Достапни линкови

Ментално здравје на македонската младина - Табу или освестување?


Дискусија за менталното здравје на младите, Скопје, 31.08.2021

Отворајќи различни прашања и споделувајќи секојдневни примери, учесниците во панел дискусијата ‘’Влијанието на различните средини врз менталното здравје на младите’’ бараа заеднички заклучоци преку размена на ставови и пракси. Конечна цел е креирање на документ за јавни политики.

На панел дискусија на тема ‘’Влијанието на различните средини врз менталното здравје на младите’’, организирана од здружението на граѓани „Младите можат“, дебатираа експерти на сцена, со млади во публика.

Целта на настанот беше подигнување на свеста за важноста на влијанието на образовниот систем, семејството и врсниците врз развојот на младите, преку креирање на документ за јавни политики.

„Созреана е свеста кај младите, по тоа што гледам – и во медиумите, овие теми се отвораат и тоа ни дава основа да веруваме дека и возрасните и училиштата и родителите ќе почнат да се менуваат. Затоа што младите го иницираат тој тренд на потреба да се зборува за менталното здравје, а секако и пандемијата од своја страна го актуелизираше ова прашање многу повеќе“, изјави за РСЕ, Ана Поп Ризова, психолог во скопската гимназија „Орце Николов“

Таа ја истакнува потребата од зајакнување на капацитетите на наставниот кадар, па вели дека во процесот на едукација на оние кои ги едуцираат младите, посебно е важно да се зајакне емпатијата како фактор за давање на поддршка.

„Нашиот образовен систем во кој сегашните наставници се воспитувани, беше систем кој не беше многу емпатичен. Сега, мора наставниците во процесот на нивната едукација да сфатат, да научат дека – да, нивната работа во образованието е да пренесуваат знаење, меѓутоа исто така значајно е колку тие ќе имаат капацитет за поддршка и емпатија. Затоа што тоа е подеднакво важно“, истакна психологот.

Ана Поп Ризова, психолог и гешталт терапевтка
Ана Поп Ризова, психолог и гешталт терапевтка

Што ги мачи младите?

Дваесетитригодишниот студент по психологија, Павле Петровски, кој е врснички едукатор во „Младите можат“ и работи како ментор на новата генерација на врснички едукатори, вели дека младите генерално имаат проблем со самодовербата кога треба да споделат проблем.

„Во самите работилници кои сме ги држеле, се нема случено, односно многу се ретки случаите каде некој ја има самодовербата да може да истапи и да сподели личен проблем којшто го доживеал. Така што, предизвик е тој момент. Најмногу ги мачи довербата кон другите луѓе, дефинитивно. Ги мачи стравот од осудување. Бидејќи сепак се работи за адолесценти, во најголемиот дел... Тој момент на – прифатеност во друштвото знаеме дека еден од нивните најважни приоритети“, вели Петровски за РСЕ.

Координаторката за членство во Младите можат, Софија Стојановска, потенцира дека најголемата грижа на младите е да имаат поголема поддршка во сите процеси низ кои минуваат.

„Младите често во средините во кои функционираат, стекнуваат искуство дека не се често поддржани, туку се само форсирани да завршат, односно да стигнат од точка „а“ до точка „б“, а нема информација како ќе стигнат од таму до таму. Многу често или родителите, наставниците или институциите, само бараат од нив одредена задача да биде завршена, а не согледуваат како тоа влијае врз нив“, додава Стојановска

Тркалезна маса за ‘’Влијанието на различните средини врз менталното здравје на младите’’
Тркалезна маса за ‘’Влијанието на различните средини врз менталното здравје на младите’’

„Уште нема излез од категоријата – табу тема“

Младите учесници во дискусијата се согласуваат дека темите кои ги поврзуваат менталното здравје и младите треба често да се дискутираат.

„Некои деца се толку „стиснати“ во себе, што не можат да откријат дека се на некој начин ментално, односно здравствено повредени. Добро е што се случи овој настан, но би требало да има повеќе вакви настани. Мислам дека грижата за менталното здравје сè уште е табу тема меѓу младите“, изјави 15 годишниот средношколец Миле Ивковски за РСЕ.

Студентот Стефан Стојановиќ, пак, вели дека има напредок, но уште постојат многу млади луѓе кои не знаат како може да си помогнат.

„Треба да има повеќе едукација во однос на менталното здравје. Мислам дека одењето на психолог треба да стане, ако не рутински, барем да на биде некоја табу тема, да не биде осудувано од страна на општеството. Сметам дека на факултетите треба да има психолошки служби преку кои на студентите може да им се помогне, бидејќи има доста студенти кои на факултет преживуваат стрес“, вели 20 годишниот Стојановиќ за РСЕ.

Членовите на „Младите можат“, водени од нивниот впечаток дека темата за грижа за менталното здравје се актуелизира, но не е излезена од категорија-табу, сакаат да ја подобрат соработката меѓу различните засегнати страни.

„Сè повеќе се зборува за менталното здравје, не можам да го негирам тоа, но се уште ограничено зборуваме. Кажуваме дека- да, јас се грижам за своето ментално здравје, но кога треба со некој реално да зборувам за своите емоции и чувства и како јас сум влијаел врз некој или друг влијаел врз мене, тогаш веќе сме малку порезервирани и се ограничуваме себеси, така што имаме уште долг пат за излез од табу“, вели Стојановска од „Младите можат“


Koнечната цел на „Младите можат“ е да покажат дека младите навистина можат да направат промени. Па така, велат дека ќе се потрудат заклучоците да стигнат до увото на носителите на одлуки.

„По завршување на сите дискусии, сакаме да организираме уште еден настан на кој ќе го презентираме документот за јавна политика и заклучоците. Нашиве дискусии се конкретно и со препораки. Ги собираме препораките кои се најрелевантни и најчесто спомнувани и ќе ги презентираме на носителите на одлуки, за тие да направат нешто и реално да се преземе нешто системски. Нашата цел е да направиме систем којшто ќе им помогне на младите подобро да се грижат за своето ментално здравје“, додадва координаторката за членство во „Младите можат“

Во текот на процесот на изработка на документот за јавни политики, регионална дискусија од ваков тип ќе има и во Штип, во Гостивар и во Битола. Панел дискусиите се дел од проектот “Ментално здравје – сега е моментот“, кој здружението на граѓани Младите можат во партнерство со Y-peer Македонија, го спроведува како дел од Еразмус плус програмата поддржана од Европската Унија.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG