Достапни линкови

Временска рамка во преговарачкиот процес со ЕУ?


илустрација
илустрација

Дали Северна Македонија ќе добие временска рамка за преговарачкиот процес, ќе зависи од тоа каква ќе биде одлуката на следниот самит на Европската Унија, велат доброупатени извори во Брисел. Домашните аналитичари истакнуваат дека наш фокус треба да биде новата ревидирана преговарачка методологија

Во очекување на официјалното објавување на нацрт предлогот за новата преговарачка методологија, некои европски државници веќе испратија оптимистички тонови за евентуален договор за отворање пристапни преговори со Северна Македонија на самитот во Загреб, во мај годинава. Но, според упатените тоа не значи дека земјите кои во октомври беа најголеми скептици сега го сменија своето мислење, а францускиот предлог е се уште на маса.

Деновиве пораки за охрабрување пристигнаа од новиот еврокомесар за проширување Оливер Вархеји, од германската канцеларка Ангела Меркел и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој неодамна изјави дека во рамки на хрватското претседавање со Унијата на самитот во мај во Загреб, на земјите од Западен Балкан да им се даде јасна европска перспектива, јасна временска рамка, како и методологија за идните преговори.

Извори на Радио Слободна Европа во Брисел посочуваат дека во однос на преговарачкиот процес за Северна Македонија најверојатно ќе има временска рамка. Од таму додаваат дека ако земјава добие позитивна одлука на Советот на ЕУ во март, најверојатно временската (преговарачка) рамка ќе се однесува на одржување на првата меѓувладина конференција која вообичаено се организира кога почнуваат да се отвораат поглавјата во пристапните преговори, но првата е најважна, бидејќи со неа се означува почетокот на преговарачкиот процес.

Од Институтот за европска политика не знаат на што точно мислел Пленковиќ со изјавата за временска рамка, особено затоа што некои од земјите членки се противат на поставување временски рамки за проширувањето. Според директорката на институтот Симонида Кацарска, процесот на проширување континуирано се усложнува.

„Не очекувам Комисијата да излезе со нешто пререволуционерно. Мислам дека ќе се наврати на прашањата коишто беа отворени минатата година во стратегијата која ја објави во февруари 2018 година, каде утврди дека треба да се фокусираме на владеењето на правото, економскиот развој и поопипливи резултати за граѓаните во земјите кои пристапуваат. Она што мислам дека е значајно од наша страна е кој било предлог што комисијата ќе го даде да знаеме дека не е финален и да го промовираме нашиот случај како земја којашто е релативно добро усогласена и споредлива со Србија и Црна Гора наспроти земја која заостанува зад нив“, вели Кацарска.

Професорот Јетон Шасивар од Правниот факултет на Универзитетот на Југоисточна Европа ,пак, вели дека не треба да имаме големи очекувања од изјавите за временска рамка.

„Хрватската иницијатива е за поздравување, но и тука не треба да се имаат некакви големи очекувања, бидејќи сепак за нас најголем успех ќе биде ако на самитот во Загреб се донесе одлука за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија. Ова дотолку повеќе што хрватското претседателство во следниот период до самитот ќе биде соочено со други сложени теми како што се климатските промени, границите на ЕУ, преговорите со Британија, финансиските прашања на Унијата и слично“, вели Шасивари.

Што ќе донесе новата методологија за проширување на Унијата ќе знаеме до крајот на месецот. Ревидираната методологија за пристапните преговори е своевиден одговор на барањата на францускиот претседател Емануел Макрон кој побара темелна реформа на преговарачкиот процес како услов за одобрување на почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија, откако двете земји не добија зелено светло на европскиот самит во октомври лани. Она што е засега е познато во јавноста е дека Франција предложи замена на досегашните 35 поглавја со 7 фази во кои поглавјата ќе бидат поинаку групирани.

„Она што го очекуваме е да се одговори во одредена мера на францускиот предлог, меѓутоа и да се направи одреден компромис, бидејќи другите земји сметаат дека нема потреба од толку голема трансформација на принципот на пристапување. Делумно може да има фокус на прашањето на реверзибилност иако многу познавачи ќе ви кажат дека тоа постои веќе и во самиот процес на пристапување. Не верувам дека овој драфт кој ќе го добиеме на крајот на месецот дека ќе биде финален и дека деталите ќе се утврдуваат до мај“, вели Кацарска.

Според Шасивари пак, новата методологија, која како што вели, не предвидува суштинска измена на преговарачката рамка, земјава може да ја искористи во наша корист, бидејќи се работи за постапно напредување и валоризација на секој наш напредок во секоја фаза од преговарачкиот процес.

„Од друга страна суштински предизвик за Северна Македонија во поглед на новата методологија ќе се состои од задржување на ентузијазмот и мотивацијата за спроведување на потребните реформи, од аспект дека тие реформи ги правиме за доброто на граѓаните а не затоа што се бараат од ЕУ. А, од друга страна ние сепак немаме гаранција дека проширувањето и во иднина ќе се цени според индивидуалните заслуги на секоја држава посебно и да нема блокади во иднина, бидејќи Северна Македонија иако ги исполни критериумите, ЕУ не го исполни ветеното“, вели Шасивари.

Според упатените голем проблем останува и тоа што националниот консензус во однос на евроинтеграциите не успева да се вгради на институционален план, односно дека е потребна посилна соработка помеѓу власта и опозицијата, вклучувајќи го и граѓанскиот сектор.

На самиот во октомври минатата година, Европскиот Совет заклучи дека ќе се наврати на прашањето за проширувањето пред Самитот ЕУ – Западен Балкан во Загреб во мај 2020 година. Тогаш Северна Македонија и Албанија не добија датум за преговори, поради ,пред се, франуцското несогласување со процесот на преговори за прочирувањето на ЕУ.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји при неодамнешната посета на Скопје изрази надеж дека ќе биде донесена позитивна одлука пред самитот на Унијата во Загреб, но додаде и дека до тогаш приоритет треба да биде донесувањето на Законот за јавно обвинителство. Законот за јавно обвинителство не беше официјален услов за давање датум за преговори, но често беше спомнуван и од политичарите на ЕУ, а неодамна и вицепремиерот Бујар Османи рече дека усвојувањето на законот ќе ги зголемишансите за отворање на преговори со ЕУ.

Францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние во неколку наврати посочуваше дека реформите се важни, дека земјата мора да работи на борбата со корупцијата, а дека исто така се важни и изборите и усвојување на законот за обвинителство.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG