Достапни линкови

Брисел го држи во живот проширувањето, а Скопје?


Шарл Мишел, претседател на Европскиот Совет
Шарл Мишел, претседател на Европскиот Совет

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел во дводневна посета на Скопје и тоа само неколку дена по посетата на еврокомесарот за проширување Вархеји. Аналитичарите велат дека интересот на ЕУ за Западен Балкан е очигледен, но оти и земјава треба да го задржи своето досие чисто.

Десеттина дена по посетата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји во Скопје пристигнува и новиот претседател на Европскиот совет, Шарл Мишел. На средбите со претставниците на државниот врв, но и со опозицијата, се очекува да се разговара за новата методологија на преговарање, како и за текот на реформскиот процес во земјава.

Скопје својата посветеност кон реформите и евроатланската ориентација треба да ја покаже преку донесување на законот за Јавното Обвинителство, кој пак веќе подолг временски период не може да се донесе поради недоразбирањата меѓу власта и опозицијата.

Партиите меѓусебно се обвинуваат дека другата страна не сака да го изгласа законот за да си го сокрие криминалот во своите редови. За власта, ВМРО-ДПМНЕ бега од истрагите на СЈО, за опозицијата пак, власта бега од квалитетна институција која нема да замижува пред криминалот. Најголем дел од предметите на СЈО се однесуваа на поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, а меѓу обвинетите има и актуелни пратеници од партијата. За усвојување на законот е потребно двотретинско мнозинство.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска уште ги повика ВМРО-ДПМНЕ да се надминат себе си и да го прифатат законското решение за јавно обвинителство кое треба да биде донесено во Собранието. Тој рече дека се повеќе се нагласува потребата од носење на овој закон од страна на претставници на Европската унија, а се поврзува и со отпочнување на преговорите.

„За сите актуелни случаи и предмети, вклучително и оние на СЈО, мора да се гарантира професионална и ефикасна разрешница. Незаконие и криминал мора да бидат соодветно третирани и професионално разоткривани, односно казнувани. Тоа е можно со обвинителство ослободено од политиката“, рече Заев.

Аналитичарите велат дека наш главен предизвик во однос на евроинтеграциите сега е да се задржи мотивацијата за да се спроведат потребните реформи до крај, од аспект на тоа дека тие се прават за доброто на граѓаните, а не заради Европската Унија.

Земјава е во статус-кво ситуација, а неспорен факт е дека секој изборен циклус ја поместува реформската агенда од зацртаниот пат, вели извршната директорка на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска. Но, според неа, посебно треба да се внимава на пораките кои ги адресира Мишел.

„Само новиот претседател на ЕС, односно Мишел не беше потписник на писмото за поддршка на отворање преговори за Северна Македонија и Албанија, кое летово го потпишаа сите останати лица кои беа на раководни позиции во Европската Унија. Посебно интересно е тоа што тој е Французин и од тој аспект ќе бидат интересни неговите пораки до јавноста. Но, од наша страна, сега е најважно да го држиме нашето досие чисто. Очекувано е дека законот за јавно обвинителство е дополнителен проблем и за него нема консензус кога тој самиот стана услов за нашите преговори“, вели Кацарска.

Посетите на високи европски претставници во земјава покажуваат дека интересот на ЕУ за регионот на Западен Балкан е се уште присутен, оценува стручната јавност.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели пораките на европските претставници треба да се сфатат како „ветер во грб“ за реформите кои треба да се завршат до крај.

„Јас не гледам дека Владата го губи ентузијазмот во однос на европските интеграции и добивањето на датумот. Прво поради посветеноста кон тоа прашање и второ затоа што тоа сигурно би играло голема улога на наредните избори. Јас не сум песимист дека законот за јавното обвинителство нема да се донесе и дури мислам дека ако се донесе може да се надеваме на пријатни вести за државата во наредните месеци“, категоричен е Муслиу.

Пораки за поддршка за европската перспектива на западен Балкан

За време на неодамнешната посета на Скопје, еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Оливер Вархеји ја потврди европската перспектива за Западен Балкан и најави дека повторно ќе биде побаран почеток на преговори за Северна Македонија, за што ќе одлучува Советот во март. Вархеји, исто така, потенцираше дека добар сигнал за Европската Унија ќе биде и доколку законот за Јавно обвинителство биде донесен пред распуштањето на Собранието во февруари.

Во меѓувреме и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен деновиве изјави дека следните шест месеци ќе бидат клучни за односите меѓу ЕУ и Западен Балкан и најави дека ЕК за неколку недели ќе излезе со новата методологија за проширување. Во текот на претставувањето на хрватското претседателство со Унијата во Европскиот парламент во Стразбур, Фон дер Лајен ја повика ЕУ да го одржи моментумот кога станува збор за Западен Балкан.

Хрватска го презеде ротирачкото претседателство со ЕУ на први јануари 2020 година. Еден од приоритетите на Загреб е проширувањето на унијата кон земјите од Западен Балкан, а со тоа и давање на јасна перспектива за преговорите за зачленување на Северна Македонија и Албанија. Пленковиќ изјави дека хрватското претседавање со Европската унија низ мајскиот самит во Загреб ќе им даде на земјите од Западен Балкан јасна европска преспектива, јасна временска рамка, но и методологија на идните преговори за членство во Унијa.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG