Достапни линкови

Рестриктивните мерки спасија милиони луѓе од ковид-19


Кондуктер на метрото во Њујорк со заштитна маска за лице по повторното отворање на градот.

Рестриктивните мерки низ целиот свет спречија милиони смртни случаи од коронавирусот, покажуваат најновите истражувања. Во исто време, повеќе земји на големо почнаа да ги олеснуваат или да ги укинуваат забраните со цел да и се даде замав на економијата која, според прогнозите, ќе биде во најлоша ситуација по Втората светска војна.

Најновото истражување на Империјал колеџот во Лондон покажува дека затворањето на деловните згради, продавниците и училиштата спасиле околу три милиони животи во 11 земји - Австрија, Белгија, Британија, Данска, Франција, Германија, Италија, Норвешка, Шпанија, Шведска и Швајцарија.

Една друга студија, спроведена во Соединетите држави пак, заклучува дека карантинот во Кина, Франција, Иран, Италија, Јужна Кореја и САД спречиле уште 530 милиони случаи на ковид-19.

Пациент со ковид-19 со амбулантно возило пренесен на Клиниката за инфективни болести во Скопје, 5 јуни 2020 година
Пациент со ковид-19 со амбулантно возило пренесен на Клиниката за инфективни болести во Скопје, 5 јуни 2020 година

Од друга страна, Светската здравствена организација во понеделникот предупреди дека, како што се подобрува ситуацијата во Европа, така таа се влошува во другите делови на светот, наведувајќи дека 75 насто од новите случаи се регистрирани претежно во Латинска Америка и Јужна Азија.

Растојанието и маските го намалуваат ризикот од Ковид-19

Сепак, многу од земјите во светот, соочени со тешкиот удар од коронавирусот врз нивната економија ги олабавуваат рестриктивните мерки.

Иако тоа го прават постепено, здравствените експерти страхуваат од можно ново разгорување на жариштата на ковид-19.

Повеќето големи градови во земјите, меѓу нив и оние најпогодените како Италија, Шпанија, Британија и Соединетите држави веќе ги олеснија рестриктивните мерки.

Војници и припадници на Руската национална гарда (Розгвардија) патролираат во центарот на Москва, 8 јуни 2020 година
Војници и припадници на Руската национална гарда (Розгвардија) патролираат во центарот на Москва, 8 јуни 2020 година

Од денеска се укинати и строгите рестрикции во Москва со што рускиот главен град е последниот од најголемите градови во светот што стави крај на забраната за движење која беше во сила повеќе од два месеца.

На жителите на Москва, која е најтешко погодена од пандемијата на коронавирус во Русија, повеќе нема да им бидат потребни специјални дозволи за движење низ градот.

Руската потрага по вакцина за коронавирусот е под прашање

На Русите од 9 јуни им е дозволено и да патуваат во странство за да се грижат за болни роднини, за работа, образование или медицински третман, се наведува во указот на премиерот Михаил Мишустин.

Странци можат да влезат во Русија ,исто така, за да се грижат за роднините или да добијат медицински третман.

Русија со повеќе од 476,000 случаи, како што се наведува во извештајот на универзитетот Џонс Хопкинс е трета во светот, зад САД и Бразил по бројот на заразени од коронавирусот.

Олеснувањето на ограничувањата, не само во Русија, доаѓа откако светските берзи продолжуваат да растат, бидејќи токму укинувањето на забраните за движење ги потхранува надежите за релативно брзо глобално економско закрепнување.

Молдавија - Кишињев, Ковид, пост-карантин, Централен пазар
Молдавија - Кишињев, Ковид, пост-карантин, Централен пазар

Откако американскиот „Насдак“ постигна нов рекорд во Њујорк на 8 јуни, азиските пазари денеска забележаа силно тргување.

Берзите се охрабрени и од извештајот за работните места во Соединетите држави, кој излезе во минатата недела и кој покажа изненадувачки пад на американската стапка на невработеност, иако милиони Американци и натаму остануваат надвор од работните места.

Таргетирано против короната за помали штети врз економијата

Во меѓувреме, Светската банка соопшти дека земјите се соочуваат со невидена економска криза што може да повлече милиони луѓе во екстремна сиромаштија.

Во извештајот за Глобалната економска перспектива се проектира годинава економски пад за 5,2 проценти, што е најголем удар по Втората светска војна.

Според извештајот, скоро сите држави во развој ќе забележат пад на приходот по глава на жител, а бројот на луѓе кои живеат во екстремна сиромаштија – тоа пак значи ако живеат со помалку од 1,90 долари на ден - би можело да порасне за 70 милиони до 100 милиони луѓе.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG