Достапни линкови

„Не се обесхрабрувајте, успехот е можен“


Македонскиот тим на 24 Јуниорска балканска математичка олимпијада
Македонскиот тим на 24 Јуниорска балканска математичка олимпијада

Младиот Никола Спировски освои златен медал на 24-та Јуниорска балканска математичка олимпијада. Тој сподели дека тремата ја надминува со фокусирање врз задачите.

Македонскиот тим на годинашната 24-та Јуниорска балканска математичка олимпијада имаше голем успех. Тие освоија еден златен, еден сребрен и два бронзени медали. Златниот медалист е Никола Спировски, ученик од IX одделение при скопското ОУ „Ј.Х. Песталоци“, кој годинава втор пат е дел од олимпијадата. Минатата година тој освоил бронзен медал.

„На ниво на олимпијада задачите се навистина тешки и не е возможно да се очекуваат резултати. Сепак ова е втора година како се подготвувам на ова ниво. На минатогодишната олимпијада освоив бронзен медал и оваа година искрено се надевав на подобрување на тој резултат“, вели Спировски.

Никола Спировски, златен медалист на 24 Јуниорска балканска математичка олимпијада
Никола Спировски, златен медалист на 24 Јуниорска балканска математичка олимпијада

Пред се, што те привлекува во математиката?

Мене ме привлекуваат нешта кои се логични, па тоа е и главната причината за мојот интерес во математика.

Како течат прелиминарните натпревари за оваа олимпијада? А како и подготовките потоа?

Најпрво се оддржува општинскиот натпревар, најчесто рано во второто полугодие. Потоа следат регионалниот и државниот натпревар, а најпосле доаѓа јуниорската македонска олимпијада. Шесте најдобри натпреварувачи од ЈММО се испраќаат понатаму да ја претставуваат Македонија на ЈБМО. Подготовките всушност се постојана работа, не почнуваат после ЈММО туку траат преку целата година со решавање на задачи но и со учество на други меѓународни натпревари по математика.

Во кои области од математиката се натпреваруваат учесниците на олимпијадата?

Задачите се најчесто од четири области: теорија на броеви, геометрија, комбинаторика и алгебра.

Покрај математика, кои други предмети ти одат?

Освен математика, мене најмногу ме интересираат природните науки: физика, хемија и биологија.

Што би ги советувал младите за притисокот на натпреварите - како ти го надмина и постигна одлични резултати?

Јас, всушност, никогаш не ја надминувам тремата, и таа самата е целосно неизбежна – пред било каков натпревар. Кога ќе ги добијам задачите, гледам целосно да се фокусирам на нив и заборавам на сета трема. Останатите млади математичари би ги советувал да не се обесхрабуваат од предизвикот на напорна подготовка и тешки задачи. Нашата екипа покажа дека успех е можен.

XS
SM
MD
LG