е формирано за да биде мост меѓу младите и институциите.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG