Достапни линкови

Нова методологија на ЕУ – Можно запирање на преговорите и враќање на почеток


Ќе им се овозможи на земјите-членки на ЕУ да одлучат преговорите за некоја област да не се одржат или во најсериозните случаи, целосно да прекинат. Веќе затворените поглавја повторно може да бидат отворени или ресетирани ако е потребно да се преиспитаат проблемите, стои во нацрт документот на ЕУ.

Со новата методологија на Европската комисија се овозможува запирање или враќање во пристапните преговори во случаи кога земјите кандидати не напредуваат во кое било поле кое е опфатено во пристапниот процес. Државите членки на ЕУ ќе имаат поголема моќ да иницираат суспензија на пристапните преговори, јавува нашата дописничка од Брисел Ѓераќина Тухина.

Оваа методологија нема да се применува на Србија и на Црна Гора, но останува отворена можноста и тие две земји да бидат опфатени ако се сложат.

Ова се клучните елементи на новата методологија на Европската комисија со кои се менува пристапот во преговорите за членство за земјите кои допрва треба да се почнат овој процес.

Радио Слободна Европа имаше увид во овој документ, во кој во повеќе наврати се истакнува условеноста како клучен елемент во целиот процес.

„Иако напредокот во реформите треба да се поттикнува и поопипливо на да се награди, исто така постои потреба за поодлучни мерки со кои пропорционални би се санкционирала секоја сериозна или долготрајна стагнација или дури и заостанување во спроведувањето реформи и исполнувањето на барањата во пристапниот процес“, стои во нацрт-документот.

Повторно отворање на веќе затворените поглавја

Можната стагнација или враќање на процесот треба да се соопшти во годишната проценка на Европската комисија. Се остава можност и државите членки на ЕУ да допринесат во овој процес, така што на Комисијата ќе ѝ јавуваат за каква било стагнација или сериозно заостанување во процесот на реформи.

  • Ќе им се овозможи на земјите-членки на ЕУ да одлучат преговорите за некоја област да не се одржат или во најсериозните случаи, целосно да прекинат.
  • Веќе затворените поглавја повторно може да бидат отворени или ресетирани ако е потребно да се преиспитаат проблемите.
  • Опсегот и интензитетот на финансирање од ЕУ може да се прилагоди пониско, со исклучок на поддршката на граѓанското општество.
  • Предностите на поблиската интеграција, на пример пристап до програмите на ЕУ, едностраните концесии за пристап до пазарите може да се запрат или да се повлечат.

Поблиска интеграција за тие што напредуваат

Условувањето нема да остане ненаградено. Така, Европската комисија ќе инсистира и на јасни услови од самиот почеток. Во документот се споменува дека е важно земјите-кандидати „да ги познаваат референтните вредности врз основа на кои ќе се мери нивниот учинок и дека земјите-членки на ЕУ делат јасно разбирање што точно се бара од кандидатите“.

„Ако државите доволно преминат на реформските приоритети договорени во преговорите, тоа би требало да доведе до поблиска интеграција на земјата со ЕУ, работа на забрзана интеграција и постапно воведување во поединечни политички на ЕУ, пазарот на ЕУ и програмите на ЕУ, со обезбедување на рамноправни услови“, се наведува во нацртот.

Се предвидуваат и зголемени финансиски средства и инвестиции, вклучувајќи го и инструментот претпристапна поддршка, заснован на перформансите и на реформите, и поблиска соработка со меѓународните финансиски институции, за да се обезбеди поддршката.

Да се утврдат најважните и најитни реформи

Преговарачките поглавја ќе бидат групирани во шест тематски кластери. Овие кластери опфаќаат широки теми како што се управување, внатрешен пазар, економска конкурентност и поврзаност. Ќе се овозможи да се утврдат најважните и најитни реформи по секторите, а преговорите за секој кластер ќе бидат отворени во целина по исполнување на почетните мерила.

Иако се предвидува методологијата да се применува само за оние земји кои допрва треба да ги почнат преговорите, останува отворена можноста и Србија и Црна Гора, кои се длабоко во овој процес, да се вклучат во овој начин на преговарање, но тие треба да се согласат со тоа.

Франција ја иницираше новата методологија

Методологијата во пристапниот процес формално се менува по 17 години. Последен пат ова беше направено во 2003 година, во пресрет на најголемото проширување на ЕУ од 2004 година, кога во Унијата одеднаш беа примени 10 нови членки.

Промената ја иницираше Франција, која со ова го условуваше отворањето на пристапните преговори со Македонија и со Албанија.

Франција прва излезе со идеи како треба да се водат идните преговори, а потоа и другите земји-членки дадоа предлози. Новата методологија во голема мера ги задоволува француските барања, но во некои елементи ги зема предвид и предлозите на другите земји.

Методологијата сега треба да ја поддржат земјите-членки на ЕУ. Дури потоа може да се разгледува прашањето за отворање на пристапните преговори со Скопје и Тирана. Тоа веројатно ќе се случи на Самитот во Брисел кон крајот на март.

XS
SM
MD
LG