Достапни линкови

Лидерите да договорат датум за избори за да нема криза


Претседателот Стево Пендаровски

Нема продолжување на вонредната состојба, потребен е договор за инклузивен изборен процес за избегнување на подлабока политичка криза, изјави денеска македонскиот Претседател Стево Пендаровски. Тој ги повика на лидерска средба само претседателите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Опозицијата одговори дека е подготвена за лидерска средба, но не лицитираше со датуми.

Македонскиот претседател Стево Пендаровски во денешно обраќање до јавноста соопшти дека оценил оти нема потреба од продолжување на вонредната состојба која истекува утре.

Тој нагласи дека сите одлуки за вонредната состојба ги носел по барање на Владата, посочувајќи дека досегашните вакви одлуки не биле донесени поради бројката на заболени од коронавирусот, воведувањето полицискиот час или карантинот.

Претседателот додаде дека сега добил информации од Владата дека се обезбедени доволни количини медицинска и заштитна опрема, а донесени се и економски мерки за поддршка на домашната економија.

„Јас не велам дека нема поголеми бројки заболени, има, меѓутоа вонредната состојба не беше воопшто поради бројката, туку Владата кога нема парламент, да може да одговори на предизвиците во економска и социјално здравствената сфера“, рече Пендаровски.

Со завршувањето на вонредната состојба, според уредбата од Владата, почнуваат да течат и роковите за предвремените парламентарни избори, кои беа стопирани со првото прогласување на вонредна состојба на 18 март. Според толкувањето на владата, позиција која ја застапува и СДСМ, изборите треба да се одржат 22 дена по прекинот на вонредната состојба, односно на петти јули.

ФБ видео - Обраќање до јавноста на македонскиот Претседател Стево Пендаровски, во врска со состојбата на корона кризата, вонредната состојба и парламентарните избори.

На ова се спротиставуваат од ВМРО-ДПМНЕ и претседателот на Државната изборна комисија Оливер Деркоски. Тој тврди дека за организирање на изборите потребни се 35 до 50 дена.

Датумот за избори кој во јавноста го објавува СДСМ е 5 јули, но генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ е децидно дека „тогаш избори нема да има.”

Јанушев на прес-конференција, по обраќањето на Пендаровски, рече дека претседателот донел политичка одлука под притисок на лидерот на СДСМ Зоран Заев, наведувајќи дека тој морал да ја продолжи вонредната состојба и да се издигне над притисоците.

„Кога станува збор за вонредната состојба, нема никаква логика таа да биде стопирана и претседателот Пендаровски тука не е искрен кога вели дека по четири вонредни состојби, денеса вонредна состојба не прогласува поради здравјето на граѓаните, туку за еконосмските мерки. И бројките на новозаразени и бројките во економијата тврдат дека имаме работа со вонредна состојба“, изјави Јанушев.

За понудата на Пендаровски за одржување на лидерска средба, Јанушев рече „не лицитираме со датуми“, но дека се подготвени да седнат да разговараат, без разлика на форматот на разговорите.

Во однос за датумот за избори претседателот Пендаровски рече дека главните несогласувања се меѓу тие две партии и затоа ги повикува лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ да „седнат уште денеска“ и да најдат решение.

Тој смета дека не е потребна лидерска средба во форматот како што досега се одржуваше, бидејќи другите партии немале големи разлики, a нагласи дека има речиси секојдневна комуникација со Заев и Мицкоски.

„Доколку не успееме да се договориме за транспарентен и инклузивен изборен процес тоа ќе значи влез во длабока политичка криза. Ако го погледаме поширокиот регион во кој се наоѓаме и обидите за негова дестабилизација преку хибридните закани и лажните вести, не можеме да исклучиме дека евентуалната правна и политичка криза нема да прерасне во безбедносна“, рече Пендаровски.

Непосредно пред обраќањето на претседателот, лидерот на СДСМ Заев рече дека нема простор за нова лидерска, но остави простор за договор до крајот на утрешниот ден кога завршува вонредната состојба.

„Колку и да сака некој нешто да менува не може, ниту да свикаме Собрание ниту да го менуваме Уставот ниту законите. Единствена алатка ни останува вонредната состојба. Евентуално продолжување на вонредната состојба би имало за овие три дена заради избори, не заради економски причини. Кога теоретски би се постигнал договор за 8 јули, може да се договориме за понеделник и вторник и за гласање на болни изнемоштени лица“, рече Заев.

Инаку првично изборите беа закажани за 12 април, а Собранието се самораспушти на 16 февруари и од тогаш не функционира. Првиот случај на заболен од коронавирус во Македонија беше регистриран десет дена подоцна, на 26 февруари, а претседателот Пендаровски првата вонредна состојба ја прогласи на 18 март. Втората беше со времетраење од 30 дена, а третата и четвртата која истекува в сабота се со времетраење од 14 дена.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG